Достапни линкови

Идентични мерки против коронавирусот на Западен Балкан


Герила акција во Скопје за држење растојание поради коронавирусот

Идентични мерки во борбата против ширењето со коронавирусот преземаат земјите од регионот во однос на ограничување на движењето и карантинот. Најмногу заболени и жртви има во Грција, која има и најмногу жители.

Во сите држави од регионот властите воведоа слични мерки околу ограничувањето на движењето за спречување на ширењето на коронавирусот. Полициски час нема во Црна Гора и во Бугарија, но има одредени забрани за движење и собири, а најмногу заболени и жртви има во Грција. Сите земји имаат и задолжителен карантин за државјаните кои се враќаат од странство кој се движи од 14 до 28 дена.

Доколку се споредат бројките во Србија, која има речиси ист број на жители со Бугарија, има евидентирано двојно повеќе заболени. Ако се направи паралела меѓу Северна Македонија и Косово кои ,исто така, имаат слична бројка на жители, нашата земја има регистрирано тројно повеќе случаи на коронавирус. Но, Црна Гора која пак има најмал број на жители има речиси идентична бројка на заразени како и во Косово. Сите држави имаат забележано смртни случаи.

Северна Македонија, Србија, Грција и Црна Гора во просек имаат по 100 заболени на милион жители. Бугарија и Косово пак двојно помалку, односно по околу 50 заразени на милион жители.

Целиот Балкан е во идентични околности, а тоа се должи и на сличностите во однесувањето, вели доктор Илбер Бесими.

„Мерките кои се реално превземени во овој дел со ограничување на движење и мерките на претпазливост се тие што реално би требало во вакви случаи да се преземат, согласно оние кои ги дава Светската здравствена организација и Министерството за здравство треба да се почитуваат. Овие мерки сега за сега добро реагираат. Еве веќе влегуваме во третата недела од пандемијата и ние немаме некаков пик на екстремно зголемување на заболените. Но, мислам дека со нашето однесување може да придонесеме да бидеме уште поодговорни и да се влијаеме во намалување на бројот на ширење на болеста и заздравување на заболените“, вели Бесими.

Последната мерка на македонската Влада е воведување на полициски час во текот на викендот од 16 до 5 часот наутро, а претходно за време на работни денови се забрани движење од 21 до 5 часот. Граѓаните постари од 67 години им е забрането движењето од 11 часот до 5, а на лицата од 18 години од 21 до 12 часот. Забранети се и јавни собири на повеќе од 5 лица. Задолжителниот карантин за македонските државјани кои се вратиле од странство е 14 дена. Во земјава последната бројка на заболени изнесува 259 лица и шест смртни случаи.

Во Србија има забрана за движење за време на викендите од од 15 до 5 часот наутро. Граѓаните кои не се постари од 65 години за време на работните денови може да ги напуштаат нивните домови од 5 часот наутро до 17 часот, а на најстарите им е дозволено движење меѓу 3 и 8 часот наутро, за купување на намирници. Самоизолацијата од 14 дена е продолжена на 28 дена. Србија на речиси 7 милиони жители има 741 заболен и 15 смртни случаи.

И во Црна Гора самоизолацијата трае 28 дена. Најмногу по две личности може да бидат заедно на јавно место. Аптеките и продавниците може да работат само до 18 часот. Забрана за движење на граѓаните засега нема. На 620 илјади жители во земјата има 91 заболени и два смртни случаи.

Грција пак, е во целосен карантин, односно граѓаните смеат да излегуваат само за на работа и во итни случаи како пазарување храна, купување лекови, посета на банка, за шетање на нивните миленичиња или за вежбање, сами или најмногу во придружба со уште една личност. Грција од соседните земји има најмногу заразени, односно 1156 лица на речиси 11 милиони жители, како и 39 жртви.

Во Косово забраната за движење важи од 17 до шест часот, освен за здравствени потреби, за производство, набавки и продажба на есенцијални стоки и за услуги и активности кои се во врска со справувањето со пандемијата. Забрана за движење има и во отворени градски зони како плоштадите, освен за околните жителите и персоналот овластен од страна на надлежните власти. Во Косово на 1,7 милиони жители регистрирани се 94 заразени од вирусот и еден смртен случај.

Во Бугарија е забранета посета на паркови, градини, игралишта и други отворени јавни места. Забрането е и движење меѓу градови, освен за одење на работа, медицинска потреба. Граѓаните над 60 години може да одат во продавница во периодот од 8.30 наутро до 10.30 часот. Сите што се враќаат од странство мора да бидат домашен карантин 14 дена. На 7 милиони жители во Бугарија има 354 заболени и 8 жртви.

Голема улога во спречување на ширење на болеста имаат и граѓаните, смета Бесими.

„Јас би апелирал до целокупното население при барање на соодветна медицинска помош кај здравствените работници да бидат искрени во нивните изјави и податоци кои се даваат за да може да се направи соодветна оценка и нивно испитување. Тоа е многу битно за да се прекине тој цел ланец на ширење на епидемијата и на целокупната пандемија во светот“, додава тој.

Засега само во Србија се спомена можноста од воведување на 24 часовен полициски час, доколку како што изјави претседателот Александар Вучиќ, не се промени однесувањето на луѓето. Само Владата на Црна Гора од сите земји јавно објави список на лицата во самоизолација.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG