Достапни линкови

Премиери, сенатори, принцови позитивни на Ковид-19


Британскиот премиер Борис Џонсон по излегувањето од болница

Борис Џонсон е последниот висок државен функционер, позитивен на Ковид-19, кој излезе од болница откако беше хоспитализиран поради влошување на неговата состојба. Освен Џонсон, со коронавирусот се заразија и други владини претставници во повеќе земји во светот кои се борат со пандемијата.

Ширењето на епидемијата со коронавирусот не остави никого имун. Од здравствените власти, полициските сили и сите борци во првите редови кои се заразија со вирусот, на него не останаа отпорни ниту лидерите и официјалните државни претставници на голем број земји во светот.

Од заменик-министерот за здравство на Иран, земја во која епидемијата прво и најбрзо се прошири после Кина, па се до премиерот на Велика Британија, со вирусот Ковид- 19 се инфицираа и високи претставници од САД, Австралија, Канада, Израел и други земји.

По третманот во болница,британскиот премиер Борис Џонсон ќе го продолжи лекувањето дома, информираа од неговиот кабинет. Тој се заблагодари на медицинскиот персонал кој се грижел за него и рече дека „им го должи неговиот живот“.

Џонсон беше дијагностициран на 27-ми март и остана во самоизолација, но по десетина дена беше пренесен во болница поради влошување на неговата состојба.

Покрај Џонсон, Ковид-19 беше дијагностициран и во кралското семејство. Принцот Чарлс беше позитивен на коронавирусот, но тој се лекуваше во самоизолација. Од Бакингамската палата веднаш информираа дека Кралицата Елизабета Втора се чувствува добро. Во видео порака објавена минатата недела, таа ги повика Британците да останат решителни и единствени и дека само така ќе ја надминат пандемијата.

Кралицата Елизабета Втора: ќе успееме против коронавирусот
Кралицата Елизабета Втора: ќе успееме против коронавирусот

И британската министерка за ментално здравје, Надин Дорис, беше позитивна на коронавирусот. Таа беше дијагностицирана на 10-ти март и остана во самоизолација. Се врати на работа на 24-ти март.

Коронавирус во домот на канадскиот премиер Џастин Трудо

Позитивна на Ковид-19 беше и жената на канадскиот премиер Софи Грегори Трудо. Сопругата на Џастин Трудо, како што беше објавено, се инфицирала со коронавирусот за време на посета на Лондон каде што била дел од помасовен настан. Џастин Трудо исто така беше во самоизолација, но тој не разви симптоми на болеста.

Канадскиот премиер Џастин Трудо и неговата сопруга Софи Трудо
Канадскиот премиер Џастин Трудо и неговата сопруга Софи Трудо

Коронавирус и меѓу неколку официјални претставници на Австралија

Петер Дутон, министерот за внатрешни работина Австралија, беше позитвен на коронавирусот. Тој помина неколку денови во болница, според протоколите за лекување во Австралија, по што беше пуштен на домашно лекување. Покрај Дутон, со коронавирус беше инфицирана и сенаторката на Квинсленд, Сузан Мекдоналнд. Како што беше соопштено, иако и Дутон и Мекдоналд се членови на федералниот парламент, не биле во контакт во периодот на нивото заболување.

Потпретседател, заменик-министер и парламентарци од Иран позитивни на Ковид-19

Во Иран, земјата во која коронавирусот дојде многу брзо по неговото појавување во Кина до сега се заразени повеќе од 71 илјада лица од кои повеќе од 4.000 починаа. Меѓу првите официјални лица во Иран кои беа дијагностицирани со Ковид-19 беше заменик-министерот за здравство, Ираџ Харирчи.

Неговата болест беше и јавно проследена додека на прес –конференција, на која беа соопштувани мерките кои земјата ги презема за справување со вирусот, тој изгледаше лошо и се препотуваше. Потоа од самоизлација објави дека е позитивен на Ковид-19.

Во Иран расте бројот на починати од коронавирусот, но и гневот на граѓаните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

И потпретседателот на Иран, Ешаг Јахангири беше позитивен на коронавирусот. Во Иран со Ковид-19 беше заразен и спикерот на Парламентот, Али Ларијани, како и најмалку 23 парламентарци. Вирусот уби најмалку 12 претставници на претходната влада, пишува Франс 24 повикувајќи се на официјални извори.

И министерот за здравство на Израел позитивен на коронавирусот

Покрај иранскиот заменик-министер за здравство и министерката за ментално здравје на Велика Британија, позитивен на коронавирусот е и министерот за здравство на Израел.

Коронавирус принуди повеќе високи израелски функционери во изолација, откако министерот за здравство Јаков Лицман, кој имал чест контакт со премиерот Бенјамин Нетанјаху, бил позитивен на коронавирусот, соопштија од Министерството за здравство.

Лицман и неговата сопруга, која исто така се заразила со вирусот, се во изолација, и се чувствуваат добро, се вели во соопштението на министерството. Од кабинетот на Нетанјаху информираа дека премиерот повторно е во самоизолација бидејќи бил во контакт со Лицман. Нетанјаху веќе еднаш беше во самоизолација откако кај негов близок соработник беше дијагностициран вирусот.

Сенатори и градоначалници позитивни на коронавирусот во САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, два пати се тестираше за коронавирусот. И двата теста се покажаа негативни. Иако ќерката на Трамп, Иванка Трамп била во контакт со министерот за внатрешени работи на Австралија Донат само неколку денови пред тој да биде дијагностициран со коронавирусот, сепак агенциите соопштија дека таа не се заразила.

Но во САД, во моментов центарот на епидемијата, со Kовид-19 се заразија неколку сенатори и градоначалнци. Најмалку шест членови на Конгресот се дијагнотицирани позитивни на коронавирусот, а околу 40 се во самоизолација. Сенаторот Ранд Паул, Републиканец од Кентаки, беше првиот сенатор кој беше позитивен на Ковид- 19. Позитвен на бил тестот и на градоначалникот на Мајами, Франсис Суарес. Тој беше дијагностициран на 13-ти март, а на 30-ти март рече дека е негативен и на вториот контролен тест и дека излегува од карантин.

И Принцот на Монако позитивен на коронавирусот

Уште еден претставник на кралско семејство, овој пат на Монако, беше позитивен на коронавирусот. Принцот Алберт Втори од Монако бил дијагностициран позитивен на 19-ти март.

Според извештаите, 62 годишниот Алберт Втори беше првиот шеф на држава за кој беше објавено дека го има вирусот. Од неговата канцеларија соопштија дека неговата здравствена состојба „не претставува загриженост“.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG