Достапни линкови

Во земјоделска држава ќе нема кој да ги работи нивите


Нива во тетовското село Камењане
Нива во тетовското село Камењане

Македонија произведува многу помалку храна од она што и е потребно. Лошите политики и незадоволството на земјоделците ги бркаат младите од селата, а со тоа прети опасност дека во следните децении нема да има кој да произведува храна во земјава.

Мемет Синани целиот живот се занимава со земјоделство. Како најстар син во семејството, по смртта на неговиот татко, започнал да го работи семејниот имот во тетовско Камењане. Сади пченка и пченица, но и помали количини грав. Грав би садел и повеќе, ама не можел да најде аргати за берба.

Може да произведува и големи количини пченка и пченица, ама поради ниските откупни цени, вели дека со години работи со загуби. Лани пченицата ја дал за 11 денари по килограм, а годинава со вртоглавиот раст на вештачките ѓубрива и нафтата, пресметал дека само призводството ќе го чини 22 денари, за килограм пченица.

„Ако оваа година, не се излезе во пресрет на земјоделците, да можеме некој денар барем да преживееме, во година, во Македонија ќе нема пченица. Ова го тврдам сигурно. Затоа што оваа година посеани се овие пченици што ги гледате, есента не знаевме дека вака ќе биди со вештачкото ѓубре. Јас да знаев дека вака ќе биде, немаше да посеам пченица“, вели Синани.

Нафтата, која се користи за земјоделската механизација, е поскапена за речиси двојно од лани. Недостигот од вештачките губрива и неколкукратниот раст на цената почна да се навестува со почетокот на руската воена агресија врз Украина. Русија е еден од најголемите негови производители. Ако нема ѓубриво, приносите ќе бидат уште помали, алармираат сега земјоделците.

Уште еден проблем кој влијае на производството на храна во земјава е намалувањето на обработливите земјоделски површини. Половина од територијата на Македонија е земјоделско земјиште односно 1.265.000 хектари. Од нив, според официјалните податоци во 2020 година на обработливата површина отпаднале 517 илјади хектари, додека останатите се пасишта. Но ако се има на ум дека пред триесетина години во Македонија се обработувале и до 660 000 хектари земја, излегува дека сега имаме скоро 150 000 хектари помалку обработливи површини.

Војната во Украина - светот во криза со храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:13 0:00

Мемет покажува на нивите во Полог. Расцепкани се на мали парцели. Среде најплодните почва се изградени големи куќи, објекти, ресторани. Се сеќава на некои подобри времиња, кога и без субвенции, произведувал многу повеќе бидејќи имало пласман на производите и добра откупна цена. Инвестирал многу во механизација. Од земјоделие ги растел децата. Но времињата се смениле, па по него, веќе нема да има кој да ги работи плодните ниви. Неговиот син веќе му најавил дека не планира да се занимава со земјоделие.

„Имам јас фала богу кој да ме замени, меѓутоа не во земјоделие. Младите во оваа држава не гледаат иднина во земјоделие. Ако ги нема земјоделците, а земјоделците се претежно селани, тоа знали дека ако ги нема селаните , нема што да јадат граѓаните. Во центарот на Скопје не бива ни пченица, ни пченка, ни грав, не бива. Таму само пазарот се врши“, вели земјоделецот.

Младите си одат, на грбот на постарите останува целото производство

Дека еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор е стареењето на работната сила- се посочува и во последната владина стратегија за развој на земјоделството. Така во 2016 година само 4% од носителите на земјоделските стопанства биле млади на возраст под 35 години. Најголемиот дел, односно 62% имале повеќе од 55 години.

Ова е сериозен проблем во производството на храна, забележува и професорот Драги Димитриевски од Институтот за агроекономика. Посочува дека младите од економски причини ги напуштаат руралните области, а возрасните не можат сами да ги обработуваат нивите и да го искористат сиот нивен капацитет.

Ако на тоа се додаде проблемот со ниските цени на земјоделските производи што не можат да го следат поскапувањето на репроматеријалите, станува појасно зошто се намалува производството кај многу стратешки култури.

„Ако зборуваме, дека нели ќе кажат дека има почва, сонце вода, да, тоа е само предуслов, сето тоа треба да се изорганизира и да се стави во функција. Ние ако анализираме што се се случувало во последните 30-тина години од осамостувањето на државата ќе видиме дека некако ние ги напуштаме капацитетите. Производните капацитети, особено основниот ресурс земјоделското земјиште, неговата употреба се намалува низ годините“, вели професорот Димитриевски.

Намалување на производството има кај многу култури. Така, Македонија има потреба од околу 300 илјади тони пченица, а годинава се очекува дека ќе произведе 50 000 тони помалку, кои ќе мора да се надополнуваат со увоз. Во 1995 година на пример, годишното производство било 381 226 тони. Истата година сме произвеле 22 290 тони сончоглед, а во 2020 само 5 532 тони. И домашното производството на ориз, компир, месо, јајца се намалува со години, а земјава мора да увезува храна.

Инфографика
Инфографика

Македонија е зависна од увоз на храна

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани сме увезле храна во рекордна вредност од над 700 милиони евра. Во истиот период извозот на храна од земјава бил помал од 400 милиони евра, а минатата 2021 година сме ја завршиле и со најголем трговски дефицит во последните 10 години.

Според професорот Димитриевски, овој трговски дефицит ќе продолжи. И со подолгорочни мерки не верува дека македонското тло ќе може да ја произведе сета храна за населението бидејќи многу од капацитетите кои некогаш постоеле, во меѓувреме се напуштени.

„Јас би рекол дека Македонија сите производи, најзначајните, тешко дека ќе може на среден рок да ги задоволи. Дури не верувам дека и на еден подолг рок може да ги задоволи. Тоа не е ништо страшно доколку не се вакви кризи, бидејќи пазарите ќе си го направат своето. Ние таму кај што имаме компаративна предност, односно ќе бидеме конкурентни, ќе произведуваме и ќе извезуваме, и ќе го увезуваме она што се уште нема да можеме да го произведеме“, вели професорот.

Според него, во моментов е најбитно да се прихрани, односно да му се стави ѓубриво на она што е веќе посадено. Како пченицата на Мемет Синани, земјоделецот од тетовско Камењане. Ако тоа не се случи, вели дека приносите по хектар кои и онака се мали, ќе бидат уште помали.

Следно, додава, е под итно да се даде на користење државното земјоделско земјиште на оние земјоделци кои би сакале да произведуваат храна, пред се за производство на стратешки производи. Како пченицата, но и јаменот и пченката кои се важни како добиточна храна. И трето, вели, да се вложува во технологии и знаење, со што ќе го подобриме приносот по единица површина.

Ако се анализира годишното производство на одредени производи, како месото, јајцата и млекото, ќе се види дека раст има само во производството на кравјо млеко. Кај јајцата на пример, производството е повеќе од преполовено.

Државна земја под закуп на земјоделците

Македонскиот земјоделски сектор се карактеризира со мали земјоделски домаќинства, од кои половината работат помалку од хектар земја. Поголемите фарми, односно земјоделските компании, претставуваат околу 1% од вкупното земјоделско население и обработуваат околу 10% од вкупното обработливо земјиште. Околу 80 отсто од земјоделското земјиште е приватно, додека преостанатите 20% се во државна сопственост.

Во периодот 2017-2019 година биле скучени 700 договори за доделување државно земјоделско земјиште во закуп. Притоа биле искористени 4.000 хектари државно земјоделско земјиште во закуп за до 3 и над 3 хектари, а 35 договори биле за површина од 124 хектари за производство на добиточна храна.

На почетокот на годинава беа доделени нови 900 договори за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини дo 3 хектари. Преку измени на Законот за земјоделското земјиште се ослободија од плаќање на закупнина младите земјоделци до 40 години во првите три години од закупот.

Од Владата најавија дека ќе ја продолжат праксата на давање на државното земјиште под закуп на земјоделците кои сакаат да го работат.

„Политиката за ставање во функција на целокупното земјиште ја продолжуваме и во следниот период, преку транспарентно, отчетно објавување на огласи и давање под закуп на државно земјоделско земјиште. Правичната и неселективна распределба на земјата кај вистинските земјоделци значи зголемени обработливи површини и зголемено производство на квалитетни, конкурентни и безбедни земјоделски производи “, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, за време на доделувањето договори за закуп во велешко, во февруари годинава.

Без сигурен пласман, нема производство

Билјана Петровска – Митревска од Национална Федерација на фармери вели дека уште пандемијата ја истакна потребата од стабилен систем кој ќе може постојано да обезбедува доволни количини храна, по пристапни цени. Војната во Украина дополнително ја продлабочи кризата. Петровска Митревска вели дека е очекувано да нема интерес за производство, кога производните цени се многу повисоки од продажните. Додава дека се додека не се реши пласманот и не се воведе договорното производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој, нема да има развој на земјоделството.

„Ако продолжи кризата и ако ние не почнеме да се менуваме пред се како држава, не ги менуваме политиките, не ги менуваме субвенциите и не ја насочиме поддршката кон земјоделците, може само да очекуваме намалување на земјоделското производство. А со тоа значи дека ќе стануваме уште повеќе увозно зависни и тоа значи дека ќе имаме поскапа храна“, вели Петровска Митревска.

Да се купуваат македонски производи

Министерството за земјоделство веќе соопшти дека ќе одвои дополнителни 2 милиони евра за производителите на житни култури, како субвенции за набавка на ѓубрива. Уште два милиони евра беа одделени и за помош за производство на свињи и на јагниња. Нова дополнителна поддршка е предвидена и за пролетната сеидба на пченка, компир, грав, сточен грашок и ориз.

Ваквата поддршка е добредојдена, смета Сузана Димитриевска, претседателката на Македонската асоцијација на земјоделски задруги. Меѓутоа, смета дека неа ќе ја искористат главно големите земјоделци. За оние помалите, кои кај нас се најбројни, вели дека е неопходно здружување во задруги. Само така, вели, ќе постигнат пониска цена на производство и поконкурентни производи што пак ќе донесе и до нивно поголемо производство.

„Ние можеме да си произведеме квалитетна храна само за нашите граѓани. [Треба] да се смени мислењето, дека треба да се купуваат македонски производи. Во вакви услови се гледа дека е многу важно да имаме македонско производство и да си го купуваме ние Македонците. И да си го употребуваме, и да си го платиме, за да можат нашите фармери да бидат среќни, да ја сакаат работата и да произведуваат храна понатаму“, вели Димитриевска.

А цените на храната во земјава растат. Европската комисија веќе предупреди дека руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ против Москва ќе бидат болни за земјоделците, потрошувачите, производителите на ѓубрива и извозниците на земјоделски производи. Ова се случува поради фактот што Русија и Украина сочинуваат повеќе од 30 отсто од светската трговија со пченица, 32 отсто со јачмен и 17 отсто со пченка, но и повеќе од 50 проценти од трговијата со сончогледово масло.

Додека дел од државите веќе стравуваат од глад поради кризата, тетовскиот земјоделец Мемет Синани сега планира садење на пченката. Но ќе оди и на разговори со властите, за поддршка за пченицата. Ако поддршката изостане, и дел од неговите ниви догодина ќе останат празни.

„Гладта веќе ни се заканува . Вие гледате дека кило масло од 48 денари стигна на 120, 130 денари, кило масло. Кило брашно од 20 и нешто на 40 и нешто, лебот од 20 денари стигна на 35 зависи кој колку го продава. Што сакаме повеќе од таа глад“, искрен е Синани.

Војната во Украина носи страв од глад во светот

Оваа војна оди многу подалеку од Украина, им рече на новинарите генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупредувајќи дека последиците од војната во Украина може да резултираат со „ураган од глад“ во многу земји и „топење на глобалниот систем за храна“

Гоце Атанасов

Земјоделското производство на Украина е сериозно погодено од тековниот конфликт и многу полоши последици веројатно ќе се случат наесен поради неможноста да се посеат нивите. Тимофиј Милованов, советник на шефот на украинскиот претседателски кабинет и поранешен министер за економија, истакна дека моменталната ситуација му нанела тежок удар на извозот на храна.

Според него, околу 10 милиони хектари се безбедни и оти тие ќе бидат доволни за Украина, но сериозно ќе се ограничи извозот. Она што сега го загрижува Милованов се идните перспективи во втората половина од годината бидејќи продолжениот конфликт може драстично да влијае врз синџирот на снабдување со храна.

„Но, ако немаме соодветна сезона на садење, наесен ќе дојде до намалување од пет до 10 отсто од светската понуда. економии, развиени економии, бидејќи тие само ќе го ценат и ќе го купат по повисоки цени. да биде проблем“, рече тој.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш неодамна оцени дека мора да се направиме се што е можно за да избегне ураган од глад и топење на глобалниот систем за храна“.

„Оваа војна оди многу подалеку од Украина. Тоа е исто така напад врз најранливите луѓе и земји во светот. Додека војната трае во Украина, Дамоклов меч виси над глобалната економија, особено во светот во развој“.

Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека војната во Украина може да има пошироки последици, вклучително и закана за глобалната безбедност на храната поради зголемените цени и неможноста да се засадат култури, особено пченица.

Во најмала рака, земјата ќе забележи „пад на производството за 10 насто оваа година, под претпоставка за брзо решавање на војната“, соопшти ММФ во анализата на економијата по руската инвазија. Но, Фондот предупреди на „масовна неизвесност“ околу прогнозите, а ако конфликтот се пролонгира, ситуацијата ќе се влоши. Според генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш сето ова се заканува со опасност од големи немири во светот.

„Цените на храната, горивото и вештачките ѓубрива вртоглаво растат. Синџирите на снабдување се нарушени. А трошоците и доцнењето на транспортот на увезената стока кога се достапни се на рекордно ниво. И сето ова најтешко ги погодува најсиромашните и го сади семето за политичка нестабилност и немири низ целиот свет“.

Цитирајќи ги воените податоци за конфликтите во Ирак, Либан, Сирија и Јемен, ММФ оценува дека „годишното намалување на производството на крајот би можело да биде многу поголемо, во опсег од 25-35 проценти“.

Економијата на земјата порасна за 3,2 отсто во 2021 година во услови на рекордна жетва на жито и силна потрошувачка. Но, по руската инвазија на 24 февруари, „економијата во Украина драматично се промени“, рече Владислав Рашкован, алтернативен извршен директор за Украина во одборот на ММФ.

Покрај човечките и економските загуби во Украина, ММФ предупредува за прелевањата од војната врз глобалната економија. Од почетокот на конфликтот, цените на енергијата и земјоделството се зголемија, а Фондот предупреди дека тие би можеле да се влошат, поттикнувајќи ја зголемената инфлација.

„Нарушувањата на пролетната земјоделска сезона, исто така, може да го намалат извозот и растот и да ја загрозат безбедноста на храната“, се вели во извештајот. Украина и Русија, кои се сметаат за „кошница за леб на Европа“, се меѓу најголемите извозници на пченица во светот.

Најголем дел од украинската пченица се извезува во лето и наесен.

„Војната во Украина значи глад во Африка“, рече директорката на ММФ Кристалина Георгиева.

Светската програма за храна на ОН предупреди дека „прекинувањата на извозот преку Црното Море имаат непосредни импликации за земјите како Египет, кои во голема мера се потпираат врз увозот на жито од Русија и Украина“, како и за „жариштата на гладот како Авганистан, Етиопија, Сирија и Јемен“.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG