Достапни линкови

Важно ли е „што ќе кажат соседите“ ако си жртва на насилство?


Илустрација, жртва на насилство
Илустрација, жртва на насилство

Организациите и центрите кои се тука за жртвите на родово базирано и семејно насилство кај нас, велат дека има охрабрување и промена во некои сфаќања, но уште не сме стигнале до едно генерално „немам проблем да зборувам за проблемот“. А некогаш, не се ни препознава дека проблемот е тука.

Денешниов, е еден од шеснаесетте дена активизам против родово базирано насилство како дел од меѓународна кампања за стоп на насилството врз жените и девојчињата. Дел од организациите и центрите кои им стојат на располагање на жртвите на родово базирано и семејно насилство кај нас, забележуваат прогрес, но велат дека стигмата е сè уште тука.

„За семејно и родово базирано насилство се зборува и тоа е супер во општество каде тоа претставувало табу тема. Но, од друга страна, останува голем проблем, бидејќи ние иако сме свесни дека постои, тоа не се пријавува. Кај нас во организацијата пријавуваат насилства, но жртвите не пријавуваат во МВР бидејќи мислат дека самиот случај нема да се реши до крај или дека би биле во уште поголема неволја. Од почетокот на пандемијата до овој октомври се евидентирани 84 случаи на семејно насилство, но сепак, само една од десет жени го пријавува насилството во полиција“, вели за РСЕ, Станиша Станковиќ, Заменик претседател на здружението „Младите на Една може“

Исплашените ќе се мотивираат од приказните на веќе охрабрените

„Секој ден ќе споделуваме по една приказна од жртвите на семејно насилство кои се евидентирани во нашата организација, за да им покажеме на жртвите дека не се сами и дека државата нуди начини и механизми за помош, за едноставно да бидат поддршка една на друга“, додава Станковиќ.

Според искуствата во Првиот семеен центар (ПСЦ) како специјализирано советувалиште за поддршка на жени кои се жртви на семејно насилство или насилство во врска се забележува прогрес поради едукацијата и освестувањето, но има застој во препознавање на сите форми на насилство.

„Општо кажано, без разлика на возраста, сè уште и жените и младите девојки ги доживуваат истите форми на насилство, од психолошко до физичко, меѓутоа кај младите се детектира дополнително и сексуално вознемирување на јавни простори, како и социјални мрежи, односно сè поактуелно е компјутерското малтретирање, како примање на несакани навредливи, сексуални експлицитни мејлови, пораки, фотографии. Мој личен став е дека младите се едуцирани за поимот на насилство и за обраќање за помош, го идентификуваат ова на ниво на знаење, меѓутоа и во индивидуални релации, честопати не ги препознавааат. Таков пример се ригидни поделби на родови улоги или трансгенерациско пренесување на позиции и улоги“, изјави за РСЕ, Андреа Велинова, менаџер психолог во ПСЦ.

Семејно насилство - „Нема каде да одам“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:52 0:00

Силата на младите во уривање на бариерите

Од „Младите на Една може“, потенцираат дека младите можат да бидат пример за повозрасните на тема охрабрување и гласно, јавно споделување.

„Младите реагираат на насилството, но можеби не доволно, особено во време на пандемија која го зголеми и бројот на случаи на родово базирано насилство. Сепак, тие се послободни, можеби и похрабри да го кажат тоа јавно, да го истакнат и на некој начин даваат поддршка на жртвите на насилство со тоа што едноставно се гласни“, истакна Станковиќ.


Велинова од ПСЦ вели дека визионерски и идеализирано е да се заклучи дека младите како нова сила се моќни да ја сменат целосната слика, иако би сакала да е тоа така.

„Мислам дека се наоѓаме во некоја фаза во која се охрабруваат самостојно да пријавуваат, но сè уште се соочуваат со стигматизирање особено за прашањето - зошто до сега не кажала? Тоа е пример кај младите и кај компјутерското малтретирање. Не би можела да кажам дека сме стигнати до фазата на нова сила во која младите ја носат целокупно промената, но, има подобрување“, додава таа.

Услугите на ПСЦ почесто ги бараат млади девојки или жени во брак, отколку оние кои се во врска, но за разлика од порано, расте бројот на жртви кои не чекаат институција да ги упати да побараат помош.

Од ПСЦ потсетуваат дека насилство може да доживее секој и апелираат ако живеете во страв од насилство или во насилна врска, да ги побарате на (02) 3200 007, на infopsc@hera.org.mk или преку Фејсбук-страницата на Прв Семеен Центар - ПСЦ во Град Скопје. Нивните услуги се бесплатни.

A тука е и организацијата „Младите на Една може“, расположена да помогне и насочи.

Кампањата “Orange the world: 16 days of Activism” почна на 25 ноември - Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а ќе трае до 10-ти декември - Денот на човековите права. Оваа година се означува 30 годишнина.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG