Достапни линкови

Влези „во чевлите“ на шведската амбасадорка


Шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон во посета на локален органски производител за време на берба

Амбасадата на Шведска во Скопје се придружи на глобалната иницијатива #GirlsTakeOver со отворање на конкурс за позицијата „Амбасадорка на еден ден“. Преку оваа можност, една млада Македонка ќе помине еден ден „во чевлите“ на шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон.

По повод Меѓународниот ден на девојчето, 11. октомври, Амбасадата на Шведска во Скопје се придружи на глобалната иницијатива #GirlsTakeOver, и за таа цел отвори конкурс за позицијата „Амбасадорка на еден ден“. Станува збор за глобална иницијатива, која им дава шанса на девојките ширум светот да заземат позиции на моќ.

На конкурсот може да се пријават девојки над 15 години кои сакаат да направат промена, се грижат за родова еднаквост, демократија и еднакви права, како и за животната средина. Избраната кандидатка ќе помине еден ден „во чевлите“ на шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон.

„Насекаде низ светот девојчињата и младите жени се дискриминирани врз основа на нивната возраст и пол. Честопати, тие се спречени да заземаат важни општествени функции. Ова е неприфатливо, ние мораме да ја прекинеме оваа форма на дискриминација. Шведска силно верува дека доколку се осигури сите да бидат вклучени и никој да не биде изоставен може да процветаат демократските и одржливи општества. Но, за да можеме да го постигнеме ова, мораме да осигураме дека и жените и мажите, и девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, имаат пристап до ресурсите и да бидат застапени во сите сфери и позиции во општеството. Ова е одразено и во нашата феминистичка надворешна политика и во шведската развојна соработка, каде што акцентот се става на вклучувањето на родовите аспекти и рамноправното учество, и овде во Северна Македонија каде што поддржуваме неколку проекти - сите со силна родова компонента. Всушност, родовата компонента е вклучена во сите наши активности и поддршка. Како што рече шведската министерка за надворешни работи Ан Линде: „Во свет во кој постои зголемен отпор кон правата на жените и девојчињата, кон нивната застапеност и ресурси, повеќе од кога било е потребна феминистичка надворешна политика. Шведска ќе продолжи да ја спроведува оваа политика со полна сила низ целиот свет “, изјави за РСЕ, шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон.

Шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон
Шведската амбасадорка во Скопје, Кристин Форсгрен Бенгтсон

Кандидатката ќе ја следи амбасадорката во текот на целиот ден и ќе учествува во сите активности на амбасадата, а на крајот на денот треба да напише извештај за работата која ја завршила.

„Преку приклучување кон глобалната иницијатива #GirlsTakeOver, со овозможувањето една млада жена да биде шведска амбасадорка на еден ден, сакаме дополнително да придонесеме кон зајакнувањето на девојчињата и младите жени и да им покажеме дека можат да бидат успешни и да достигнат позиции на високо ниво во општеството, односно дека можат да го постигнат она кон што се стремат. Нашата порака е дека тие можат да дадат значаен придонес. Младата жена што ќе биде избрана да ми се придружи на еден ден ќе има можност од прва рака да доживее како е да се биде жена што води амбасада, односно жена на висока менаџерска позиција, таа ќе има шанса да научи за, како што ги нарекуваме, шведските вредности: демократија, еднаквост, човекови права, грижа за животната средина и биоразновидноста. Се надеваме дека таа ќе биде инспирирана да преземе уште поактивна улога во иднина, да го сподели своето искуство со своите пријатели, женски и машки, и да ги инспирира заеднички да придонесат за родово поеднаков свет“, истакна шведската амбасадорка.

Шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон на врвот Солунска Глава
Шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон на врвот Солунска Глава

Во агендата на Шведската амбасада во Скопје има и други активности кои се фокусираат на инспирација и мотивација на младите жени и девојки.

„Ова е само една активност што амбасадата ја предвиде во наредниот период која се фокусира на тоа да инспирира млади жени и девојки да преземат водство, активно да учествуваат и да придонесат. Подоцна, во ноември ќе го имаме четвртото издание на ВикиГап, активност во која повикуваме волонтери да придонесат кон збогатување на Википедија со содржини за значајни жени и прашања од важност за родово еднаков свет, а следната година планираме и други активности кои ќе се фокусираат на промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на жените и девојчињата. Родовата еднаквост не е женско прашање, таа нè засега сите нас, ги засега и мажите, и сите ние мора да работиме за да осигураме секој да има можност, на еднаква основа, да го развие својот целосен потенцијал“, додаде Форсгрен Бенгтсон.

Краен рок за пријавување на конкурсот е 25. октомври, а се аплицира преку мејл на: ambassaden.skopje@gov.se, со наведување: Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver за „Амбасадорка на еден ден“.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG