Достапни линкови

Стандарди за убавина на социјалните мрежи: „Не се споредувајте со мене, ни јас не сум совршена“


Инфлуенсерката Елеонора Миљковиќ
Инфлуенсерката Елеонора Миљковиќ

Младите не треба да чувствуваат притисок да бидат како мене или да се споредуваат со која било девојка на социјалните мрежи каде се прикажува нереална слика, а никој не е совршен, порача инфлуенсерката Елеонора Миљковиќ во разговор со РСЕ

Дваесетиосумгодишната скопјанка Елеонора Миљковиќ пред нешто повеќе од десет години била средношколка која не е задоволна од својот изглед.

„Тој период бев најдебела во мојот живот. Стигнав до 68 килограми и не вежбав. А кога вежбаш многу е поинаква конструкцијата со тие килограми. Јас и сега тежам исто, но сега вежбам и изгледам многу подобро од тогаш. Во тој период ми падна самодовербата. Не нешто многу, но секако го почувствував тоа на себе. Бидејќи ако сум влегувала во „М“ големина, тогаш веќе „Л“ ми беше кнап. Многу јадев, како маж од 100 килограми... И кога се гледав себеси во огледало не бев задоволна од тоа што го гледам. И почнав со теретана“, изјави Миљковиќ за РСЕ.

Денес, дипломираната правничка која во македонската и балканската јавност се прослави со учество во реално шоу, има профил на Инстаграм кој го следат над 132 илјади луѓе, а и неколку фан страници со нејзиното име на кои корисници на оваа социјална мрежа објавуваат нејзини фотографии. Добива илјадници лајкови на секоја фотка, но, вели дека не решила да сврти лист и да стане фит заради некој друг, туку заради себе.

„Никогаш не сум се споредувала до други луѓе, ама тоа си е до човекот. Мојот карактер е таков, мислам дека секој човек си е сам за себе и немам потреба да се споредувам со никого. Јас сум таа што сум, една и единствена, каква и да сум“, додаде таа.

Затоа, во однос на перцепцијата за убавина која ја диктираат социјалните мрежи, потенцира дека никој нема потреба да се споредува со неа, ниту да има некаков притисок да биде како неа.

„Можам само да бидам пример дека со вежбање може да се стигне до некој посакуван изглед. Но, јас да бидам репер дека некој мора така да изгледа - дефинитивно не. Има многу луѓе на кои јас на пример не им изгледам убаво. Тоа е до вкусот, до начинот на перцепција на работите“, истакна инфлуенсерката.

Селфи на Елеонора Миљковиќ
Селфи на Елеонора Миљковиќ

Вели дека во моментов го нема посакуваното тело бидејќи прави мала пауза од вежбање, но кога на социјалните мрежи ќе види девојка со тело какво што таа посакува да има, тоа не ја фрустира туку ѝ дава мотивација да биде максимално дисциплинирана со вежбање и здрава храна.

Не крие дека со операција ги зголемила градите, ниту дека има усни пополнети со хијалурон. Признава и дека понекогаш користи Фотошоп, но сепак објавува и видеа кои не може да се обработат како фотографиите, па вели, така тие што ме следат можат да ја видат реалната слика.

„Дефинитивно, денес на младите, особено тие на возраст од 15 до 25 години, кои се бараат себеси и созреваат, најмногу им влијае начинот на кој се претставува убавината на социјалните мрежи. А таму се претставува една нереална слика. Сите си ги знаеме нашите несовршености и сакаме да ги сокриеме и јас тоа потполно го поддржувам. Зошто на пример јас или некој друг би ги покажале моите несовршености на јавноста? Не велам дека се срамам од нив, но зошто би ги покажувала јавно? А јас не сум се родила таква, туку вложувам во својот изглед и тренирам активно веќе 9 години. Така што, секој кој го посакува тоа, може и да го постигне со малку труд и нормално дисциплина, исхрана, теретана, добар сон, здрав живот“, додаде Миљковиќ.

Потсети и дека не постои човек без недостаток. Вели - несовршености имаат дури и некои фитнес инструкторки кои тренираат повеќе од две децении и јадат здрава храна.

„Сите сме луѓе од крв и од месо и нормално дека сите имаме недостатоци кои, на мене дури и во овој период ми се убави, иако порано не било така и сум се срамела од тие работи. Дури на пример не сум сакала да носам шорцеви ако на пример ми се познава малку целулит или стрија. До тој степен сум била опседната со тие фалинки, а сега не, сега уживам во нив. Но, тоа си доаѓа со годините, само по себе. Како што човек созрева“, вели скопјанката.

Сподели и дека денес, многу ѝ е поважно да е среќна и здрава, отколку совршена и порачува дека така треба да размислуваат сите млади девојки, секоја со својата лична перцепција за убавина, но со здравјето на прво место.

„На што личи на пример, некое девојче, младо, кое нема здравствени проблеми како на пример проблем со тиродната жлезда што е причина за дебелина, да има да кажеме сто килограми? Прво, тоа од здравствена гледна точка не е во ред, а потоа изгледот доаѓа на второ место. Сите имаме различна перцепција за убавина. Некој на пример, сака да изгледа скелетично. И е ок, ако тебе тоа те прави среќна и ако ти си здрава со таквиот изглед, тоа е сосем во ред. Зошто јас би имала нешто против? Некој сака да има облини и тоа е сосем во ред ако си ти здрава. Така што, кога зборуваме за убавина и изглед, малку е неблагодарно да кажеме дека има некое конкретно правило за тоа што е убаво, а што не. Здравјето е најбитно. Ако ти си здрав тогаш е сè во ред. А никој што има вишок килограми, не може да каже дека е здрав. Бидејќи вишокот килограми предизвикува толку многу болести, но луѓето не го сфаќаат тоа толку страшно додека не дојде до некоја посериозна болест“, заклучува инфлуенсерката.

Младите меѓу стандардите за убавина на социјалните мрежи

Психотерапевтката во системска и семејна пракса, Деспина Стојановска, вели дека социјалните мрежи имаат најголемо влијание врз адолесцентите кои се во фаза на формирање на својата личност, односно градење на сликата за себе.

„Кога ќе видиме некој кој наликува на нашата идеална слика за себе, лесно тоа може да нè поведе во тој правец, но и да нè исфрустрира и да нанесе комплекс на нашата моментална и реална слика за себе - зошто јас не изгледам така? Се менуваат вредностите, а тоа значи дека младите истражувајќи за тоа како е најдобро да се живее, ќе налетаат на некој на социјалните мрежи кој навидум изгледа совршено, многу среќно, многу задоволно во животот и ќе посакаат да бидат како него. Меѓутоа, јас мислам дека сите тие совршености кои се прикажуваат на социјалните мрежи ни од далеку во реалноста не се такви, а за жал според мене имаат негативно влијание врз младите во поглед на градење на својата личност“, изјави Стојановска за РСЕ.

Според неа, за да се влијае на самодовербата треба да се погледнат позитивните карактеристики, наместо младиот човек да се самокритикува, додека се восхитува на други.

„Треба да се има една свесност за себе во која се вклучени сите наши добри страни. Тоа може околината да го поттикне или помогне со пофалба, со позитивна поткрепа за појачување на позитивните страни на младите.
Во тој случај нема да влијае толку негативно тоа што на социјалните мрежи тие го гледаат, туку ќе биде еден вид на надградба или - како од ова ок што сум сега можам да бидам малку повеќе ок? Да не биде во функција на споредба“, истакна психотерапевтката.

Стојановска вели дека родителите треба да помогнат со пофалба и истакнување на позитивните страни на своите деца, а работата со психолог може да дојде на дневен ред доколку се забележат тешкотии во подигнување на самодовербата. Дружбата во круг на врсници со ист или сличен вредносен систем според неа може многу да помогне, бидејќи така, ако младите се споредат меѓу себе нема да има драстично отскокнување од нивната автентична слика за себе.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG