Достапни линкови

Измени на Уставот, референдум или избори, што е прво на политичкото мени?


Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски

Опозицијата пред избор - референдум за Преговарачката рамка која е усогласена со Брисел и усвоена од власта или избори, што прво да побара. „Преспанско сценарио во Собранието“ за промените во Уставот или можен компромис, аналитичарите поделени.

Без промена на Уставот со вметнување на Бугарите во Преамбулата не може да се премине на втората фаза од постапката за почеток на преговорите со ЕУ. Втората меѓувладина конференција со формалното отворање на поглавјата од преговорите, ќе се случи по скринингот од година и пол и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Тоа што за власта беше историски ден, за опозицијата беше само фотосесија во Брисел засладена со торта

Но, што до тогаш може да се очекува на политичката сцена? Најава за референдум, барање за вонредни парламентарни избори и измени на Уставот се дел од понудите на политичкото мени во услови на економска и енергетска криза.

На прашањето која од овие работи има реална шанса прва да се реализира политичките аналитичари имаат спротивставени ставови.

Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања овој парламентарен состав нема да го смени Уставот, затоа што, како што вели, на власта за двотретинско мнозинство и се потребни најмалку 6 пратеници од опозициската ВМРО – ДПМНЕ кои би гласале „за“. Но, нема одговор тогаш кој состав може да го стори тоа за да се помине во втората фаза. Тој смета дека не може да се очекува „преспанско сценарио во Собрание“ како кога условно кажано 8 пратеници се „одметнаа“ од партиската матрица.

„ВМРО- ДПМНЕ едвај се опорави од тој удар тогаш од тие 8 пратеници, ако пак се случи тогаш има многу сериозен проблем во самата партија, не е ова само за гласање. И едноставно партија која се бори да дојде на власт и заедно со граѓаните се бори против овој француски предлог мислам дека е неверојатно од неа да излезат 6 души и да гласаат за“, вели Божиновски.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ размислува за референдум кој, како што изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ќе се однесува на преговарачката рамка, односно дел од неа во која е вметнат Протоколот со Бугарија.

„Тука треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат ваква преговарачка рамка која што ниту една од 27 земјите членки и Албанија сега немале, само ние имаме со билатерален договор. Ние зборуваме за преговарачката рамка, таа е суштината“ вели тој.

Во наредниве два дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува на Централниот Комитет за дали и како да се формулира иницијативата за референдум која ќе се однесува на преговарачката рамка со ЕУ, која веќе е усогласена во Брисел и одобрена од власта.

Економската криза може да го одложи барањето за избори

Според Божиновски многу фактори влијаат врз можностите за избори, додека референдумот кој го најавува опозицијата очекува да се одржи во есен.

„Зимата ќе биде страшна очигледно, не гледам посериозни подготовки за неа и набавка на енергенси, така што според мене има реална можност да се случат избори во март или април, но сепак тука има повеќе фактори кои ќе влијаат на тоа, што ќе се случи со референдумот, дали ќе се изведе, дали ќе биде успешен или не, “ објаснува Божиновски.

Дополнително ќе зависи и од позиционирањето на помалите коалицски партии, односно дали ќе останат во мнозинството или ќе „свртат лист“, додава тој.

Од друга страна пак, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека сега ќе следува смирување на политичките страсти и измени на Уставот, а за избори вели нема време.

„ Отворањето на Уставот и изборите се две различни категории. Не верувам дека која било партија тежнее да добие на избори 80 пратеници. Нашата политичка реалност е дека се е работа на компромис, а секако дека најголемата тежина е на мнозинството да ги приближи и убеди тие што им се потребни “, вели тој.

Муслиу очекува фазата на политичка исклучивост едни од други да ја надминат и да преминат од политиканство во правење на реална политика.

Мицкоски вчера изјави дека гарантира оти Уставот нема да се смени. Претходно, тој велеше дека е подготвен да разговара за малцинствата во Македонија, но само ако се разговараме за внесување на Македонците во бугарскиот Устав или почитување на пресудите од ЕСЧП.

Според вицепремиерот Бојан Маричиќ јасно е дека сега по првата фаза од отворањето на преговорите е прашањето кој е за, а кој е против ЕУ, односно кој е за продолжување, а кој е за нивно запирање. Тој верува дека периодот од година и пол е доволен за да се убедат неговите полотички опоненти во потребата од промена на Уставот.

По десетдневните протести против францускиот предлог, се стишија барањата на опозицијата за вонредни парламентарни избори кои ги бараа по победата на локалните избори.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG