Достапни линкови

Каде се младите во политиката, освен во предизборните ветувања?


Илустрација, Предвремени парламентарни избори јули 2020
Илустрација, Предвремени парламентарни избори јули 2020

Анализа на Националниот младински совет на Македонија покажала дека младите не ја уживаат довербата и поддршката од политичките партии како кандидати на позициите за носење на одлуки. Нивно истражување вели и дека дел од младите имаат чувство дека нивниот глас на избори не менува ништо.

Националниот младински совет на Македонија, како претставничко тело на младите и 52-те младинските организации членки, направи анализа на податоците објавени од страна на Државната изборна комисија, за да утврди колку младите ќе бидат присутни на гласачките ливчиња за градоначалници, како и во советничките листи за кои ќе се гласа на претстојните локални избори.

„Како заклучок кој го добивме е дека младите сепак остануваат приоритет само во изборните ветувања, но не ја уживаат довербата и поддршката од политичките партии како кандидати на позициите за носење на одлуки. Оттука, би издвоил дека, за жал, само 2, 99 % од кандидатите за градоначалници се млади, односно по законската дефиниција на возраст од 18 до 29 години. Конкретно станува збор за бројка од 9 кандидати од вкупно 301. А дополнително, од аспект на советничките листи, увидовме дека само 12 % од носителите на советничките листи се млади лица, а целокупната застапеност на младите на советничките листи е само 26 %“, изјави за РСЕ, Филип Кулаков, координатор за меѓународни прашања и политики на НМСМ.

„Младите мислат дека не се приоритет на политичарите“

Од НМСМ велат дека политичарите единствено ќе допрат до младите, кога тие ќе добијат улога на релевантни.

„Досегашната пракса, како на пример доцнењето на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, како и пропуштањето на законски предвидените рокови, само придонесува кон креирање на став кај младите, дека тие не се приоритет на политичарите. Нашата препорака е дека политичарите, односно политичките партии треба да ги сослушаат младите, почесто да ги консултираат особено кога креираат политики коишто се однесуваат на нив. Бидејќи, како што се говори во младинскиот сектор - политики за младите не треба да се прават без нив. Кога ќе добијат тие реално учество во кое ќе бидат не само слушнати туку и нивните препораки ќе бидат имплементирани, можеби тогаш политичарите и политичките партии ќе се доближат до младите.“, истакна Кулаков.

Колку ќе смени гласот на младите?

Едно од истражувањата на НМСМ, покажува дека дел од младите имаат чувство дека нивниот глас на избори не менува ништо и немаат чувство дека некој од другата страна вистински ги слуша.

„Последното истражување коешто НМСМ го има спроведено поврзано со гласачкото однесување на младите, покажа дека 74 % од оние кои биле анкетирани потврдиле дека би гласале на следни избори, значи има желба кај младите да излезат на изборите. Но, поразителен е фактот дека резултатите од истото истражување посочуваат дека 40 % од нив чувствуваат дека нивниот глас не е важен. Околу 87 % од испитаниците не чувствуваат дека се слушнати од луѓето коишто се наоѓаат во позициите на моќ“, вели Кулаков.

Пред почетокот на изборната кампања, НМСМ изработи документ во кој се истканува она што го тие го сметаат како приоритет на младите на локално ниво и го достави до политичките партии. Идејата е младите да бидат слушнати и вклучени, а со тоа и да добијат определена моќ. Очекуваат имплементирање на препораките по завршувањето на изборите.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG