Достапни линкови

Зекири однесен во притвор во Шутка


Поранешниот генерален секретар во владата Мухамед Зекири пристигна на распит во судот во Скопје
Поранешниот генерален секретар во владата Мухамед Зекири пристигна на распит во судот во Скопје

За неполни пет години од владеењето на СДСМ, за втор генерален секретар на Владата се отвора истрага за сомнителни јавни набавки. За поранешниот генерален секретар Драги Рашковски во тек е судски процес, а сега актуелниот генсек во оставка Мухамед Зекири заврши во притвор, откако Обвинителството отвори истрага. И двајцата важат за блиски луѓе на Зоран Заев.

Судот му определи притвор во траење од 30 дена на генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири. Судија на претходна постапка доцна во петокот одлучи да го прифати предлогот на Обвинителството и да определи мерка притвор за Зекири, поради постоење основи за бегство, можност за уништување докази или влијание на сведоци, како и опасност дека ќе го повтори делото. Тој со полициско возило потоа беше спроведен од судот до затворот Скопје во Шуто Оризари.

Зекири претходно во петокот поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата откако беше осомничен за злоупотреба на службена должност.

Освен Зекири, во случајот осомничени се и двајца хрватски државјнаи, но тие се недостапни за органите на прогон. И за нив е опредлен притовор, кој би важел откако би се пронашле. Зекири се товари дека ја злоупотребил службената положба и со тоа се стекнал со противправна имотна корист.

Јавното обвинителство претходно соопшти дека е издадена наредба за истрага против двајца хрватски државјани и еден македонски висок функционер во Владата кој е првоосомничен и дека за нив од Судот побарале да им изрече мерка притвор. Владиниот функционер, со помош на хрватските државјани, според соопштението на Обвинителството, склучиле договор за консултантски услуги без соодветна постапка за јавна набавка.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари(950 илјади евра), а на штета на Буџетот на Р. Северна Македонија. Износ бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, се вели во соопштението на Обвинителството“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Јавната обвинителка Катерина Коларовиќ, по завршување на распитот рече дека станува збор за штета од околу 57 милиони денари (950 илјади евра) за кои во моментов не знаат каде се.

„Не можеме да кажеме каде се парите во моментов. Истрагата е започната во текот на вчерашниот ден, сето она што беше обезбедено како документација е во тек на предистражна постапка која претходеше неколку месеци претходно“, рече таа, посочувајќи на Управата за финансиско разузнавање која што, како што рече, се обидува да ја утврди трагата како се движеле парите.

Претходно шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска рече дека знаат каде се парите.

Зекири во обраќањето до премиерот Димитар Ковачевски наведува дека верува во институциите на системот, верува во правичноста и праведноста и верува дека вистината ќе излезе на виделина.

„На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност“, напиша Мухамед Зекири на својот Фејсбук профил.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар. Во изјава за МИА, тој рече дека ја почитува одлуката на Зекири да се повлече од функцијата и оти тоа е акт на политичка одговорност.

„Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на презумпцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар“, изјави Ковачевски.

Русковска - Знаеме каде завршиле парите

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска вели дека во втората половина од 2021 го добиле предметот за истрагата против Зекири и двајцата хрватски државјани. Обвинителката во изјава за „Слободен печат“ вели дека имаат податок каде се парите и дека осомничените хрватските државјани, според нивните информации, не се наоѓаат во државава.

СДСМ за Зекири: Сите сме еднакви пред законите

„Без разлика на позицијата и функцијата, пред законите сите сме еднакви. За вакви случаи, кои ги водат независни институции како што е Обвинителство, треба да се произнесат правосудните органи. Тие имаат обврска да постапуваат по закон и во една транспарентна постапка да се докаже дали имало некакви злоупотреби, дали и кој треба да понесе одговорност.

Мицкоски – Еден Рашковски се замени со друг

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за обвинението против Зекири, денеска изјави дека е згрозен, иако верува во презумција на невиност и остава органите да си ја завршат работата, иако многу пати до сега изразиле сомневање во објективноста на нивната работа.

„Ако е тоа вистина, згрозен сум, бидејќи еден Рашковски се замени со друг, но јавноста треба да знае дека тие крадат за некој друг, за тој што ги поставил таму и многу малку останува за нив. За нив останува срамот и за жал сѐ повеќе се разочаруваат и ако некој сѐ уште си го поставува прашањето зошто Македонија се намалува и граѓаните се селат, токму поради овие причини“, кажа Мицкоски при денешната посета на Кавадарци.

Втор генерален секретар на Влада на СДСМ под истрага

За неполни пет години откако СДСМ е на власт, ова е втор генерален секретар на Влада што завршува пред Суд. Судска постапка се води против поранешниот ген-сек Драги Рашковски, а сега Обвинителството отвора истрага против актуелниот генерален секретар Мухамед Зекири. Зекири беше избран за генерален секретар на Влада во ноември 2020. И Рашковски и Зекири важат за блиски луѓе до претходниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, а Заев му е и кум на Зекири.

Зекири пред да стане генерален секретар беше пратеник во Собранието од редовите на СДСМ, а едно време беше и потпретседател на партијата. И двајцата генерални секретари треба да одговараат за сомнителни јавни набавки. Зекири го наследи Рашковски на местото генерален секретар, откако тој се повлече од функцијата по обелоденувањето на истрагата против него.

Рашковски е првообвинет за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, којшто софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски.


Во многу јавни настапи Заев застана на страната на Рашковски и изјавуваше дека тој не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер. Тој рече и дека не му верува на обвинителство, ниту на обвинителката од Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска. Иако за други случаи Заев тврдеше дека властите не смеат да се мешаат во судството и обвинителството, кога се работи за Рашковски тој ја коментираше истрагата против него.

По парламентарните избори во декември 2016 на кои ВМРО-ДПМНЕ беше во благо водство пред СДСМ, дотогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски не успеа да формира парламентарно мнозинство. По институционалната и политичка криза, СДСМ успеа да обезбеди парламентарно мнозинство и на 31 мај 2017 да изгласа Влада предводена од Зоран Заев. Заев си даде оставка од премиерското место и на лидерската функција во СДСМ, по поразот на локалните избори есеноска. Ковачевски беше избран за нов лидер на СДСМ на 12 декември, а од 16 јануари е премиер на Македонија.

Зекири, кој порано беше и новинар и уредник, остана на местото генерален секретар на Владата и по повлекувањето на Заев од премиерското место и доаѓањето на новиот премиер Димитар Ковачевски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG