Достапни линкови

Етички кодекс за замолчување на обвинителите


Совет на јавни обвинители
Совет на јавни обвинители

Што се предвидува Етичкиот кодекс? Од начин на зборување, давање изјави, па се до тоа како се облекуваат, во суд, но и надвор од судот.

Обвинителите не смеат да ги коментираат во јавност одлуките донесени на Советот и на шефот на Обвинителството, предвидува новиот Етички кодекс на Советот на јавните обвинители. Освен што им забранува да коментираат, Кодексот во име на достоинство им наложува на обвинителите и како да се однесуваат и облекуваат надвор од работното време.

„Во начелото на достоинство влегува и однесувањето и личниот изглед на јавните обвинители во и надвор од работното време. Јавниот обвинител ја извршува својата функција во судница облечен во тога, а во сите други прилики мора да биде соодветно облечен“, се вели во член на Етичкиот кодекс.

Кодексот ќе ги претвори обвинителите во безгласна буква

Новиот етички кодекс на Советот на јавни обвинители со бројните забрани ќе ги претвори обвинителите во безгласни букви кои ќе мора да се воздржат од секакви коментари, смета претседателката на Коалицијата „Сите за правично судење“ Натали Петрова. Таа додава дека неколку членови од етичкиот кодекс на Советот за јавни обвинители се противзаконски, односно се спротивни на Законот за јавно обвинителство, а дел од нив се спротивни на заложбите на Владата за транспарентност и отвореност на институцијата Обвинителство. Петровска посочува дека одредбите во Кодексот се спротивни на законот со кој се предвидува обезбедување самостојност и одговорност на секој јавен обвинител.

„Да поедноставам, Кодексот има бројни забрани за јавните обвинители, и истите наместо да го поттикнат нивниот интегритет, да ја поттикнат и да ја промовираат нивната отчетност и одговорност, ќе направат од обвинителите практично безгласни букви кои ќе мора да се воздржат од какви било коментари вклучително во нивните професионални кругови, а ќе бидат обврзани со одредена согласност за одобрување од нивните надредени дури и за работи надвор од Јавното обвинителство, односно работи надвор од Законот за јавно обвинителство“, вели Петровска.

На донесувањето на овој Кодекс му претходеше „јавниот бунт“ на поранешната специјална обвинителка Ленче Ристоска која побара објаснување зошто мнозинството во Советот на јавни обвинители гласаше против нејзино унапредување во април. Еден месец подоцна Советот донесе нов Кодекс со кој забрани јавно зборување на незадоволен обвинител.

Неколку дена пред изборот на обвинители во јавноста веќе се знаеја имињата на тие што ќе бидат избрани во Вишото обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Таа тогаш изјави дека за новиот Кодекс се планирани обуки во владината стратегија за антикорупција.

„Споменати се и обуки апропо кодексот, и ќе прашам во контекст на одредбите, како се обучува некој да молчи и никому ништо да не му соопштува, мене не ми е јасно,“ вели Ристоска

Освен забраните за коментирање на одлуки на Совет на обвинители, во Кодексот не им се дозволува на обвинителите да коментираат ништо надвор од просториите на Обвинителството.

„Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста заклучоците, ставовите, препораките, мислењата, упатствата и други одлуки донесени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, стручниот колегиум или донесени на состаноци на јавното обвинителство“, се вели во Етичкиот кодекс.

Петровска вели дека со ваквите одредби кои ги наметнува Советот на јавни обвинители се поставува прашањето како тие обвинители ќе се борат против корупцијата, па и во нивните редови ако вака се замолчуваат.

„На овој начин се промовира уште поголема затвореност на обвинителство, против оние заложби за транспарентно работење, што во крајна линија воопшто не оди во прилог на оваа институција доколку истата сака да ја поврати довербата на граѓаните во неа и да остави впечаток дека нејзината одлука е во функција на граѓаните“, вели таа.

Со Кодексот е предвидено и забрана за јавните обвинители да зборуваат за предмети надвор од судниците, што значи не треба да изразуваат незадоволство од судски пресуди како што на пример прави одбраната, кога после судските одлуки даваат изјави за медиумите.

Во делот соработка со медиумите, според трите точки посветени на овој сектор Обвинителите смеат да дадат само оскудни информации и да ги препратат новинарите за повеќе детали во Секторот за односи со јавноста.

Шефот на обвинителството има задача според Кодексот да назначи и лице задолжено за интегритет кое ќе ги советува колегите за нивните етички дилеми и да формира Етички совет.

„Членовите на Етичкиот совет уживаат имунитет и не можат да бидат одговорни или против нив да се покрене дисциплинска постапка поради гласање, искажано мислење или дејство како член на Етичкиот совет“, заклучиле претставените на Советот на јавни обвинители.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски неодамна изјави дека ниту еден обвинител немал забелешки на етичкиот кодекс кој бил усвоен во мај, а со кој се регулира начинот на работењето, постапувањњето и настапот во јавноста на јавните обвинители.

„Со етичкиот кодекс не се става забрана за давање на изјава на јавните обвинители, но тие секако во интерес на предметот што го работат заради заштитна на пресумцијата на невиност мора да внимаваат кои информации ќе ги изнесат во јавноста“, изјави за Телма Колески.

Според него на обвинителите не им се нарушува самостојноста, ниту пак им се забранува јавно да зборуваат, но тие мора да внимаваат на деталите од постапките кои ги изнесуваат во јавноста.

Според последното истражување на невладината организација Еуротинк, само 14 проценти од испитаниците имаат целосна доверба во Обвинителството.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG