Достапни линкови

Се празнат рафтовите по маркетите низ Битола


Празни рафтови во маркет во Битола

Стравот од коронавирусот ги испразни и рафтовите во маркетите во Битола. Празни се рафтовите за храна и тие за дезинфекциски средства. Битолчани реагираат дека ваквата атмосфера ги вознемирува и апелираат на совесно и одговорно однесување. Во Битола е формирана и работната група за спроведување на мерки за превенција од болеста.

Прехранбените продукти и средствата за хигиена се празнат во битолските маркети. Стравот од ширењето на коронавирусот и од недостиг на храна и други потребни артикли, ги натераа битолчани да ги полнат количките со производи. Во најголемиот дел од маркетите во Битола, дури и во оние со поголем капацитет, количините леб се разграбуваат за половина час. Покрај лебот, се празнат и рафтовите со брашно, масло, млеко, јајца, тоалетна хартија, паштети, замрзнато пилешко месо, замрзнат пакуван зеленчук.

Битолчани реагираат дека ваквата атмосфера ги вознемирува и апелираат на совесно и одговорно однесување на сограѓаните да купуваат онолку намирници колку што им се потребни на дневна основа за да има за сите.

„Се купува на големо. Прво се трошат лебовите исечени на парчиња, кои се спакувани и повеќе денови траат. А, потоа нагргнаа и на векните леб, велат ќе замрзнувале ако треба. Дел од луѓето носат маски на лицето и ракавици и со тие ракавици одбираат леб, а претходно фаќале врати, пари, страв човек да го фати. Купуваа тестенини, паштети, тоалетна хартија, како војна да фаќа.“

„Отидов в продавница да купам млеко за децата, пред мене гледам една госпоѓа која цел град ја знае за угледна, награбала десет млека. Ѝ реков аман оставете едно, децата ќе ми останат денеска без млеко. Толку голема паника немам видено другпат.“

„Празни рафтови, леб нема, тоалетна хартија, се празнат дуќаните, хистерија владее меѓу луѓето, полнат колички“, реагираат битолчани.

Во Битола, според податоците на Министерството за здравство, нема заболени од коронавирусот. Но, со денови низ битолските аптеки трае навалица од купувачи кои се снабдуваат со различни антибактериски средства за дезинфекција на рацете и други површини. Антибактериски гелови се продаваат по цена од околу 50 денари за 50 милилитри. Маските за лице, пак, чинат од 20 до 30 денари.

Дел од маркетите во градот веќе излегоа со апели да не се претерува во набавките и купувачите да се ограничат на набавка на неделни количини. Во спротивно се доведува во прашање рамномерното снабдување со продукти.

Во Битола е формирана и работната група за спроведување на мерки за превенција од болеста, преку која градоначалничката Наташа Петровска е во координација со други надлежни установи од градот. Градски превоз има до 17 часот, а автобусите се дезинфицирани. Во сите такси компании возачите носат маски и ракавици и наложено им е секој ден да вршат дезинфекција на возилата. Дезинфекција се врши и во РЕК, ФОД, а доставено е и барање до Центарот за јавно здравје да се изврши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта. Граѓаните кои доаѓаат во општинската зграда, сите потребни документи или барања ги доставуваат само на шалтерите во општината. Од Општината апелираат битолчани да ги почитуваат мерките изречени од Владата за превенција од коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG