Достапни линкови

Без паника, храна ќе има доволно


Илустрација - нива посеана со пченка во Пелагонија
Илустрација - нива посеана со пченка во Пелагонија

Луѓето во Македонија не треба да бидат загрижени дека ќе нема храна, велат професори од Земјоделскиот факултет. СЗО, ОН и Светската трговска организација деновиве предупредија дека постои ризик од недостиг на храна во светот како резултат на влијанието на вирусот.

Во време на светска пандемија граѓаните не треба да стравуваат дека ќе останат гладни. Храна има доволно, вели универзитетскиот професор Илија Каров, откако деновиве почна да се шири загриженост дека некои влади би можеле да го ограничат извозот на храна за да се осигураат дека нивното население ќе ја има доволно. Професор Каров истакнува дека ако временските услови продолжат да бидат наклонети како што се во изминатите денови, граѓаните нема да имаат празна трпеза.

"Во овој момент рано е да се даваат црни прогнози дека ќе се соочиме со недостиг на храна. Земјоделците си ја работат својата работа, се трудат да посејат што имаат на располагање. Ако временските услови се наклонети кака што се сега, не треба да постои недостиг на храна. Во некои региони кај нас има вишоци на производи кои може да бидат извезувани, на пример има вишок на градинарски производи и во лозарството и не треба да стравуваме дека ќе има недостиг од храна", вели Каров.

Тој дополнува дека земјоделците се излезени на полињата, ги извршуваат своите активности и ги подготвуваат површините за пролетни култури.

Од увоз Македонија е зависна само од сточна храна, односно од пченица и пченка кои во најголем дел се набавуваат од Србија. Во преработувачката индустрија пак, земјава извезува производи од зеленчуци, но и кондиторски производи.

До коментарот на професор Каров доаѓа откако Светската здравствена организација, Обединетите нации и Светската трговска организација деновиве предупредија дека постои ризик од недостиг на храна во светот како резултат на влијанието на вирусот врз светската трговија и синџирите на снабдување.

„Несигурноста околу достапноста на храна може да предизвика ограничувања на извозот, што може да создаде недостиг на светскиот пазар”, се наведува во заедничкото соопштение на трите организации.

Тие ја нагласуваат и потребата од „заштита на вработените во производството, преработката и дистрибуцијата на храна” за да се минимизира ширењето на вирусот во тој сектор.

Ева што за ова вели професорот Каров:

„Тоа е друг сегмент и друга политика околу затворање на големи капацитети во кои работат на едно место голем број работници. Tоа е друг проблем, а во земјоделството нема таков проблем, тоа се поединечни работници кои одат на поле, ги извршуваат своите земјоделски активности и тука не постои страв дека ќе нема доволно храна“, вели тој.

Инаку, до пред еден месец проблем за земјоделството во Македонија се чинеше дека ќе биде тоа што вештачките езера во почетокот на март беа со драстично намален капацитет или поконкретно повеќето од нив беа испразнети до 70 проценти поради сушната есен и зима.

Но, обилните количини дожд и снег што наврнаа во изминатиот период го вратија оптимизмот кај земјоделците, кои укажуваат дека тие донесоа влага, која беше неопходна да се продолжи со пролетната подготовка на нивите.

Запоставени системи за наводнување

Сепак, последните неколку години сушата беше честа појава во Македонија. Стручните лица велат дека креаторите на аграрната политика пред себе имаат голем предизвик. Како што е познато, системите за водоснабдување во земјоделството се запоставени со години наназад. Според податоците од Земјоделскиот факултет, во Македонија се изградени системи за наводнување за околу 120 илјади хектари. До крајот на 80-тите години наводнувани се 80 до 90 илјади, а сега од 20 до 30 илјади хектари од изградените системи

Професорот Борис Анакиев вели дека има решенија, но оти за тоа се потребни многу пари.

„За да се наводнува цела Македонија каде што има услови да се организира интензивно земјоделско производство треба многу пари. Но и од тие системи што ги имавме изградени во времето на поранешната држава СФРЈ денес може да се реновира нешто. Ние сме изградиле системи за наводнување за 120 илјади хектари, но не знам сега само 20 илјади хектари се наводнуваат со овие системи, другите ги уништивме. Во СФРЈ имаше и сојузни пари за наводнување. Со тие 20 илјади хектари ништо не правиме“, вели професор Анакиев.

Дел од ветувањата на Владата на почетокот од мандатот беа дека ќе издвојува десет милиони евра годишно за системите за наводнување. Од Министерството за земјоделство пред две години најавуваа дека само преку програмата за рурален развој ќе исплатат 12 милиони евра кои се наменети за делот на водоснабдувањето.

Во однос на мерките за избегнување на сушните години експертите објаснуваат дека освен наводнувањето, треба да се направат подготовки за конзервација на вода во почвата, поставување на заштитни мрежи за намалување на сончевиот сјај и температурите во насадите, мерки за подобрување на кореновиот систем на растенијата и условите за нивни развој.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG