Достапни линкови

Смртност од Корона - Подобри од ЕУ, полоши од Балканот


Илустрација
Илустрација

Ако се земат податоците за бројот на починати на еден милион жители Македонија во регионот е подобра само од Словенија, но генерално Балканот е подобар од европските земји.

Споредено со осум земји од регионот, земајќи ги податоците од интернет страницата worldometers каде што се постојано се сумираат бројките на заболени, излечени и починати од коронавирусот, Македонија е втора по починати од овој вирус.

Според објавените бројки, во земјава има 21 починат на еден милион жители, а пред Македонија е Словенија со 27 починати на еден милион жители. Сите други држави се зад нас, односно во Грција има десет починати на еден милион, во Хрватска осум, во Босна и Херцеговина 12, во Бугарија пет, во Албанија осум починати на еден милион жители, а во Црна Гора шест.

Некои од овие земји, вклучувајќи ја и Македонија имаат преземено ригорозни мерки, како полициски час. Со такви строги ограничувања на движењето се Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, Хрватска, Грција и Бугарија немаат полициски час, туку рестрикции во движењата и строги мерки при шетањето надвор, но имаат многу помал број починати.

Од што зависи смртноста?

Од што зависи бројот на починати, од возраста на заболените, претходните заболувања, здравствениот систем, од нешто друго или се заедно? Според микробиологот, доктор Никола Пановски причините за ваквата слика се повеќе.

„Една причина е што кај нас се ставаат во група на починати и луѓе кои сигурно не починале од таа болест. Потоа единствена земја сме, или една од ретките, што сите починати од непозната причина ги тестираме за коронавирус, па потоа се забележуваат како асоцирани со коронавирус, како на пример притвореникот во затворот Скопје. Тој немал никакви симптоми, умре од инфаркт и случајно испадна позитивен, а и него го ставаат во групата починати од коронавирус, а сигурно не умрел од тоа“, вели Пановски.

Според докторот, причина за смртноста кај нас во споредба со другите можно е и да колку брзо се открива пациентот, но и респираторите, со кои вели имаме проблем уште од свинскиот грип. Пановски вели дека повеќето кои се ставаат на респиратор и не преживуваат.

„Или респираторите воопшто не помагаат, или во работата нешто со нив не е како што треба“, вели Пановски.

Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање рече дека болеста има непредвидлив тек, ја напаѓа крвта и страдаат сите други органи.

„Анализиравме литература зошто е тоа така, анализиравме резултати, консултиравме и други болници во светот, секаде е така. Смртноста е 90, дури и 97 проценти во тешките форми на болеста“, изјави Филипче.

Во Македонија, според податоците од Институтот за јавно здравје, во однос на бројот на заболени најголема е смртноста во Струга и во Тетово, а вкупната стапка на смртност според истиот извор изнесува 4, 4 отсто.

Има ли ефект полицискиот час?

Во меѓувреме, Македонија се подготвува за вториот долг полициски час. Првиот, кој помина минатиот викен траеше 61 час, а сега граѓаните нема да смеат да ги напуштат своите домови 85 часа, од петок попладне до вторник наутро.

Надвор од одлучувачките кругови, кои велат дека ги преземаат постапките врз основа на мислењето на здраствените експерти, ваквиот пристап е критикуван во дел од јавноста, која смета дека со примораното седење дома, а излегување надвор во конкретни, исти часови, луѓето се принудени да имаат контакти во маркети, банки и други места со што повеќе се изложуваат на можноста да заболат.

„Навистина не знам што е мотивот да се воведат вакви, не била рекла драконски, туку нефункционални мерки. На пример во Франција, карантинот е многу пофлексибилен, може да излезете во кој било период од денот, времето е ограничено за сите потреби кои се наведуваат во формулар, но со таквите нивни правила, на крај, вкупно, на секој поединец му се собира многу помалку време отколку кај нас“, вели Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки.

И доктор Пановски смета дека рестриктивните мерки се добри за спречување на ширењето, но дека полицискиот час кој почнува од 16 часот не е добро решение затоа што луѓето се приморани да одат надвор во исто време.

Некои општини, пак самоиницијативно презедоа сопствени мерки, како општина Центар, која одлучи да ги завие клупите во пластична фолија за да не може луѓето да седат на нив во време кога државата им дозволува да бидат надвор.

Како е во Европа?

Во повеќето земји членки на Европската унија пак се применува ограничување на движeњето, но не полициски час. Toa значи дека кај нив граѓаните не смеат да одат надвор безпотребно, во големи групи, не работат ресторани и кафулиња, продавници, трговски центри, но луѓето се во можност под строги правила да излезат кога сакаат.

Шпанија, една од најпогодените земји во Европа заедно со Италија презема рестриктивни мерки на 14 март, Франција на 17 март, Германија на 22 март, Австрија на 16, Холандија на 31 март, Чешка на 12-ти март, Финска на 16 март. Македонија е некаде на средината, полициски час владата воведе на 21 март. Смртноста во тие земји од коронавирусот е секаде различна, некои од нив имаат доста повисока од Македонија, како на пример Шпанија каде што таа изнесува 390 луѓе на еден милион, или Франција, каде што е 241 човек на еден милион, во Германија е 42 лица на еден милион, но на пример во Финска е многу пониска и изнесува односно 12 лица, или пак Словачка со 0,4 отсто смртност на еден милион жители.

„Кај нив едно три недели порано почна коронавирусот и они се сега како ние што ќе бидеме на 10 мај, во таа фаза, а и тие немаа полициски час. Со полицискиот час мислам дека подолго ќе трае вирусот, оти тој ќе биде тука, нема да го снема. Ако го снема вирусот ќе треба да си честитаме сите балкански земји, но само ако го снема летово, а ако не и ние ќе дојдеме до некоја бројка од 50 починати на милион жители“, смета Пановски.

Инаку, во сите земји, вклучително и во државава почна да се зборува за релаксирање на мерките, со тоа што некои од европските држави имаат и конкретни датуми кога почнуваат. Па така Австрија од вторникот почна да отвора дел продавници, во Шпанија некои граѓани се вратија неделава на своите работни места, во Данска неделава се отворија училиштата за пониските класови. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека по велигденските празници ќе почне постепено релаксирање на мерките.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG