Достапни линкови

Замрзнатата маржа ги испразни рафтовите со масло за јадење


илустрација
илустрација

И дистрибутерите и производителите на масло за јадење тврдат дека во земјава има доволни количини. Но рафтовите во продавниците и понатаму остануваат полупразни. Економистите велат дека е очекувано замрзнувањето на трговската маржа да предизвика недостиг на одредени производи на пазарот

Владата го ограничи купувањето на масло за јадење, но рафтовите на продавниците засега останаа полупразни. Но, тоа не е затоа што нема доволни количини на масло, туку затоа што трговците не сакаат да го продаваат без никаква заработка, велат нашите соговорници.

Џемаил Даути, кој раководи со една од најголемите компании за дистрибуција и увоз на производи за широка потрошувачка вели дека во нивните магацини има доволно количество на зејтин. Според него, проблемот што во продавниците рафтовите се полупразни е укинувањето на трговската маржа.

„Има зејтин, нема потреба од планина. Нормално дека трговците избегнуваат да држат големи количини поради укинувањето на маржата. Тие треба да платат работници да товарат, да растоварат и на крај не им се исплати да продаваат без маржа. Препораката од Владата дека тие артикли треба да се продаваат без маржа, зошто луѓето ќе дошле и ќе купувале и други производи, тоа не функционира баш така. Нормално е, трговецот нема интерес од тоа. Треба да се пушти конкуренцијата да си го направи своето“, вели Даути.

Неговата компанија во моментот дистрибуира масло за јадење од домашните производители.

Од фабриката за производство за масло за јадење Витаминка велат дека со зголемување на побарувачката, речиси двојно го зголемиле и производството и доставата на масло за јадење до продажните места.

Во земјава почна и испораката на масло за јадење од соседна Србија, од каде што според најавите се очекува Македонија да добие два милиони литри зејтин.

До пред ограничувањето на количината на зејтин што може да ја купите, многу поголемо влијание врз празните полици имаа и граѓаните од соседните држави, Грција, Бугарија и Албанија, кои доаѓаа да го купуваат нашето масло затоа што е најевтино во регионот и купуваа големи количини.

Но, паниката од повисоки цени на маслото за јадење заедно со низата поскапувања на другите прехранбени производи предизвика страв и кај македонските граѓани, кои пак уште пред еден месец побрзаа да направат залихи на зејтин, брашно и шеќер.

Инаку, Владата донесе одлука со која ги ограничи трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Највисоката трговска маржа ќе може да изнесува до 5 отсто од продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало. Снабдувањето со сончоглед е стабилно и државата во континуитет увезува сурово масло потребно за домашните капацитети, но има и зејтин за потрошувачка, соопштија вчера (20.04.2022) министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски.

Фабрика за масло за јадење „Кристал“ во Велес.
Фабрика за масло за јадење „Кристал“ во Велес.

Стопанската комора на Северозападна Македонија веднаш реагираше дека замрзнувањето на трговската маржа е штетно за економијата на земјата во овој период на криза. Од таму посочија дека треба да се замрзне профитната маржа, а не на трговската маржа и оти овој потег може да доведе до недостиг на производи на пазарот.

И универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека мерката на Владата да ги контролира цените преку замрзнување на маржата на основните производи е непазарна и предизвикува недостиг на такви производи во продавниците.

„Моја препорака е државата да апстинира и да прекине со користење на ваквите административни мерки и да ги остави и пазарните законитости да го утврдат рамнотежното ниво на цени како резултат на понудата и побарувачката, а доколку сака да интервенира во делот на цените тоа да го прави со пазарни инструменти, а тоа е продажба и интервенција од стокови резерви, односно постои понуда на такви производи по цената која она евентуално би ја субвенционирала. Само на тој на начин можеме да имаме реална состојба во економијата, односно пазарните законитости да функционираат и на тој начин да се елиминираат и вештачките недостатоци кои се јавуваат во продажната сфера“, вели професорот Ивановски.

Во меѓувреме, цената на маслото во поголемите маркети се движи од 125 до 138 денари, додека под тезгите на некои од зелените пазари литар масло за јадење може да се најде и по цена од над 150 денари.

Суровина за производство на масло засега има доволно

Дoмашните производители на масло за јадење велат дека засега го обезбедуваат континуираното производство на масло со претходно обезбедената суровина која главно ја добиваат од соседна Србија.

„Иако производството ни е двојно зголемено, а последниот месец имаме дури и три пати поголема продажба од лани сепак, моментално го обезбедуваме континуираното производството со претходно обезбедената суровина. Сега имаме договорено достава со наш партнер од Србија, 4 500 тони нерафинирано масло доволно за четири нормални месеци, за што го чекаме извозот од Србија. А за следниот период, да не дојде до недостиг на масло, иако овие пазари се поскапи, работиме со партнери од Бугарија, Украина, Романија. Овие пазари во моментов се единствената опција, но со повисока цена на суровото масло. Затоа, за да нема влијание врз крајната цена на маслото за нас приоритетен пазар е српскиот“, велат од фабриката Витаминка.

Владата најави и дека можно е од Србија да има и дополнителен увоз на масло за јадење од веќе најавените 2 милиони литри, доколку проценките покажат дека оваа количина не е доволна. Српската Влада во петокот ја донесе одлуката да извезе во Македонија масло за јадење со што увозниците веќе можат да набавуваат. Властите постојано смируваат дека масло за јадење ќе има и апелираат граѓаните да не прават залихи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG