Достапни линкови

Ќе биде ли „Мал ринг“ продолжена рака на Скопје 2014?


Новиот, ревидиран Детален урбанистички план „Мал ринг“ предизвика големи реакции кај дел од стручната фела. Од Асоцијацијата на архитекти бараат стопирање и преработка на планот кој ,според нив, е доизградба на проектот „Скопје 2014“. Од општината пак, уверуваат дека новиот ДУП е поквалитетен и во интерес на граѓаните

Спомениците и фонтаните на Александар Македонски, Филип Втори и други споменици кои се дел од проектот „Скопје 2014“ повеќе ги нема во новиот и ревидиран Детален урбанистички план „Мал ринг“. Ознаките за овие споменици се избришани, но тоа не значи дека спомениците ќе бидат отстранети, појаснуваат архитектите. За нив не постојат градежни маркици бидејќи не се работи за градежни парцели, па затоа и вообичаено не се впишуваат во урбанистичките планови.

Со измените на планот сплавовите во Вардар и Шпанските скали се отстранети, но останат е деловниот објект во склоп на овој проект, како и споменикот на Мајка Тереза и катната гаража кај Собранието.

Токму споменикот на Мајка Тереза и деловниот објект во склоп на Шпанските скали се најспорни за Асоцијацијата на архитекти, од каде што упатија отворено писмо до општината Центар и побараа да го повлече и преработи Предлог-Деталниот урбанистички план за градска четврт Ц01 Мал ринг 1.Оттаму велат дека „во планот всушност се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“.

„Друго што е спорно е што спомен куќата на Мајка Тереза има статус на заштитен објект, а исто таков статус има Порта Македонија. Неколку пати досега сме кажале дека тие таму не треба ни да бидат, а не пак да бидат заштитени. Од друга страна, не се заштитени објекти како што се Градскиот трговски центар. Главна работа е што овој план всушност е можност да се справите со „Скопје 2014“ и според тоа не може да биде донесен како било кои други“, вели претседателот на УО на Асоцијацијата на архитекти, Мартин Пановски.

Од Општината Центар соопштија дека споменикот на Мајка Тереза има активно одобрение за градба, а за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки. Меѓу другото, со измените избришана е маркичката за катната гаража зад зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.

И додека градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ уверува дека Општина Центар досега не преземала никакви дејствија со кои се нанесува штета на Општината или државата, Пановски вели дека е крајно разочаран и дека нема никакви очекувања од јавната анкета за овој план.

„Очекував дека и некој друг како мене ќе си поднесе оставка на пример од комисијата за урбанизам, но тоа не се случи. Се надевам дека ќе се стопира овој план. Плановите се носат по приоритет. Има многу повеќе проекти кои се приоритетни, а не се носат, туку се носи нешто со кое буквално се дава зелено светло за Скопје 2014. А, да не кажам дека овој план треба да се носи со меѓународен конкурс, тоа е она што се очекуваше од овој план“, вели Пановски.

Професорот Минас Бакалчев пак од Архитектонскиот Факултет смета дека оценката за „Мал ринг“ треба да се дистанцира од политичкиот контекст и дека треба да се доврши она што е започнато.

„Во секој случај обврска кон сите граѓани е нешто што е почнато да се доврши се разбира во некој прифатлив облик. Значи да не одиме во спирала на деструкција, туку да се прифати ситуацијата како еден градежен факт кој или треба да се доврши или да се поместиме од таа локација. Лесно е во политички цели да се каже дека ќе срушите нешто, но архитектонски тоа не е издржано“, вели професор Бакалчев.

Овој ДУП ја задржува и катната гаража кај Собранието, за што пак професорот Бакалчев вели дека не е баш најдоброто решение.

„Катните гаражи сите ги користиме. Се разбира треба да се ослободува градот од притисокот на возилата, но прво треба да ги ослободиме нашите тротоари.. Ние не можеме да се движиме на еден цивилен начин низ градот. Не се работи за Скопје 2014, се работи за првото опкружување. Па поминете во Дебар Маало, паркирани возила,окупирани тротоари и што ние ќе дискутираме за естетика на нешто, кога ние не можеме нужните градски функции да ги обезбедиме. Прво во програмата треба да е ослободување на јавниот простор во функција на граѓаните и довршување на започнатите проекти“, вели проф. Бакалчев.

Градоначалникот Богдановиќ пак на својот фејсбук профил напиша дека овој ДУП ќе биде поквалитетен и во интерес на граѓаните на општина Центар.

„Ние само лошиот ДУП го менуваме со поквалитетен. Против проектот „Скопје 2014“, кој е легален криминал, се бориме со легални средства. Досега како градоначалник, не дозволив да се изградат Шпански скали во Централното градско подрачје, заедно со граѓаните се боревме и не дозволивме да се изгради катна гаража во паркот зад Домот на АРМ. Во Центар сврте бројчаникот, вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од мостот „Око“. Во предлог-планот ги избришавме трите неизградени галии, 15 сендвичарници или киосци, фонтани и споменици, за кои не се започнати управни дејства. Успеавме и да го избришеме „Газебото“ пред МЕПСО, како и да го збогатиме просторот со нови зелени површини (во западниот дел на улица „Орце Николов“)“, напиша Богдановиќ.

Тој додава дека досега поднел 27 кривични пријави до ОЈО за проектот Скопје 2014. Како голем успех го смета проектот што сите државни парцели наменети за згради се пренаменети во објекти за култура.

Од општината Центар соопштија дека за дел од спомениците и фонтаните не смее да се оформуваат градежни парцели како што било правено. Со измените спомениците остануваат како постоечка состојба, но не може да се гради или доградува, како што било предвидено со претходниот план. Од општината велат дека исто така избришани се маркички за трите неизградени сплавови од левата страна на Вардар.

Со новиот план спречено е изведувањето на тремови врз јавен простор на потегот од ТЦ „Сити Галери“ накај Градскиот трговски центар. Избришани се одредбите со кои се условуваат сите нови објекти и реконструкции на постоечките да мора да се прават во дефинирани стилови како барок, и класицизам. Наспроти тоа, има нови одредби за 20 отсто зеленило и задолжително паркирање за возила и за велосипеди во своја парцела.

Локациите за барокни киосци кои не се продадени исто така се избришани и земјиштето останува јавен простор. Претходно биле предвидени 20, сега остануваат само 5 односно оние кои веќе се отуѓени.

Планот „Мал ринг“ за време на мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ претрпе најмногу измени, со што се смени ликот на центарот на градот во барок. Од општината Центар соопштија дека оваа градска четврт е во голем дел реализирана и остануваат мал број градежни парцели за реализација односно можност за развој имаат само 18 од 167 парцели.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG