Достапни линкови

Штедењето вода не значи само помала сметка


Девојче од Пакистан пие вода од рачна пумпа.
Девојче од Пакистан пие вода од рачна пумпа.

Кризата за вода е еден од најголемите ризици на глобално ниво, според Светскиот економски форум. Во Македонија се уште нема криза за вода, но загубите се големи и жителите трошат многу повеќе од просекот во Европа. Научници велат дека штедењето не значи само намалување на сметките.

Според проценките на Светскиот економски форум, пет од вкупно десет најголеми ризици поврзани со влијанија на глобално ниво се во категоријата животна средина.

Оружјето за масовно уништување се проценува како најголем ризик, но високо на четврто место од листата на глобални ризици е кризата за вода, после неуспешното ублажување и прилагодување на климатските промени, екстремните временски услови и природните катастрофи.

„Значителниот пад на достапност на квалитетна вода и количината на питка вода ќе резултира со штетни ефекти врз здравјето на луѓето и врз економската активност“, се вели во Извештајот на Светскиот економски форум за 2019 година.

Додека, според податоците на Еуростат, жителите на земјите од Европската унија просечно трошат околу 200 литири вода дневно, во Македонија просечната паотрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје во лето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.

Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје велат дека во некои години потребите за вода во Скопје се задоволуваат само од изворот Рашче, но оти има години кога е неопходно одредени количини да се дополнуваат од бунарите.

„Годинава најголема забележана потрошувачка на вода имаше во јуни: 310.496 кубни метри на ден. Ако претпоставиме дека Скопје има околу 550.000 жители, може да се пресмета дека секој жител потрошил околу 560 литри на ден“, велат од ЈП „Водовод и канализација.“

Историски, според податоците на ЈП „Водовод и канализација“, најголема потрошувачка на вода има во јули и август, а рекордна потрошувачка е забележана во август 2017 година.

Оттаму велат дека Рашче има доволно вода за задоволување на потребите, а седумте бунари во бунарските подрачја „Нерези“ и „Лепенец“ можат да се пуштат доколку за тоа има потреба.

Сепак од институцијата посочуваат дела вкупната загуба на вода во текот на годините се движи околу 60 проценти, главно поради технички дефекти, потрошувачка на вода за полевање на градско зеленило, миење улици, чешмички за вода и кражби на вода.

​Македонија се уште не ја чувствува кризата за вода, смета професор Ордан Чукалиев од Земјоделскиот факултет во Скопје. Но, тој посочува дека штедењето на водата е основен елемент, бидејќи како што вели, штедејќи вода штедиме енергија, а штедејќи енергија ги намалуваме емисиите на стакленички гасови.

„Штедењето на вода е многу позитивна еколошка мерка. Намалувањето на загубите, кои пред се ни се во дистрибутивниот систем, се решаваат со воспоставување на нови системи. Она што е дотраено треба да се промени. Загубите може да се намалат, но сето тоа е поврзано со високи инвестиции“, вели Чукалиев.

За домаќинствата, професор Чукалиев вели дека тие се еден од сегментите на кои многу се работи во земјите и регионите каде има криза за вода. Тој посочува дека штедењата на вода во домаќинствата се пред се во непотребната потрошувачка на вода: на пример пуштање на чешмите за водата да се олади, додека во земји како Калифорнија не се дозволува да падне ниту една капка по затворањето на чешмата, вели професорот.

„Многу се однесуваме расипно кон водата, бидејќи се уште не сме ја почувствувале кризата. Сметам дека оваа слатка, питка вода којашто е со извонреден квалитет во голем дел од регионите во Македонија, осбено во Скопје, непотребно ја трошиме на многу работи кои не се поврзани со потребите на домаќинствата, како поливање на градини, тревници, а дури имам и инфорамции дека земјоделски производители наводнуваат со водата од Рашче“, вели Чукалиев.

Тој додава дека овие работи треба да се променат пред се со покачување на јавната свест, односно граѓаните да сфатат дека штедењето на вода не е само намалување на сметката, туку огромен придонес за животната средина, заштеда на енергија и придонес кон глобалното затоплување.

Човек пие вода парк во Скопје.
Човек пие вода парк во Скопје.

И во други научни истражувња се предупредува дека водата е најкритичен ресурс во светот, дури многу покритичен од нафтата. Тоа го наведува Техничкиот универзитет во Данска (ДТУ), во чии истражувања се вели дека кризата со водата многу често е поврзана со прашањата за енергијата, замјоделството и екосистемите.

Научниците велат дека тоа значи оти е потребно да се направат мерења на трошоците во енергетскиот и во земјоделскиот сектор, да се направи баланс меѓу сегашните и идните потреби за вода и да се дојде до објективни, рационални и квантитативни правила на одлучување за менаџирањето на водните ресурси.

Професорите на ДУТ посочуваат дека треба да развиваме научни алатки за поддршка на одлуките за управување со регионалните водни ресурси.

Подземните води се знчаен ресурс, а земјоделството е секторот кој најмногу ги користи. Но прашањето е колку има и каде се наоѓаат овие ресурси? Вкупната количина на питка вода на глобално ниво изнесува само 2,5 отсто од вкупната количина на вода во светот, а 30 проценти од питката вода е од подземните води, додека голем дел од останатиот процент се глечерите и многу мал процент се реките и езерата.

НАСА заедно со други научници од САД направија истражување за да утврдат со колкава количина на подземни води располагаме. Нивните информации се добиени од сателити и покажуваат осиромашување на количините на подземни води во периодот од 2003 година наваму.

На пример, податоците покажуваат дека намалувањето на количината на подземните води во Индија се движи до 20 милиметри годишно, што е голема количина, а дополнителен проблем со намалувањето е тоа што водите се наоѓаат на поголема длабочина што значи поголеми трошоци за нивно испумпување.

Научниците од ДУТ велат дека кога станува збор за земјоделството, различните култури бараат различни количини на вода и според тоа може да се менаџира количината на водата што ќе ја употребиме за земјоделство, но постојат и технолошки решенија за употребата на вода, како што е наводнувањето капка по капка.

Квалитетот на подземните води исто така е поврзан со земјоделството, а некои од главните прашаења се засолувањето и загадувањето на почвите, кои потоа создаваат проблеми со употребата на подземните води за пиење.

Според ДТУ заштитата на подземните води треба да се движиви во насока на подготовка на стратегии за менаџирање водните ресурси и обезбедување на технолошки решенија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG