Достапни линкови

Рекордна смртност од Kовид-19, заразените доцна се носат на лекар


Ковид-19 Скопје

Рекордната смртност од корона вирусот деновиве отвори многу прашања за тоа дали состојбата е излезена од контрола или станува збор за поинаква методологија која се користи во Македонија. Една од причините, според лекарите, е што пациентите не се носат во болница навреме.

Рекордот од 9 починати во текот на вчерашниот ден од ковид-19 во еден ден ја потресе јавноста. Денеска Министерството за здравство соопшти дека од корнавирус починале вкупно петмина. Во меѓувреме со растот на бројот на заразени расте и бројот на луѓе кои ја изгубија битката со коронавирусот. Од почетокот на пандемијата до денеска 193 луѓе умреа во земјава. Но, само во изминатиов месец од 15 мај кога за вкупно три месеци беа евидентирани 97 починати до денеска двојно се зголеми бројот.

Короната урива рекорди - Филипче смирува

Причините за високата смртност се бараат во ненавременото хоспитализирање на пациенти кој легнуваат во болничка постела неколку часа или најмногу еден ден пред да починат, потоа во возраста на населението, бројот на направените тестирања, достапноста до здравствените капацитети за лекување, но и во методологијата за броење на смртните случаи.

Ако се направи анализа на бројките на починати во регионот, Македонија го зазема првото место по смртност на Балканот со 96 починати на еден милион жители. На второ место е Словенија со 54 починати на еден милион жители. Патем дел од лекарите потсетуваат дека македонската статистика е изведена на ненаправен попис, односно во недостиг на точен број колку од македонските државјани моментално се наоѓаат на македонската територија.


Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека состојбата е излезена од контрола на инстутуциите. Тој додава дека еден од клучните проблеми за растот на починати е што заболените не биле навремено хоспитализирани, односно починале оние кои биле примени во болница неколку часа пред да починат или еден ден претходно со комплицирана ситуација.

„Една четвртина од вкупната бројка на починати, се починати денот кога се однесени во болница или пак ден пред да настапи смртта биле примени во болница. Тоа значи дека за повеќето случаеви или никој не реагирал или не знаеле дека се заболени, и кога е комплицирана ситуација, тешко е да се спаси живот. Станува збор за една четвртина од вкупно починати, тоа е огромна цифра. Да беа тие однесени во болница благовремено, или при почеток на симптомите барем половина од тие ќе имаа релативно добра прогноза. Ова зборува за тоа каков здравствен систем имаме и за тоа колку се информирани граѓаните за коронавирусот“, вели Таравари.

Неодамна министерот за здравство Венко Филипче негираше дека македонските бројка на заразени и особено на починати не се највисоки во регионот.

„Не е висока стапката на смртност кога се споредува со земјите во регионот. Ние земаме брисеви и постмортум, односно доколку некој бил суспектен, тестираме и тие лица ги внесуваме во статистиката. Голем дел од вкупната бројка на починати се вакви случаи. Другите земји ова не го прават“, вели Филипче.

"Огромен процент од починатите пациенти од ковид-19 се пациенти коишто имале претходни хронични заболувања. Од 193 починати лица, најголем дел се на возраст над 60 години, а кај 76% се регистрирани бројни коморбидитети како кардиоваскуларни, бели дробови, и шеќерна болест", изјави денеска Филипче.

Дел од докторите во јавност коментираа дека причината за евидентираната висока смртност од ковид 19 во однос на другите земји од регионот е дека дел од луѓето кои починале, директна причина не е ковид 19, туку друга претходна болест а присуството на вирусот е утврдено посмртно, додека во други земји каде што имало помала смртност заведувале дека вирусот не бил непосредна причина за смртта.


Пред четири недели бројот на вкупно заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата изнесуваше 1740 додека што е за повеќе од двојно помалку денешната бројка од вкупно заразени која достигна 4 157. Дел од лекарите велат дека со ова темпо очекуваат во наредните две до три недели да се достигне и бројка од 7 до 8 илјади заболени. Таравари вели дека ќе биде потребен период од 4 до 6 недели за да се развие еден одреден колективен имунитет.

„Мислам дека и тие што се изолираат и што се носат во карантин, институциите немаат веќе на нив контрола, единствено што можам е дека граѓаните мора да бидат внимателни и да се држат стриктно до правилата затоа што институциите немаат веќе контрола“, вели Таравари.

Здравствената криза и натаму во фокусот на медиумите

Опозицијата во изминативе денови бараат и кривична одговорност за големиот број на починати, но и оставка на дел од припадниците на Комисијата за заразни болести.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG