Достапни линкови

Каде завршува отпадот од заштитната опрема од Ковид-19?


Работници од ЈП Комунална хигиена-Скопје“ собираат и транспортираат комуналeн отпад во Скопје. Тие се под ризик доколку дојдат во контакт со контаминирани маски или ракавици.

Како одговор за заштита од Ковид -19, луѓето, болниците и здравствените установи произведуваат повеќе отпад од вообичаеното, вклучително од употребата на заштитните маски и ракавици кои можат да бидат контаминирани од коронавирусот. Граѓански организации посочуваат дека ваквиот отпад особено може да биде ризичен за вработените во комуналните претпријатија и за неформалните собирачи.

Со зголемената употреба на маски и ракавици за заштита од Ковид -19 во време на пандемијата, се создаваат и поголеми количини на ваков вид отпад, кој доколку е контаминиран потенцијално може да го пренесува коронавирусот.

Периодов често се забележува дека несовесни граѓани фрлаат маски и ракавици на улиците и на тротоарите. Затоа претставници на граѓански организации за заштита на животната средина сметаат дека отпадот од заштитната опрема треба да биде селектиран во посебни корпи за отпадоци.

„Иамјќи предвид дека граѓаните веќе масовно користат, особено заштитни маски, воочивме еден мал пропуст во делот на обезбедување на соодветна инфраструктура за одлагање на истите“, вели Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флорозон.“

Граѓанската организација „Флорозон“ во соработка со Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје и неколку ланци на маркети, деновиве започна со поставување на 75 специјализирани корпи за одлагање отпад од заштитна опрема на целата територија на државата.

Корпите кои ги поставува „Флорозон“ за отпад од заштитни маски и ракавици.
Корпите кои ги поставува „Флорозон“ за отпад од заштитни маски и ракавици.

Целта е да се намалат ризиците од понатамошно ширење на коронавирусот, но и да се влијае врз намалувањето на таканаречениот ковид отпад.

Корпите се поставуваат главно пред продавниците во моловите, пред маркетите и болниците, односдно онаму каде граѓаните најмногу ги употребуваат ракавиците и заштитните маски.

Ристовски вели дека планираат оваа акција да ја прошират со поставување на овие корпи на јавни површини, но посочува дека ваква инфраструктура треба да се постави и во јавните институции, каде има голема фреквенција на луѓе и вработени.

Според изработеното упатство на организацијата за начинот на одлагањето на отпадот од заштитната опрема од Ковид -19, вели Ристовски, граѓаните треба овој отпад да го одлагаат прво во посебно обележана кеса и потоа во контејнерите за комунален отпад.

„Овде првенствено на најголем ризик се изложени самите работници од „Комунална хигиена“, со оглед на тоа што може да дојдат непосредно во контакт со контаминирана маска или ракавица. Земајќи го предвид фактот што имаме прилично голем број на асимптоматски случаи, на тој начин можат да станат и преносители на самата зараза. Исто така како потенцијален ризик ја посочивме и изложеноста на неформалните собирачи на отпад, кои често знаеме да ги видиме како претураат во контејнерите и притоа доаѓаат до непосреден контакт со самите маски и ракавици“, вели Ристовски.

Неформални собирачи собираат над 80 насто од отпадот за рециклирање

Архива - Неформален собирач на отпад.
Архива - Неформален собирач на отпад.

Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје велат дека претпријатието од почетокот на пандемијата спроведува вонредни активности за одржување на јавната хигиена. Оттаму апелираат граѓаните соодветно да го одлагаат отпадот од заштитната опрема.

„Се соочивме со масовна појава на употреба на заштитна опрема и воедно нејзино исфрлање. Од почетокот на прогласувањето на епидемијата согласно препораките од Светската здравствена организација (СЗО), претпријатието апелираше до граѓаните овој тип на опрема да го исфрлаат во нашите поставени садови на јавни површини, без разлика дали станува збор за подземни или надземни контејнери или корпи, меѓутоа тој да биде уредно спакуван во двојни кеси со цел превентивно да се заштити здравјето на нашите вработени кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој тип на потенцијално контаминиран отпад“, вели Ана Марија Бранѓолица од ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје.

Според официјалните статистички податоци на државта (ДЗС), во Македонија се забележува тренд на зголемено создавање на комунален отпад по глава на жител. Бројќите покажуваат дека во 2019 година граѓаните создале 1,1 процент повеќе комунален отпад во однос на претходната година, односно дека секој жител создал по 456 килограми комунален отпад.

Сепак, претставници на граѓански организации, кои ја следат состојбата со управувањето со отпад, сметаат дека во земјава долго време постојат проблеми околу официјалните пресметки и бројќите за количините на создаден отпад.

Неточните информации создаваат проблем во донесувањето на вистински одлуки за добро менаџирање со отпадот, вели Блаже Јосифовски од грѓанската организација „Ајде Македонија“.

Тој апелира за време на епидемијата граѓаните да внимаваат особено при користењето на медицинскиот отпад и искористените медицински прозиводи, на кои може да има ткива кои потенцијално може да бидат заразни, да се обидат да ги одделат од комуналниот отпад, односно да не ги фрлаат на исто место.

ЈП Комунална хигиена-Скопје“ собира и транспортира комуналeн отпад во Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје“ собира и транспортира комуналeн отпад во Скопје.

Во оваа насока Програмата за животна средина на Обединетите нации во информациите за менаџирањето со отпадот од Ковид -19, наведува дека при несоодветно управување, особено инфицираниот медицински отпад може да биде предмет на неконтролирано депонирање, негово горење на отворено или неконтролирано согорување во инсинератори, што доведува до ризици врз јавното здравје.

„Тоа доведува до ослободување на токсични материи во животната средина и до секундарно пренесување на болести на луѓето“, вела од Програмата за животна средина на ОН.

Медицинскиот отпад не треба да се меша со комуналниот

Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“ посочува дека медицинскиот отпад треба да биде одделен од комуналниот, а деловите од комуналниот отпад што може да се рециклираат исто така да се одделат:

„Пластика на едно место, стаклото и хартијата на друго. Дел од отапдот може да се остава во контејнерите, а дел до контејнерите, доколку нема посебни канти, за потоа да ги соберат неформалните собирачи“, вели Јосифовски.

Потребна е подобра кампања за користа од регионалните депонии

За воспоставување на целосен систем за управување со отпадот во земјава, предвидена е реализацијата на Регионалните планови за управување со отапд и отворање депонии во сите плански региони (Североисточен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки и Скопски регион).

Но, овие проекти и натаму не се реализирани, главно бидејќи општините, на чија територија се планирани депониите, ја блокираат нивната изградба.

Спроед Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии за да се реши проблемот со отпадот во општинските депонии кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во земјава.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG