Достапни линкови

Глад и сиромаштија по деценискиот конфликт во Сирија


Илустрација - Сириски деца на прозорецот од нивната куќа во главниот град Дамаск, изрешетана од куршуми и шрапнели и излепена со политички постери со ликот на претседателот Асад

Сирија ја одбележува 10-годишнината од бунтот што прерасна во граѓанска војна, а милиони луѓе се втурнати длабоко во сиромаштија и повеќето домаќинства тешко можат да си го обезбедат следниот оброк

Една деценија откако бунтот во Сирија прерасна во граѓанска војна со една од најтешките хуманитарни кризи на почетокот на 21 век, претседателот Башар ал-Асад е цврсто на власт, а и покрај намалувањето на борбите, сириското страдање продолжува - со шокантно огромна сиромаштијата и глад, а најпогодени се децата, пишуваат светските медиуми.

Нагло влошување на економијата

Сирија ја одбележува 10-годишнината од бунтот што прерасна во граѓанска војна, а милиони луѓе се втурнати подлабоко во сиромаштија и повеќето домаќинства тешко можат да си го обезбедат следниот оброк, пишува Асошиејтед прес, нагласувајќи дека нивото на сиромаштија сега е полошо од кога било.

Во време кога Асад се подготвува да се кандидира за четврти седумгодишен претседателски мандат, постојат сомнежи дали тој може да ги преживее економските влошувања по новите американски санкции минатата година и финансискиот колапс во Либан кој е главната врска на Сирија со надворешниот свет. Според АП, ова е дополнителен товар , покрај уништувањето од војната, владината корупција, другите западни санкции што постојат со години и пандемијата на КОВИД-19.

Обединетите нации тврдат дека повеќе од 80 проценти од Сиријците сега живеат во сиромаштија, а високи 60 проценти се во опасност од глад. Валутата падна и сега на црниот пазар изнесува 4.000 сириски фунти за долар, во споредба со 700 пред една година и 47 на почетокот на конфликтот во 2011. Некои експерти тврдат дека сега режимот веќе нема извор на приход, затоа печати пари и ја поттикнува инфлацијата. Цените, пак, растат неколку пати на ден.


Агенцијата додава дека цените на храната се зголемиле за 230% во изминатата година, а многу Сиријци велат дека се уморни од потрагата по основни намирници што повеќе не се достапни. Тешко е да се најдат лекови, млеко за бебиња и пелени. Многу семејства немаат месо и овошје со месеци. Месечната плата на работникот во Сирија сега се движи од 15 до 20 долари, во споредба со околу 170 американски долари пред само една година.

И покрај долгогодишното уништување и борби во кои беа убиени околу половина милион луѓе, а половина од вкупното население (23 милиони жители) беа раселени, Асад останува се уште на власт во Сирија нагласува Асошиејтед Прес. Групата поврзана со терористичката организација Ал-Каеда доминира во северозападната провинција Идлиб, а бунтовниците со поддршка на Турција контролираат делови долж турската граница. Силите на сириските Курди, поддржани од САД, држат околу една четвртина од земјата на северо-исток. Асад, со помош на Иран и Русија, ги контролира останатите.

Зависност од надворешни сили

По повеќегодишно уништување, статистиките за состојбата во Сирија стануваат сè пошокантни. На 90 проценти од сириските деца им е потребна хуманитарна помош за да преживеат, што според УНИЦЕФ е зголемување за петтина од пред една година, пишува лондонскиот „Тајмс“.

Половина милион деца физички заостануваат поради неухранетост. Повеќе од три милиони не одат на училиште, главно момчињата, што е, според лондонскиот весник, застрашувачки показател за идните кризи. Во посебна студија, Црвениот крст откри дека скоро половина од младите Сиријци имаат близок роднина или пријател кој е убиен, додека едно од шест деца има родител убиен или сериозно повреден. Според третото истражување, повеќе од 30 проценти од домовите во Сирија биле оштетени или целосно уништени.

Сега, хуманитарни агенции, верски групи, активисти и политичари бараат акција за запирање на немирите во Сирија и страдањата на нејзиниот народ. Но, како што посочува „Тајмс“, како што беше од самиот почеток, тие не можат да се согласат за тоа што понатаму , додека западните влади инсистираат на одржување на санкциите против режимот.

Од друга страна, сојузниците на режимот, како Русија и Иран, тврдат дека е време да се прифати дека претседателот Асад ја доби војната и дека само ослободувањето од санкциите може да и овозможи на земјата да се обнови и да се храни. Тие се поддржани од сè поголем број гласови на Запад и во регионот. Меѓу нив е и министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдулах бин Зајед, кој минатата недела повика на повторно вклучување на Сирија во Арапската лига, критикувајќи го законот за санкции на САД за Сирија.

Она за што сите страни се согласуваат е дека иднината на Сирија зависи од надворешните сили, а САД, Русија, Турција и Иран се воено настроени, додека Израел, пак, бомбардира.

Надежта дека конечно ќе се постигне победа ги држи во борба режимот и другите фракции - без разлика дали се курдски, џихадисти или бунтовници. Дотогаш, заклучува Тајмс, Сиријците ќе гладуваат се повеќе и повеќе.

Најголемата бегалска криза во светот

Во навидум бесконечната граѓанска војна која одекна далеку од границите на Блискиот исток, покрај бунтовниците и Асад, во конфликтот беа вклучени и САД, Иран, Русија и Турција. На патот, беа воспоставени етнички и религиозни поделби, охрабрено заживување на екстремистичките сили на таканаречената Исламска држава, беа убиени стотици илјади луѓе, а милиони беа раселени, нагласува американското Национално јавно радио (НПР).

Високиот комесаријат за бегалци на ООН посочува дека Сирија останува најголемата бегалска криза во светот. Повеќе од половина од населението на земјата е раселено - вклучително и 5,5 милиони бегалци кои живеат претежно во Турција, Либан, Јордан, Ирак и Египет и други 6,7 милиони внатрешно раселени во Сирија. Според ООН, две третини од раселените се жени и деца.


Иако „борбите во Сирија се значително намалени, сè уште има масовно раселување“, изјави за НПР, Микеле Дан, директор на Карнегиската програма за Блискиот исток, велејќи дека бегалската криза има огромно влијание не само врз регионот, туку и пошироко.

„Не мислам дека е претерување да се каже дека прелевањето на сирискиот конфликт суштински ја дестабилизира Европа“, рече таа, додавајќи дека „имало зголемување на десничарските влади, исламофобија, национализам и голема напнатост во Европската унија “.

Иако режимот можеби го поврати поголемиот дел од земјата, тој исто така беше значително ослабен, посочува НПР, додавајќи дека многу од оние кои се бореа за Асад станаа воени началници .
Хуманитарните организации посочуваат дека здравствените центри и болници, училиштата, комуналните услуги и системите за вода и канализација во Сирија се уништени или оштетени, додека историските знаменитости и некогаш само зафатените од војна пазари, сега се претворени во урнатини.

Додека ООН инсистираат на политичко решение, сирискиот режим досега не покажа вистински знаци за „седнување“ на преговарачката маса. Тој продолжува да врши притисок врз бунтовничките групи кои со помош на Турција ги контролираат северните делови на земјата. Овие области се дом на милиони цивили, од кои многу се внатрешно раселени и живеат во логори. И во североисточна Сирија, додава НПР, нападите на ИСИС повторно растат.

Револуцијата е сè уште отворено прашање

Во 2011 година, Башар ал-Асад и неговата влада само за кратко дејствуваа како „домино“ за да паднат во виорот на продемократските востанија што го зафатија Блискиот исток. Но, 10 години подоцна, Асад е сè уште на власт - пиров победник кој не нуди веродостојни изгледи за помирување на сирискиот народ и остварува ограничен суверенитет над земјата оставен на странските сили, пишува агенцијата Франс Прес.

Кон крајот на јануари 2011 година, немирите што ги срушија диктаторите во Тунис, Египет и Либија станаа познати како „Арапска пролет“ и стана очигледна заразната природа на немирите во регионот. Требаше време , бран протести да ја погодат Сирија, каде демонстрациите беа забранети половина век и каде владеењето на кланот Асад се чинеше посилно од било кое друго место во регионот.

15 март 2011 година, датумот што многу други го користат за да го раскажат почетокот на сириското востание, но тоа не беше првиот ден на протестот, туку, според АФП, денот кога демонстрациите се одржаа истовремено низ цела Сирија.

Она што следеше доведе до најголем конфликт во светот, во почетокот на 21 век. По една деценија неразбирливо насилство и човечка трагедија, борбите стивнаа, ама страдањата не.

„Бевме многу наивни кога ја започнавме револуцијата“, рече истакнатиот сириски активист Мазен Дарвиш, кој сега живее во Париз. "Нашата перспектива беше сентиментална, поетска, романтична. Немавме алатки кога другите - режимот и исламистите - имаа вистински партнери и огромни ресурси", објасни Дарвиш изразувајќи надеж дека револуцијата ќе го преживее владеењето на Асад и дека арапскиот свет започнал процес кој сè уште е во повој.

АФП додава дека судот во германскиот град Кобленц минатиот месец осуди припадник на сириската тајна полиција на четири и пол години затвор за злосторства против човештвото. Пресудата беше прва и даде трошка надеж дека некаква форма на правда може да биде задоволена за жртвите на конфликтот. Но, Асад и неговиот потесен круг не се во непосредна опасност. 55-годишникот, кој дојде на власт во 2000 година, генерално се очекува да обезбеди уште еден мандат на изборите во следните неколку недели.

XS
SM
MD
LG