Достапни линкови

Македонски крпен живот низ призмата на платите и цените


илустрација
илустрација

Зголемените цени на струјата, горивата, прехранбените производи предизвикаа низа други поскапувања. Рестораните направија корекција на своите мениа, фризерите ги променија цените на своите услуги, а дури и црквите го сменија тарифникот за верски обреди. Владата презема мерки но граѓаните и натаму се жалат.

Во земјава поскапува сè. Прво ни се случи енергетска криза. Струја има, но сметките се астрономски. Следуваа зголемени цени на енергенсите, а цените на горивата се менуваат преку ноќ.

Поскапеа и основните прехранбени производи. Па така килограм брашно чини од 30 до 41 денар, маслото за јадење е до 95 денари, а достигна цена и над 100 денари пред кризните мерки. Цената на шеќерот е околу 40 денари, а табла со десет јајца чини од 77 до 90 денари.

Ако пак, сакате да имате нова фризура бидете подготвени и на нови цени. Фризерските услуги се поскапени за 50 тина денари во просек.

Нови поскапувања, нови главоболки
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Многу повеќе пари ќе ви требаат, ако планирате венчавка, крштевка, некој верски обред. Во Преспанско-пелагонискиот регион на пример, некои црковни обреди сега се поскапени и за 500 денари. Па така за венчавка црквата наплаќа 7.700 денари, а крштевката е 3800 денари. Погреб ќе ве чини од 3000 до 5000 денари, во зависност од бројот на свештеници.

Но, што може да се купи со минимална плата од 18 000 денари или просечна од околу 30.000 денари? Ако ги платите сметките за режиските трошоци од околу 7500 денари,

Од минималната плата остануваат уште 10 500, а потрошувачката кошничка за едно семејство изнесува 36 146 денари.

Предвидувањата на експертите не се оптимистички ни за наредниот период, а според граѓаните, анти-кризните мерки на владата не се доволни, за спас од сиромаштија на најзагрозените.

„Тешко се издржува со македонските плати. Едвај го поминуваме месецот, еве јас нон стоп сум задолжен во продавницата од каде што купувам јадење“, вели Митко Петров од Скопје.

„Ако претходно сметките ми биле 6000 денари сега ми се поскапени за 20 проценти. Поскапени се лебот, млекото и други продукти. А платата не ми е зголемена, иста ми е. И нормално дека сум незадоволна, не можам да се навикнам на таа состојба“, вели Ивана М. од Скопје.

„Поскапувањата ќе се одразат и на нашата работа. Самите граѓани ќе штедат повеќе, нема да се возат со такси. Патниците реагираат веќе, ако некоја дестинација била 90 денари, сега е 120, 130 денари, што не им е сеедно“, вели Перо, таксист во Скопје.

„Тешко на тие што не работат. Само тие знаат како се снаоѓаат. Со вакви цени не знам кај ќе ни биде крајот, велат дел од анкетираните граѓани.

Колку се почитуваат владините мерки за пребродување на кризата?

Владата усвои 26 мерки и препораки, поделени во две категории, првата е заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората за ликвидност на компаниите. Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека со мерките треба да им се помогне на граѓаните и на компаниите да се преброди актуелната економска криза предизвикана од нападот на Украина.

Основните прехранбени продукти, како леб, брашно, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајца за кои досега имаше ДДВ од пет проценти, веќе се продаваат без ДДВ. Но и тоа не го почитуваат сите даночни обврзници. Но, инспекциските контроли на УЈП покажаа дека секој петти трговец не ја почитувал оваа владина одлука и им наплатувал на потрошувачите ДДВ за основните прехранбени продукти од 5 проценти. Злоупотреби имало и кај ланци на големи маркети.

Дел од економските аналитичари велат дека анти кризните мерки нема драстично да им помогнат на компаниите, ниту ќе го подобрат стандардот на граѓаните. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ предлага директна финансиска поддршка за сиромашните, но и за фирмите кои се погодени од кризата.

„Во Австрија на пример воведоа енергетски ваучери и направија секое семејство да добива одреден ваучер во зависност од тоа колкави им се примањата за да се покријат повисоките цени за струја. Во Македонија не се направи такво нешто, се направија само мали субвенции за некои 7000 домаќинства за покривање на сметките за струја. Во Македонија 20 проценти од населението е сиромашно, па барем на тие 100 000 сиромашни семејства државата може да им даде финансиска поддршка за надминување на кризата“, вели Јовановиќ.

Владата воведе мерка за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто при промет на енергенсите, но Јовановиќ смета дека е потребно да се замрзнат цените на нафтените деривати.

„Тоа не е случај со Македонија, а голем број европски земји го направија тоа. Замрзнувањето на цените на нафтените деривати е многу помалку проблематично од замрзнување на цените на нафтата, зошто со тоа вие практично оданочувате неколку големи нафтени компании кои остваруваат високи добивки особено во услови на криза. Тоа не смее да се дозволи, не смее да се дозволи мал број на фирми да зголемуваат добивки во ситуација кога граѓаните осиромашуваат“, категоричен е Јовановиќ.

Во меѓувреме, последните случувања во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и делуваат врз домашната економија. Од Народната Банка соопштија дека тоа значи нагорен ризик за инфлацијата, а надолен за економскиот раст.

Иако првично се предвидуваше дека инфлацијата ќе биде 3, 1 проценти, сега Народна Банка предвидува корекција. Така, во првите два месеца од 2022 година е остварена просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто. Имајќи ги предвид најновите геополитички случувања, ризиците околу проекцијата на растот и економските изгледи за оваа година се во надолна насока.

Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот БДП бележи раст од 2,3 отсто на годишна основа, којшто е поумерен во однос на очекувањата според октомвриската проекција.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG