Достапни линкови

Филипче: Досега 35 со коронавирус, 30 се на тестирање


Во моментов во Македонија има 35 лица заболени од коронавирус. Во таа бројка се и последните 4 случаи кои биле утврдени денеска претпладне, информираше на попладневната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче.

„Состојбата на сите пациенти е стабилна. Сите заболени се со лесна клиничка слика и пациентката што е на респираторна машина. Во моментов се прават анализи на 30 лица од коишто еден од Куманово, двајца од Скопје и останатите се од Дебар“, изјави Филипче и додаде дека 10 лица се пристигнати од граничниот премин Деве Баир и дека и тие соодветно ќе бидат третирани.

„Доцна синоќа на скопскиот аеродром пристигна авионот со патници од Брисел. Патниците беа тестирани на коронавирус и беа задржани во изолација додека да стасаат резулатите. Кога заврши проверката, резулататите на сите патници беа негативни, и тие се пуштени дома во задолжителна изолација. Лицата кои беа привремено сместени во Пепелиште беа посетени од епидемилози, по што ќе бидат преместени во објектот одреден за групна изолација во реновираниот дел од заводот во Демир Капија“, соопшти министерот и дополни дека што се однесува на количините на крвни деривати, тие се доволни во моментов.

Во земјава, како што информираше Филипче, има доволно тестови за коронавирус - околу 1.500, а има најава за донација на 1.000 и набавка на уште 1.000 тестови. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се направени околу 400 тестови досега. Претходно лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, обвини дека во државата нема доволно единици крв.

XS
SM
MD
LG