Вести
Грција не сака повторно да ги живее сцените со мигрантите од 2015 година
Грција нема да толерира никаква инструментализација на ситуацијата во Авганистан и нема да дозволи да се повтори 2015 година во мигрантското прашање, рече денеска портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, на редовниот брифинг со новинари.
Грчката влада по прашањето за Авганистан и евентуален нов мигрантски бран своите активности ќе ги усогласи со Европската унија, рече владиниот портпарол. Тие побарале од ЕУ да се формира заеднички став и да постои заедничко справување доколку дојде до хуманитарна криза.
„Исто така, побаравме јасно да им биде ставено на знаење и на трети земји и на Турција дека нема да се толерира никаква инструментализација на конкретната ситуација“, додаде Иконому.
Тој вели дека силите будно ги следат сите влезни точки во државата.
„Сигурно е дека нема да дозволиме земјата да живее сцени од 2015 година, ниту на островите, ниту на другите влезни точки, ниту на автопатите, ниту на железничките линии, ниту во урбаните средини“, рече портпаролот на грчката Влада. додавајќи дека Грција нема повторно да биде простор во кој секој ќе прави што сака.
Грција беше првата земја на таканачената Балканска мигранстка рута во 2015 и 2016 кога бегалци од Сирија, но и од други земји доаѓаа на европско тло, а понатаму продолжуваа за развиените земји во ЕУ.
види ги сите денешни вести
Четворица мртви во руски ракетен напад врз Одеса
Најмалку четворица цивили, од кои една тинејџерка, беа убиени, а 10 беа ранети рано утрово (11 октомври) во напад на руски балистички ракети врз јужниот украински регион Одеса, соопшти гувернерот Олех Кипер на платформата Телеграм.
„Двокатната зграда во која живееле и работеле цивили е уништена. Четворица беа извлечени од под урнатините, но уште три беа пронајдени мртви, 43-годишна жена, 22-годишен маж и 16-годишна девојка“, рече Кипер, додавајќи дека четвртата жртва, жена, подоцна починала од повредите, а уште четири лица се вво тешка состојба во болница,
Одеса, главниот центар за извоз на жито на Украина, беше постојано напаѓан од руските сили од почетокот на војната.
И градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека главниот град бил цел на руски беспилотни летала рано утрово.
Воената администрација на украинската престолнина подоцна на Телеграм објави дека се соборени сите беспилотни летала, без да го прецизира нивниот број.
Вооружените украински сили се бореа со руските војници во стратешката точка, градот Торецк во источниот регион Доњецк, откако минатата недела го напуштија Вухледар, уште еден стратешки центар во регионот.
Во изминатите 24 часа руските сили извршија нови напади во околината на Времивка, Харкив, Купјанск и Сиверск, соопшти Генералштабот на украинската армија денеска.
Руските вооружени сили редовно ги напаѓаат украинските региони, особено областа Харкив, користејќи различни видови оружје како беспилотни летала за напад и противвоздушни ракети.
Раководството на Русија негира дека руската армија извршува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата во Украина, при што убива цивили и уништува болници, училишта, градинки, енергетски и други објекти.
Украинските власти и меѓународните организации ги квалификуваат овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација.
Најмалку 16 загинати по ураганот Милтон на Флорида
Ураганот Милтон, најсилниот во последните сто години, ја погоди Флорида. Иако неговата јачина се намали од категоријата 5 на 1 пред да стигне до брегот на Флорида, зад себе остави пустош.
Потврдени се најмалку 16 смртни случаи поврзани со овој ураган.
Повеќе од милион и пол се евакуирани, а над 2 милиони луѓе се без струја. Многу области се поплавени, додека нивото на морето се подига, а забележани се и екстремни количества дожд. Најтешко погодени области се Нејплс, Форт Мајерс и Тампа.
Иако Милтон не предизвика катастрофален наплив на вода како што се стравуваше на Флорида, една од многуте држави кои пред две недели ги погоди ураганот Хелена, расчистувањето за некои може да трае со недели или месеци.
„Тоа ви ги отвора очите за тоа што може да направи мајката природа“, изјави Чејс Пирс од Западен Сент Петербург, за Ројтерс.
Петтиот најсилен атлански ураган во историјата, Милтон, би можел да ги чини осигурителните компании до 100 милијарди долари, велат аналитичарите.
Белата куќа вети поддршка од владата бидејќи сѐ уште се утврдува целосниот обем на штетата.
Трамп ја критикуваше владата
Но, републиканецот Доналд Трамп, кој заостанува зад демократската потпретседателка Камала Харис, според неодамнешната анкета на Ројтерс/Ипсос пред претседателските избори на 5 ноември, ги нападна своите противници за тоа како тие се справуваат со закрепнувањето од невремето.
„Федералната влада ... не го направи она што требаше да го направите, особено во однос на Северна Каролина“, рече тој во четвртокот (10 октомври).
Северна Каролина исто така беше силно погодена од ураганот Хелена, а Трамп таму се соочува со тесна битка против неговата противничка.
Харис, која вели дека Трамп шири лаги за одговорот на владата, возврати истиот ден.
„За жал, видовме во последните две недели, од ураганот Хелена и сега веднаш по Милтон, каде луѓето играат политички игри“, рече Харис, без да го именува Трамп.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека на Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе ѝ треба дополнително финансирање од Конгресот, каде републиканците го контролираат Претставничкиот дом, а демократите го контролираат Сенатот и ги повика пратениците да дејствуваат.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, вчера (10 октомври) предупреди дека иако државата го избегнала „најлошото сценарио“, штетата е сепак значителна.
Убиени 20 рудари во пакистански Белуџистан
Неидентификувани вооружени лица застрелале и убиле 20 рудари во југозападната пакистанска провинција Белуџистан, изутрината на 11 октомври, соопшти локалната полиција.
Нападот се случил во рудник за јаглен во областа Дуки во Белуџистан, изјавија за РСЕ локалните власти.
Полицискиот службеник, Хумајун Кан, вели дека напаѓачите користеле и ракетни гранати. Лекарите во болницата во Дуки соопштија дека примиле 20 тела и седум повредени.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Белуџистан, кој е богат со минерали, е потресен од серија милитантни напади од почетокот на годината. Балушките сепаратисти, како што е Ослободителната војска на Белуџистан (БЛА), означена како глобална терористичка организација од страна на Соединетите Држави, се ангажирани во борбата против пакистанската влада.
Политички пораки за 11 Октомври - долг кон минатото, надеж за иднината
Македонските политичари од власта и опозицијата упатија честитки до граѓаните по повод празнувањето на 11 Октомври- Ден на народно востание.
Претседателката Гордана Сињановска Давкова ја истакна благодарноста кон хероите за нивната натчовечка жртва, но и одговорноста кон нив и кон новите генерации, истакнувајќи дека чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
„Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија. Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува“, нагласува Сиљановска Давкова во честитката.
Таа апелира да се надминат меѓусебните делби, за обединување за заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.
Премиерот Христијан Мицкоски по повод празникот, порача дека денеска кога се одбележуваат 83 години од пркоста и желбата за слободна Македонија, народниот дух на пркос и непокор трае и е движечка сила за промени и подобро утре.
„Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет“, порачува Мицкоски.
Во честитката тој истакнува дека „ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правотосистемот и владеење на правото“.
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање по повод 11 Октомври прави паралела на партизанската борба за слобода и сопствена држава во 1941 и денешната битка пред која се исправени граѓаните и државата.
„Ако тогашната битка беше за слобода и човечки правдини, денешните битки се за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија. Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија“, вели Филипче во своето обраќање.
Во честитката апелира победничкиот дух на 11 Октомври да биде водилка во сите битки и одлуки кои се пред нас.
Променливо облачно време со повремен дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне, во северните и источните делови врнежите ќе бидат поројни проследени со ретки грмежи, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 29 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, попладне со повремен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 25 степени.
УХМР најави дека следува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во сабота и понеделник вдолж Повардарието повремено ќе дува засилен северен ветер.
Украинската новинарка Викторија Рошчина почина во руско заробеништво
Украинската новинарка Викторија Рошчина, која исчезнала на териториите окупирани од Русија, е потврдено дека починала во руско заробеништво, објавија украинските власти на 10 октомври.
Веста ја потврди Петро Јаценко, претставник на украинскиот Координативен штаб за третман на воени затвореници, по внатрешна истрага за нејзиното исчезнување.
„Спроведовме внатрешна истрага и за жал, информациите за смртта на Викторија се потврдени“, рече Јаценко.
„Меѓутоа, околностите околу смртта на Рошчина остануваат нејасни и се уште се истражуваат“, додаде тој.
Рошчина, хонорарна новинарка која претходно соработувала со Радио Слободна Европа (РСЕ) и други истакнати украински медиуми, исчезна на почетокот на август 2023 година.
Таа отпатувала од Украина во Полска на 27 јули 2023 година пред да се упати кон териториите окупирани од Русија во источна Украина, според нејзиниот татко, Володимир Рошчин.
Нејзината последна позната комуникација со јавноста беше на 3 август 2023 година. Таа тогаш изјави дека поминала низ неколкудневни гранични контроли, но не кажа каде точно се наоѓа.
Јаценко откри дека се прават напори да се обезбеди ослободување на Рошчина од руското заробеништво, каде што била држена заедно со најмалку 25 други украински новинари. Овие новинари се или приведени или исчезнати во областите под контрола на Русија.
Андриј Јусов од Украинското воено разузнавање потврди дека Рошчина била избрана за размена на затвореници, а според најновите ажурирања таа била префрлена од Таганрог, руски град во близина на украинската граница, во притворниот центар Лефортово во Москва како подготовка за нејзиното ослободување.
Украинските власти сега се обидуваат да разберат што се случило при овој трансфер.
Случајот на Рошчина ги истакнува опасностите со кои се соочуваат новинарите кои известуваат во воените зони. Според Репортери без граници (РСФ), повеќе од 100 украински и странски новинари биле директно погодени од руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.
Неколку украински новинари остануваат приведени или исчезнати на териториите окупирани од Русија во Украина.
Рошчина од самиот почеток ја покриваше целосната руска инвазија на Украина. Во март 2022 година, новинарката беше приведен од ФСБ во окупираниот Бердјанск. Таа беше ослободена 10 дена подоцна.
Викторија Рошчина соработуваше со порталот Украинска Правда, како и Меѓународната фондација за жени кои работат во медиумите (IWMF).
Се одложува примената на новите правила за влез и излез од Шенген зоната
Европската унија (ЕУ) одлучи да ја одложи имплементацијата на новиот систем за влез/излез (ЕЕС) во Шенген зоната, беше потврдено по состанокот на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на 10 октомври.
„10-ти ноември повеќе не е на маса. Се надевам дека ќе започнеме што е можно поскоро, но засега нема нова временска рамка“, потврди еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, по министерскиот состанок.
Таа рече дека Германија, Холандија и Франција им потврдиле на европските институции дека не се подготвени да почнат со имплементација на овој систем, што меѓу другото е и причината за доцнењето.
Овој систем требаше да се имплементира на 10 ноември.
Тоа е автоматизиран ИТ систем за регистрација на патници од трети земји, и оние со краткорочни визи и оние без виза, секој пат кога ќе ја преминат надворешната граница на ЕУ.
Системот треба да го регистрира името на лицето, видот на патната исправа, биометриските податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) и датумот и местото на влез и излез, со целосно почитување на основните права и заштитата на податоците.
Системот е воспоставен во ноември 2017 година, а неговата имплементација неколкупати се одложува.
Примената на системот требаше да се однесува на граѓаните од околу 60 земји, вклучително и земјите од Западен Балкан, за нивен влез во Европската унија и Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се членки на Шенген зоната.
Пасошите во сите земји од Западен Балкан се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и целосно се усогласени со условите што ги бара ЕУ за земјите од Западен Балкан да добијат безвизен режим.
Српскиот парламент не го прифати предлогот за забрана на ископ на литиум
Собранието на Србија со мнозинство гласови го отфрли предлогот на опозицијата за изменување и дополнување на Законот за рударски и геолошки заводи, со кои опозицијата бараше забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор.
Од присутните 214 пратеници, 84 гласале „за“, 128 гласале „против“, додека двајца пратеници не гласале.
Пратениците во српското Собрание четири дена расправаа за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за рударско-геолошки истражувања, што го предложија 86 пратеници од опозицијата.
Српската влада летово го обнови планот на меѓународниот рударски гигант Рио Тинто за отворање рудник за литиум во долината Јадра во западна Србија, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше прекинат.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во расправата од претходните денови рече дека не слушнала никакви аргументи зошто опозицијата бара однапред забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор кога компанијата не ја заврши студијата за влијанието на тој рудник врз животната средина.
Брнабиќ тврди дека рудникот нема да се отвори додека студијата не покаже дали е опасен за животната средина и ја обвини опозицијата дека го „политизира“ проектот.
Пратениците од опозицијата, кои бараат забрана за ископ на литиум, укажаа на негативните последици по животната средина доколку се отвори рудникот и ги обвинија властите дека се „промотори“ на Рио Тинто.
Во претходните месеци протести против отворањето на рудници за литиум беа организирани во десетици градови низ Србија.
Дел од граѓаните и еколошките активисти се против експлоатација на литиум и бор поради, како што наведоа, голем ризик за животната средина.
Рио Тинто претходно во одговор за Радио Слободна Европа изјави дека „домашни и меѓународни експерти потврдија дека проектот Јадар може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.
Сепак, бројни експерти од Србија и од странство посочуваат дека во процесот на експлоатација на литиумот неминовно има и еколошки последици, пред се загадување на речниот слив и на земјиштето.
Активистите во Србија потсетуваат и дека во текот на својата долга историја компанијата Рио Тинто се соочила со неколку обвинувања за уништување на животната средина или за кршење на човековите права.
Зеленски се сретна со Макрон во Париз во рамки на европската турнеја
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше на 10 октомври со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, како дел од напорите за обезбедување дополнителна воена и финансиска помош за Украина.
Европската турнеја на Зеленски и посетата на Франција доаѓа во време кога Киев се соочува со немилосрдни секојдневни воздушни напади и жестока руска офанзива на исток, која постепено напредува.
Зеленски се состана со Макрон по разговорите во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој минатата недела беше во Киев.
Зеленски на мрежата Икс (поранешен Твитер) напиша дека на состанокот со Стармер и Руте ги „изнел деталите“ од неговиот план за пораз на руските сили и додаде дека тој и другите лидери се согласиле да работат на планот заедно.
Зеленски кажа и дека разговарале за трансатлантска соработка и за дополнително воено зајакнување на Украина. Тој не даде детали, но рече дека „ова се чекорите што ќе создадат најдобри услови за враќање на праведен мир“.
Прес-службата на Зеленски соопшти дека тој ќе започне преговори „со клучните партнери од кои зависи воената компонента на нашето зајакнување“.
Портпаролот на Стармер им рече на новинарите дека британскиот премиер „ќе ја повтори железната поддршка на Обединетото Кралство за Украина во тековната руска агресија“.
Украинскиот лидер исто така треба да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, а потоа да отпатува во Рим на средби со италијанската премиерка Џорџа Мелони на 10 октомври и со папата Франциск во Ватикан на 11 октомври.
Зеленски на 11 октомври треба да замине во Германија на консултации со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Инаку Зеленски на 9 октомври присуствуваше на самитот со балканските лидери во Хрватска, каде што ја истакна важноста на европското единство за траен мир.
Учесниците на самитот донесоа декларација со која се осудува руската агресија врз Украина се поддржуваат мировните напори на Зеленски, членството на Украина во НАТО и нејзината реконструкција по војната.
Во Бугарија не постои доволно свест за малцинските права, вели Советодавниот комитет на Советот на Европа
Советодавниот комитет на Советот на Европа за заштита на националните малцинства објави нови мислења со кои се оценува развојот на ситуацијата со националните малцинства во Бугарија и Црна Гора и се даваат препораки до властите на двете земји.
„Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, не можат да се видат истите напори и на внатрешен план. Генерално, има недоволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права. Не е направен никаков напор за спроведувањето на голем број препораки за прашања како што е принципот на слободно самоопределување, поддршка за унапредување и заштита на малцинските права, вклучувајќи ги и јазичните права и потребата да се обезбеди целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија“, оценува Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето шесто мислење за состојбите во Бугарија објавено на 10 октомври.
Комитетот дава препораки до бугарските власти за промоција на културите и јазиците на малцинствата, за негување доверба и меѓусебно почитување, како и подобрување на состојбата со ромското малцинство.
„Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“, пишува во документот.
Советодавниот комитет нагласува дека е потребно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, врз основа на принципот на слободна самоидентификација.
Во извештајот се посочува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија поднесени од здруженија чија цел е заштита на интересите на македонското малцинство во земјата, утврди прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права во врска со слободата на собирање и здружување поврзани со здружението ОМО Илинден и со одбивањата на националните судови да ги регистрираат здруженијата на жалителите.
Комитетот посочува дека Европскиот суд за човекови права оценил оти ваквите судски одлуки се неоправдани и претставуваат „непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата апликанти не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели“.
За Црна Гора, во документот пишува дека и покрај силните политички и општествени турбуленции во земјата во последните пет години, таа останува посветена на правата на малцинствата, останувајќи активна во промовирањето на културите, идентитетите и учеството на националните малцинства во услови на тешки општествените услови.
Комитетот смета дека позицијата на Ромите и Египќаните во Црна Гора е алармантна од некои аспекти, особено во однос на домувањето и здравствената заштита. Комитетот смета и дека припадниците на малцинствата во голема мера се недоволно застапени во
малцинските совети и во политичкиот живот воопшто.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете