Достапни линкови

Средношколски маки со јавниот превоз


Илустрација, автобус на ЈСП
Илустрација, автобус на ЈСП

Македонските средношколци бараат бесплатен и праведен јавен превоз за сите ученици, и тоа не само додека трае наставата, туку 365 дена во годината. Очекуваат реализација преку годишна автобуска картичка која ќе му следува на секој средношколец.

Следењето на настава со физичко присуство сите македонските средношколци ги чини време, но дел од нив и пари, за да стигнат од дома до училиште и обратно. И ова не е од вчера. Новото тука е тоа што учениците сега „креваат глас“ барајќи праведен и бесплатен јавен превоз за сите средношколци, 365 дена во годината, а не само додека трае наставата.

„Учениците не учат само додека се на училиште, туку тоа го прават и за време на зимскиот распуст и за време на летниот распуст. Имаат дополнителни активности, одат во библиотеки, па дури и некогаш треба да комуницираат со самото училиште ако имаат некои документи да подигнат и слично, а државата не им го обезбедува тој аспект на мобилност и да можат да дојдат за учествуваат во образовниот процес. Тука е многу важен и моментот на животната средина, бидејќи постојано се жалиме од сообраќајни гужви, климатски промени и од загаден град и загаден воздух, а немаме политики што го охрабруваат користењето на автобусите и останатите форми на јавниот транспорт“, изјави за РСЕ, Лука Павиќевиќ, Претседател на Сојузот на средношколци.

За дел од средношколците проблем е и актуелниот начин на класификација за добивање на право на бесплатен автобуски превоз, како на пример тоа што еден од условите е растојанието меѓу домот и училиштето.

Од Сојузот велат - досега се вршеше дискриминација врз основа на типот на училиштето (државно или приватно), а тоа не треба да биде основа за доделување на правото на бесплатен превоз, бидејќи средношколец е средношколец.

„Средношколците што не исполнуваат критериумите секојдневно трошат големи средства, бидејќи треба да патуваат, па некои дури и менуваат повеќе автобуски линии за да стигнат до своето училиште, а не може да кажат дека не сакаат да одат на училиште, бидејќи тоа е нивна законска обврска“, додаде Павиќевиќ.

Во трка со времето

Не е важно само да се стигне до училиште, туку и кога ќе се стигне. А за да бидат секогаш точни, според соговорниците на темава, средношколците не може да се потпрат на возниот ред на ЈСП.

„Покрај тоа што нема за сите училишта автобуски постојки, дополнително не се оптимизирани бидејќи прво, линиите временски не се усогласени. Можам да зборувам за моето училиште, знам дека автобусите кои минуваат на постојката се да не претерам, но 80 % полни ученици секогаш за време на часови, а воопшто не е земено предвид дека автобусот треба да стигне за време на часовите и често има една линија којa стигнува многу порано и една која стигнува многу подоцна од првиот час, што е навистина непрактично за најголемиот дел од патниците“, изјави за РСЕ, Леонард Змајшек, ученик во скопската гимназија „Орце Николов“.

Средношколците Леонардо Змајшек, Лука Павиќевиќ и Леона Симеонова во дебатната емисија „Слободоумни“ на РСЕ
Средношколците Леонардо Змајшек, Лука Павиќевиќ и Леона Симеонова во дебатната емисија „Слободоумни“ на РСЕ

Цената ја плаќаат учениците

Кога се случува да доцнат на часови поради проблемите со возниот ред, според средношколката Леона Симеонова, учениците плаќаат и со неоправдани.

„Може да има многу поголем „цех“ кој треба да го плати ученикот, бидејќи доколку конзистентно доцни на часови ќе има поголем број на неоправдани и потоа кога ќе дојде време да се направи поведение или тој ученик потоа да се запишува на факултет, тоа што автобусот не пристигнувал на време и тоа што ученикот можеби не можел многу порано да дојде пред почетокот на училишниот ден, може да има тешки последици врз ученикот, иако тоа не е негова или нејзина директна вина“, вели за РСЕ, средношколката Леона Симеонова.

За да се исправи како што велат во Сојузот на средношколци, неправдата во постојниот систем за поддршка на средношколците, а и да се води сметка за еколошката димензија, Сојузот достави Меморандум до кандидатите за градоначалници на Скопје, Петре Шилегов и Данела Арсовска, со кој побара воведување на бесплатен јавен превоз за сите средношколци и заложување за шест предложени точки.

Очекуваат реализација на праведниот и бесплатен автобуски превоз преку годишна автобуска картичка која ќе му следува на секој средношколец.
Но и заложување за соработка со останатите единици на локална самоуправа, а преку Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и со централната власт, со крајна цел – обезбедување на бесплатен меѓуградски автобуски и железнички превоз ширум земјава, за сите средношколци.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG