Достапни линкови

Владата бара вонредна состојба


Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата.

Прогласување на вонредна состојба на целата теририторија на државата бара Владата. Техничкиот премиер Оливер Спасовски бара од Собранието повторно да се состане и да прогласи вонредна состојба за Владата да може да носи одлуки со сила на закон за превентива и за справување со економските последици од ширењето на коронавирусот.

Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна вонредна состојба на цела територија сега и веднаш. Мора да ги радикализираме мерките за да спречиме зголемено ширење на коронавирусот изјави денеска на прес конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски. Владата предлага до Собранието да ги повика пратениците за да се прогласи вонредна состојба.

Спасовски изјави дека со вонредната состојба не значи по автоматизам ограничување на слободите и движењето на граѓаните. Доколку дојде до нови рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, и за тоа ќе бидат известени граѓаните. Но ќе значи дека со таква состојба Владата ќе може да носи уреди со законска сила, како и да носи мерки за економијата кои ќе може да се справи државата со економските последици.

„ Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас, така и во целиот свет. Потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека за наредните ограничувања ќе се одлучува тековно, во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. Залихи на храна има, транспортот засега се одвива непречено, додаде тој.

Спасовски апелираше до граѓаните сериозно да ја сфатат ситуацијата и да се придржуваат до мерките.

„Однапред ништо не е дефинирано, дека сега ќе има полициски час или слично. Не немаме дефинирано, тоа се одлуки кои ќе се носат на основа на тоа како и на кој начин ќе се однесуваме сите ние. На крајот на краиштата борбата за зачувување на оваа земја и нашата нација не е само на мене и на овие луѓе во Владата. Затоа мора сите да бидат на висина на сопствената одговорност. Знам дека не се сите до крај свесни и што можат да прават. Знам дека за некои е многу поважно да изнајмуваат вили во Сопиште и во Соње и таму да прават журки, е тоа не може да биде дозволено во иднина“ , вели Спасовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за МИА вели дека го дели мислењето со одредени експерти дека по самораспуштањето и распишувањето на избори Парламентот не може да се состане повторно.

„Врз основа на Членот 125 од Уставот ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“ се вели во одговорот.​

Сет економски мерки за справување со економските последици

Бескаматно кредитирање на малите и средните претпријатија со грејс период од 6 месеци, субвенционирање на придонеси за туризам,угостителство и транспорт до 50 проценти, ослободување од аконтации од данок на добивка за април мај и јуни во најпогодените сектори, намалување на затезната камата, забрана за извоз на брашно и пченка, како и препорака за фабриките да го реорганизираат работното време во 4 смени и по секоја смена да врши дезинфекција со цел намалување на ризикот за евентуално ширење на коронавирусот.


Ова се дел од економските мерки кои што денеска на прес конференција ги соопшти вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. Нивната цел е да ги намали ризиците врз економијата кои доаѓаат од глобалната закана од Ковид 19. Царовска изјави дека новите економски меркиво вредност од 5,7 милиони евра имаат за цел олеснување на условите на работа на компаниитекако и обид да се сочува секое работно место во периодот на пандемија.

Субвенционирање на придонеси за најпогодените сектори

Секоја компанија во зависност од бројот на вработени ќе може да добие од три до 30 илјади евра. Првата мерка се однесува на бескаматно кредитирање од Македонската банка за развој во износ од 3 до 30 илјади евра со грејс период од 6 месеци и период на отплата 24 месеци. Микро компаниите до 10 вработени ќе добијат кредит од три до пет илјади евра, малите компании од 10 до 50 вработени ќе добијат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании од 50 до 250 вработени ќе може да добијат кредит од 15 до 30 илјади евра.

Потоа се дава поддршка на компании во делот на исплата на плати, односно ќе се субвенционираат 50% од придонесите за вработени во секторите, туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании од владините заштитни мерки, под услов компаниите да немаат исплатени бонуси, дивиденти и доколку не се отпушти ниту еден вработен во период од април, мај и јуни.

Замрзнување на цените на основните производи

Владата донесе одлука со која се замрзнуваат цените на млекото и млечните производи, лебот, јајцата , месото, макароните, маслото и средства за дезинфекција и лековите. Меѓу другото предложена е забрана и за извоз на брашно и пченка во следниот период, за која ќе се одлучува наскоро.

Министерката за финансии Нина Ангеловска,изјави дека настаната ситуација е непредвидлива и дека мерките ќе се менуваат според потребите затоа што ова е еден од наголемите економски предизвици по глобалната економска криза наваму. Таа додаде дека во моментов буџетот е стабилен, но тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени брзо. Буџетот на министерството за здравство има простор успешно да одговори на здравствената криза.

„Најголемиот шок може да се очекува во вториот квартал од годината за веќе во следниот да има закрепнување и во последниот квартал од годинава да може да очекуваме нормализација“, вели Ангелова.

Народна банка со посебни мерки

Гувернерката Анита Ангелоска Бежоска на заедничката прес конференција посочи дека засега македонската економска состојба е стабилна и дека девизните резерви во државата се на двојно поголемо ниво од кога беа во 2008 година при светската економска криза односно дека изнесуваат 3 милијарди евра.

Таа додаде дека банкарскиот систем е стабилен и здрав и дека нивото на инфлацијата е во просек од 0,7 проценти што е пониско од очекувањата.


Советот на Народната банка на вонредна седница донесе три посебни одлуки со целублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција. Првата одлука се однесува на задолжителната резерва, со која се овозможува намалување на основата за обврската на задолжителната резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените и реструктуираните кредити за претпријатијата кои се очекува да бидат најпогодени од ширењето на ковид-19.Со тоа се очекува да им се овозможи поголема ликвидност на банкитекои со ваква мерка би требало да даваат повони услови за ново кредитирање.

Потоа донесена е одлука со која се одложува рокот во кој банките треба да го достават првиот Извештај за ликвидност, со краен рок до 30 септемвригодинава. Целта на оваа мерка е олеснување на банките и на нивните тимови им се остава простор за фокусираност на обезбедувањето кредитна поддршка на корпоративниот сектор и на населението, како и на одржување на квалитетот на кредитното портфолио.Со третата одлука се укинуваат провизиите кои што досега се наплатуваа заподигање и враќање на готовината во централниот трезор на Народната банка. Со ова се елиминираат сите трошоци за подигнување и враќање на ефективни пари.

Вирусот првпат беше детектиран во Кина на 31 декември. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека од КОВИД-19 на глобално ниво се заразени речиси 200 илјади луѓе, а најмалку 8 илјади луѓе починале од новиот коронавирус. Заразени од вирусот има во 63 земји. Во Македонија засега бројот на заразени изнесува 35 од кои засега една пациентка е излечена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG