Достапни линкови

Цвета „бизнисот“ со мигранти низ Македонија, загрижува корупцијата


Транзитниот центар за мигранти Табановце

Во заеднички акции на армијата и полицијата неделно се откриваат по неколку стотици мигранти на “балканската рута“. Намален е бројот на случаи против трговците со луѓе, се наведува во Извештајот на Стејт Департментот со особена загриженост за корупцијата и соучешништво на службени лица.

„Мигрант каснат од змија е починатото лице пронајдено на депонијата Неготино“, „Двајца мигранти починале откако ги удрил воз кај Гевгелија“, „Го уапсиле со дрога, па во викендичката му нашле и 10 мигранти“. Ова се само неколку неодамнешни наслови во медиумите, кои со доаѓањето на летото уште еднаш покажаа дека луѓе умираат додека „цвета“ бизнисот со мигранти во земјава. Иако официјално т.н. балканска рута беше затворена уште во 2016 година, во ниту еден момент не престана движењето мигранти од земји како Авганистан, Сирија или Пакистан, преку Турција и Балканот, па се до посакуваните западни држави.

Јасмин Реџепи, од невладината „Легис“ која го години ја следи состојбата со бегалците, вели дека почестите преминувања на границата се должат на се поголемиот притисок во Грција и Турција, каде има многу бегалски кампови и мигранти. Ако на тоа се додаде стравот од засилување на контролите на македонската граница поради деблокирањето на евроинтеграциите, за Реџепи е очекувано што бројките на нелегални преминувања периодов растат.

„Што повеќе во Европа се забранува влезот на бегалци или мигранти и што повеќе се заоструваат сите тие контроли, толку повеќе тие луѓе кои што ги имаме, тие бегалци кои што се сместени во Грција во случајот даваат повеќе напор за да ја поминат границата, за да стигнат кон својата крајна дестинација, односно кон Европа.Тие користат криумчари, криминални групи коишто честопати се на штета на безбедноста на државата, но и на самите бегалци“, вели Реџепи.

За една недела, според информациите од Центарот за управување со кризи доставени од МВР, во периодот од 4 до 11 јули биле регистрирани вкупно 656 мигранти кои нелегално престојувале во земјава. Најголемиот дел од нив биле од Пакистан - 245, 209 од Сирија, а поголем број мигранти има и од Мароко, Авганистан и Индија. Само на јужната граница пак за шест дена, меѓу 7 и 13 јули Армијата и полицијата фатиле 567 мигранти, додека истиот период во транзитниот центар Винојуг биле регистрирани уште 43 мигранти. Најголемиот дел од нив ќе бидат вратени во Грција, од каде што и доаѓаат. Но, како што забележува Реџепи, десетици мигранти секојдневно успеваат да ја минат границата и да бидат оставени во сива зона, на милоста на криумчарите.

„За секоја забрана доколку нема алтернатива секогаш ќе има криумчари, ќе има луѓе кои лажно се претставуваат дека можат да ги поминат сите нив, кои ќе ги ограбат по пат, ќе им ги одземат животите, и за жал сето тоа останува како црна дамка за нашата земја затоа што ние не сме можеле да ги спречиме тие работи“, смета Реџепи.

По патот на смртта

Патот на мигрантите низ земјава по балканската рута е добро познат. Од јужната граница, главно во околината на Дојран, преку Неготино и Велес, па се до Табановце, каде на илегални премини тие влегуваат кон Србија. Токму на средината на оваа рута, непосредно до железничката пруга е домот на Ленче Здравкин. Во екот на бегалската криза од 2014 до 2016 година, стотици лица секојдневно бараа помош од неа. За храна, вода, преврски. Сега, вели дека само одвреме навреме ќе забележи некој на возот, но веќе не тропаат на нејзината врата. Ако до 2016 година, им беше дозволено пеш или со јавен превоз да се движат низ Македонија, со обврска да ја напуштат земјата за 72 часа, со затворањето на рутата таа можност беше одземена.

Затоа, забележува Здравкин, сега „цути бизнисот на криумчарење“.

„Луѓето се тука, ама не ги гледаме“, вели таа, појаснувајќи дека сега се превезуваат скриени во автомобили, камиони или комбиња на криумчари.

Секоја вест за смрт на пругите ја враќа во 2015 година, кога многу мигранти загинаа пеш поминувајќи ја Македонија. 15 од нив се закопани во масовна гробница во велешко. Само тројца биле идентификувани, а нивните семејства дури годинава успеале да им го посетат гробот, раскажува Здравкин.

Вели дека сите тројца биле многу млади момчиња кои заедно со семејствата по балканската рута патувале кон Германија. По патот биле одвоени во посебни групи, а криумчарите ги уверувале дека ќе бидат споени кога ќе стигнат до целта. Тоа никогаш не се случило.

„Семејствата дојдоа и ги посетија нивните гробишта, меѓутоа се немоќни финансиски да ги земат нивните тела, да си ги однесат во тие земји каде што престојуваат. Не е лесно и не едноставно за останатите се уште. Јас верувам дека ке се најдат уште семејсства, дека ова лудило ќе се стиши, ако ништо друго барем фамилиите да знаат каде се нивните деца“, вели Здравкин.

Во текот на изминатата година од МВР откриле 64 случаи на криумчарење вкупно 815 мигранти од кои третина биле од Пакистан. По официјалното затворање на балканската рута, најголем број премини имало во пандемиската 2020. Тогаш беа откриени над 2700 мигранти , а фатени стотина криумчари. Во првите 6 месеци од оваа година пак биле откриени над 400 илегални мигранти.

„Најголемиот процент од случаите, речиси 75 отсто се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“ ангажирани за справување со оваа криминална активност во јужниот дел од државата“, информираат од МВР.

Но, од друга страна во последниот извештај на Стејт Департментот кој беше синоќа објавен, посочена е и критика за македонските власти за недоволно справување со трговијата на луѓе, иако се прават значајни напори во таа насока.

Според тој извештај, Северна Македонија се наоѓа на второ ниво заедно со осумдесетина земји од светот, меѓу кои се и Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија.

„Локалните полицајци немаат доволно разбирање за трговијата со луѓе, при што не ја известуваат доследно работната група за потенцијални случаи на трговија со луѓе. Набљудувачите пријавиле случаи на од измачување, погрешно постапување до отсуство на дигитален систем за управување со предмети за трговија со луѓе меѓу различни полициски и обвинителски канцеларии“, се вели во извештајот.

Особено загрижува корупцијата и соучесништвото на службени лица во кривичните дела на трговија со луѓе. “Службени лица и набљудувачи и понатаму информираат дека полициски службеници на пониски позиции може да се соучесници во трговијата со луѓе, како на пример преку криење докази, поткуп, промена на маршрутите на патролите за да им помогнат на сторителите на вакви дела, дојавување за рации или директна инволвираност во организиран криминал“, наведува Стејт департментот во делот за Северна Македонија.

Во извештајот за 2021 година, се наведува дека македонските власти презеле напори за судска разрешница на повеќе случаи и развиле пристап што е ориентиран кон посттрауматска заштита на жртвите и децата од трговијата со луѓе. Сепак, се додава дека стандардите во повеќе клучни области не се исполнети.

Тешко до азил во Македонија

На северната граница точка за одмор е транзитниот центар Табановце. Оттаму, се оди кон Србија, за да се стигне најчесто до развиените западни држави. Дел од нив бегаат од воените конфликти, други од нефункционалните системи и неможноста да обезбедат гола егзистенција таму каде што се родени. Кога се во Македонија, единствена опција им е барање азил, за што искуството покажало дека во земјава тешко се добива.

Така, во изминатите десет години биле поднесени над 6000 барања за азил во земјава, од кои статус на признаен бегалец добиле 15 лица, а азил заради субсидијарна заштита 14 лица. Оние кои бараат азил во Македонија државата ги зема под своја закрила, обезбедувајќи им сместување и храна, а ако барањето биде решено позитивно, тогаш ги добиваат скоро сите права како македонските граѓани.

Во единствениот ваков прифатен центар за баратели на азил во Визбегово, во вторникот, на 19 јули биле сместени 9 баратели на право на азил, од кои поголемиот дел се движеле по балканската рута. Тројца се од Авганистан, двајца од Русија и по еден од Тунис, Албанија, Нигерија и Мароко.

Според Реџепи, важно е да се разбере дека никој не може да ги запре мигрантите. Проблемот пластично го објаснува како систем на споени садови- штом има притисок во една држава, луѓето бараат спас надвор од неа. Свесен е дека решението на проблемот не е само во земјава, туку во заедничко дејствување.

„Треба ЕУ да направи начин за регуларно да минуваат и да нема потреба да се користат нелегални начини, криумчари“, вели Реџепи.

Здравкин пак се надоврзува дека нема потреба од страв од мигрантите, затоа што за нив Македонија останува само земја за транзит.

„Никој од нив не би сакал да остане во Македонија, не претставуваат никаква опасност за нашата земја. Секој сака да отпатува, да отиде на подобро, бидејки сите тие имаат по некој веке заминато-дали во Гермнија, Австрија, Франција, Италија, имаат членови на семејства и одат кај нив“, смирува хуманитарката.

Последните недели на јужниот дел од земјава, но и долж автопатот „Пријателство“, зачестени се полициските контроли во потрага по криумчари на мигранти, сведочат граѓани кои често патуваат во овој реон. Во меѓувреме од Владата соопштија дека е продолжена кризната состојба на јужната и северната граница токму поради ризик од мигрантски бранови во летниот период.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG