Достапни линкови

Парцела да е, секој да ја знае


Катастарски парцели кај Тифани во центарот на Скопје
Катастарски парцели кај Тифани во центарот на Скопје

Нова приватизација на државно земјиште во центарот на Скопје обелодени порталот А1ОН, откако претходно Само прашај објави дека парцели во Центар за продаваат за 7 евра за квадратен метар, колку што чини нива во дојранските села.

Три парцели кај зградата „Тифани“ во најстрогиот центар на Скопје од државни стануваат приватни со објаснување од Управата за имотно-правни работи дека се работи за дооформување на парцела, објави порталот А1ОН.

Две од трите парцели, според јавно достапните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, се сопственост на Република Македонија, а една е запишана како сопственост на Општина Центар.

Двете парцели во сопственост на Република Македонија се со површина од 22 и 90 квадратни метри, а парцелата на Општина Центар има 301 квадратни метри. Според информациите на А1ОН досега е одобрена приватизација на 185 квадратни метри. Приватизација на земјиштето побарала фирмата СМС шопс, која заедно со неколку физички лица ја дели сопственоста на соседната парцела.

Општина Центар реагира дека е затечена од решението на Управата за имотно-правни работи во состав на Министерството за финансии да им го одземе правото на користење на земјиштето.

Претходно, на 10 март, редакцијата на „Само прашај“ објави дека Министерството за финансии, два дена пред Нова година, на фирмата на бизнисменот и поранешен пратеник Фатмир Етеми ѝ продала четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, во близина на зградата на Нова Македонија во центарот на Скопје по цена од 7 евра за квадратен метар. Градежникот Етеми, кој на тоа место сака да гради 15-катница, земјиштето го приватизирал за дооформување на парцела. Плацови во центарот на градот се продаваат и по 200-300 пати повисока цена од тоа.

Министерството за финансии и Владата не им одговориле на прашањето колкава површина државно земјиште е приватизирано во изминативе пет години по цени од 1 до 7 евра за квадрат, согласно Уредба којашто е на сила од 2011 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека за продажбата дознал од медиумите и најави измени на уредбата за приватизација на државно градежно земјиште од 2011 година.

Антикорупциската комисија отворила постапка за да го истражи случајот.

Дури и во дојранските села, земјиштето се продава поскапо.

Независната советничка група Шанса за Центар предупреди дека се продава и државното земјиште кое е дел од поранешната фабрика Треска. Општина Центар демантира дека продава земјиште во четири очи и дека општината ниту продава, ниту ќе продава земјиште спротивно на законот.

„За конкретниот случај, со споменатите парцели кај „Треска“ до општината стигнати се 6 предмети за дооформување градежна парцела и 20 предмети за откуп на земјиште под објект и по овие постапки општината сè уште нема одговорено“, реагираа од Општина Центар.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG