Достапни линкови

Студентката Наумовска „во чевлите“ на шведската амбасадорка на еден ден


Дел од активностите на шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон и студентката Ана Марија Наумовска
Дел од активностите на шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон и студентката Ана Марија Наумовска

Со вклучување на Амбасадата на Шведска во Скопје во глобалната иницијатива #GirlsTakeOver, студентката Ана Марија Наумовска, виде како е да се биде „во чевлите“ на шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон, на еден ден.

Младата битолчанка Ана Марија Наумовска беше шведска амбасадорка на еден ден. Преку конкурсот на Амбасадата на Шведска во Скопје, таа ја доби позицијата „Амбасадорка на еден ден“ - дел од глобалната иницијатива #GirlsTakeOver. Наумовска се запозна со шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон и со дел од нејзините активности.

Иницијативата им овозможува на девојките ширум светот да заземат позиции на моќ, а условот беше кандидатката да има над 15 години и да сака да направи промена, да се грижи за родова еднаквост, демократија и еднакви права, како и за животната средина.

Желбата за промени не е непозната идеја за избраната кандидатка. Таа вели, уште во основно се вљубила во литературата, а така стигнала до вклучување во театарски претстави со општествено значење и општествен корен. Потоа станала активна и во заедницата, барајќи промени.

„Отсекогаш сметав дека „кукањето“ со пријателите за проблемите на општеството е по малку залудно, ако не се преземе нешто и само се остане на тоа „кукање“. Затоа се обидував да останам активна во заедницата, така што организирав и водев дебатни клубови во Битола учествував во локалниот економско-социјален совет на мојата општина како претставник на младите, но и во различни новинарски проекти коишто имаа за цел да ја поттикнат вклученоста на младите во самото општество, пишував колумни за културата и за вредностите на општеството, како и улогата на младите во него. Учествував и во различни кампови кои особено се фокусираат врз правата на жените и родовата еднаквост“, изјави Наумовска за РСЕ.

Дискусија во шведската резиденција во Скопје
Дискусија во шведската резиденција во Скопје

Студентката во прва година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, беше дел од состанок на шведската амбасадорка со заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало, но и од деловен ручек во резиденцијата на шведската амбасадорка со претставнички од невладини организации.

„Разговаравме за теми коишто се значајни за нас како млади луѓе, меѓутоа и се поврзуваат со вредностите на шведската амбасада, односно Шведска како држава целосно. Зборувавме и за жените во политиката, жените во руралните заедници, општо за женската вклученост и за женските права и за животната средина и заедница и ова беше една доста плодна дискусија која ми остави доста голем впечаток и ми даде надеж за патот по кој се движи нашето општество“, истакна студентката.

Наумовска, преку можноста да биде шведска амбасадорка на еден ден, имаше и средба со Претседателот Стево Пендаровски.

„Со него разговаравме за проблемите со корупцијата, за иселувањето на младите, како и за квалитетот на образованието во нашата држава и за културата“, вели младата битолчанка.

Средба на Наумовска со Претседателот Стево Пендаровски
Средба на Наумовска со Претседателот Стево Пендаровски

Пресек на денот

„Сè беше впечатливо, сè имаше сопствен агол, но мислам дека најпечатливо ми беше да видам како амбасадорката се вклучува во пренесување на вредностите кои ги носи од сопствената земја и како таа преку различни активности и преку потпомагање на различни организации, фактички помага во пренесувањето на позитивните вредности. Од целиот ден, најмногу ми остави впечаток и дискусијата со невладините организации бидејќи тие се залагаат практично за слични работи за кои се залагам и јас, меѓутоа, секако не можам да го занемарам и искуството кога разговарав со Претседателот на државата“ вели 19-годишната студентка.

Пресек на родовиот јаз во земјава

Ако направи личен пресек на нејзините впечатоци за родовиот јаз во земјава, би рекла дека има значителен напредок, но тоа никако не значи дека треба да се застане тука.

„Сметам дека е значајно младите девојки, особено девојчињата во клупите на основните и средните училишта да се едуцираат што повеќе, да им се подигнува свеста, за да може да го унапредат она до каде стигнале нашите предци, но и да стигнат подалеку, односно да бидат свесни за промената која тие може да ја донесат и да постигнат уште повеќе. И сметам дека родовиот јаз секако се намалува, меѓутоа секој има значителна улога и ако се престане да се работи на тоа, би се вратиле поворно назад, затоа е клучно да се напредува и да се вложува во оваа сфера“, додаде Наумовска.

Со шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон, Наумовска разговарала и за можноста за соработка на проекти со кои ќе се поттикнат младите во Битола да земат активно учество во заедницата.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG