Достапни линкови

Може ли топлото време да го победи коронавирусот?


Се повеќе се шират вести дека топлото време може да претставува и крај за коронавирусот. Но, искуствата во Југоисточна Азија зборуваат нешто друго.

Драматичното зголемување на случаите на инфекција со коронавирус во Југоисточна Азија во последните неколку дена ги зголеми сомнежите во теоријата дека потоплото време може да го запре ширењето на вирусот, велат здравствените експерти.

Претходно релативно малиот број на случаи на инфекции во многу земји од Југоисточна Азија беше наведен како можен доказ дека жешкото време го потиснува вирусот, давајќи им надеж на Европа и Соединетите држави кои ја дочекуваат пролетта.

Но, земјите од Индонезија до Тајланд и од Малезија и Филипините ја забележаа својата највисока стапка на инфекции во последните неколку денови.

Тоа покажа дека топлото време може да игра само ограничена улога во ширењето на коронавирусот.

„Теоријата на високата температурата навистина не држи со оглед на она што се случува сега во поголемиот дел од Југоисточна Азија“, вели Тики Пангесту, професор на Школата за јавна политика во Сингапур, додавајќи „Луѓето во Европа се надеваат дека топлото време ќе го убие вирусот.

Се сомневам дека ова ќе биде реалност“. Коронавирусот, кој ја предизвикува респираторната болест наречена КОВИД-19, заразил до сега скоро 180.000, а над 7.100 починале.

Некои од симптомите покажуваат сличност со зимскиот грип, кој се распространува во постудени температури.

Пациенти со коронавирус: најважно е да не разболуваме други
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

Местата каде што вирусот се покажа како најопасен, како Вухан во централна Кина, северна Италија и делови од Соединетите држави, споделуваат слични клими и температури.

Епидемијата од 2002-2003 година на тежок акутен респираторен синдром (САРС) спласна во текот на летните месеци, иако не е јасно дали тоа било поврзано со временските услови или се совпаднало со построгите интервенции во јавното здравство.

Светската здравствена организација соопшти дека овој месец нема докази дека температурата ќе игра улога врз коронавирусот, но станува збор за пат кој вреди да се истражува.

„Во најдобар случај, топлото време може да влијае врз ширењето, но нема да значи и крај на вирсот“, вели Дејл Фишер, претседател на Глобалната мрежа за предупредување и реакција, координирана од Светската здравствена организација, додавајќи:

„Она што е важно е колку ефикасно земјите ги изолираат случаите, ги држат луѓето во помали заедници. Тоа е најважниот фактор, а не времето“.

Зголемениот број случаи во многу земји од Југоисточна Азија е драматичен во последните неколку дена, што ги наведува владите да преземат драстично дејствување за да го спречат бранот.

Иако сè уште многу малку се знае за коронавирусот, здравствените експерти велат дека земјите не треба да се потпираат врз потопло време за да го забават брзото ширење на вирусот низ целиот свет.

„Премногу е едноставно да се сугерира дека тропската клима може да го запре коронавирусот“, вели Сугионто Сапутра, истражувач по микробиологија во Индонезискиот институт за науки, додавајќи: „Факторите на животната средина може воопшто да не влијаат врз вирусот“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG