Достапни линкови

Спасовски го претстави вториот кризен пакет: Ова е помош за сите


Ова се мерки за сите погодени од кризата. Со овој втор пакет мерки владата спроведува директна помош и поддршка за реалната економија, секое семејство, поединец и секоја фирма. Главната мерка од економскиот пакет е помошта од 14.500 денари месечно за секој вработен за април и мај, соопшти на денешната прес-конференција, премиерот Оливер Спасовски.

„Ова е директна мерка за зачувување на работните места и работните процеси. Ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник е 29.000 денари. Оваа уредба го опфаќа секое претпријатие од приватен сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице и работодавачите кои преку приватни агенции ангажираат работници“, рече премиерот.

Спасовски објасни дека ако работникот работно бил ангажиран за цело работно време ќе добие 14.500 денари, а скратено ќе добие сразмерен износ. Сите информации за тоа кои компании имаат право на оваа мерка и оние кои не се опфатени ќе бидат наведени во уредбата во службен весник и на веб страницата на Владата.

„Како алтернатива на оваа мерка, компаниите може да изберат можност за покривање 50 отсто од придонесите на платите на вработените. Тоа е субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во време на вонредна состојба. Притоа пресметаната сума не може да биде повисока од 50 отсто од придонесите за социјално осигурување пресметани според просечната бруто плата според податоците на државниот завод за статистика од 2020 година“, рече премиерот.

Владата донесе и Уредба за финансиска поддршка на физичка лица кои вршат самостојна дејност погодени од кризата која ќе се спроведува преку владината програма за поддршка со исплата на средства преку трансакциска сметка за април и мај, во износ најмногу до 14.500 денари месечно.

XS
SM
MD
LG