Достапни линкови

Скапата струја ризик за затворање на училиштата - владата анализира, родителите во паника


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Се погласни стануваат повиците за враќање на онлајн наставата поради високите сметки за струја за училиштата во пресрет на новата грејна сезона. Градоначалниците алармираат, министерот Шакири смета барањето е доставено прерано, а експертите со став - ново затворање на училиштата не смее да има.

Од враќање на децата на онлајн настава, кратење на програмите, па се до продолжување на зимскиот на сметка на летниот распуст се меѓу предлозите кои излегоа во јавноста, откако училиштата ги добија сметките за струја, а нивните директори сфатија дека немаат пари за греење зимава.

Милица Мартиновска, мајка на средношколец е загрижена поради ваквите најави. Незиниот син, кој сега е средношколец веќе мина скоро две години со онлајн настава поради пандемијата, искуство низ кое не сака повторно да поминува.

„Нашето искуство со онлајн наставата е многу лошо. Мојот син учеше онлајн второ полугодие од осмо и цело деветто одделение. Ние родителите сфативме дека таков начин на учење не е квалитетен. И самите наставници се жалеа. Така што предлогот за онлајн настава никако не го поддржувам“, вели мајката.

Дополнителен проблем, забележува е тоа што ваквите изјави доаѓаат поради енергетската криза и тоа што енергенсите драстично поскапеа, па училиштата немаат доволно пари за да го платат греењето. Иако живеат во Центар, во нивната куќа нема градско парно, па при онлајн настава, трошоците дома дополнително ќе растат.

„Ако ова се направи само за да се штеди греење е нелогично, бидејќи и ние дома така ќе треба да грееме“, вели Мартиновска.

Солени сметки за струја во училиштата

Како наближува зимата, така повиците за помош од страна на училиштата стануваат се погласни. Нивната работа е под надлежност на општините, кои пак пари за плати и трошоци во училиштата добиваат преку блок – дотации од државниот буџет.

И пред енергетската криза, голем дел од училиштата кубуреа со финансии, па родителите беа принудени сами да купуваат од принтери и сапуни, се до завеси и неопходен инвентар за во училница. Како капак на се, дојдоа последните сметки за струја која училиштата, за разлика од домаќинствата, ја плаќаат по инустриска тарифа, во време кога цените на берзите на струја „дивеат“.

Така на пример, последната фактура за струја во ОУ „Братство Миѓени“ во Тетово стигна до 72000 денари за околу 2200 киловати, револтиран е директорот Риза Етеми. Потсетува дека се уште не почнала сезоната на греење.

„А ние месечно, бидејќи сме четири објекти, во зимскиот период трошиме околу 15 000 киловати. Според оваа цена што ја добивме на фактурата, значи ќе треба да платиме 450 000 денари месечно“, вели Етеми, кој директорува во школото со над 1700 ученици кои одат во две смени.

Прием на првачиња на 1 септември, 2022 година во ОУ „Братство Миѓени“, Тетово
Прием на првачиња на 1 септември, 2022 година во ОУ „Братство Миѓени“, Тетово

Дополнително е загрижен и од цените на нафтата, бидејќи на ова гориво им работи парното. Лани нафтата беше 50-тина денари за литар, па според тие суми бил планиран и годинашниот тендер. Сега таа е 90-тина денари, за литар. Нивната пресметка покажала дека ќе можат да купат само 30.000 литри, наместо потребните 50.000. Што ќе се прави зимава крева раце, бидејќи општината е во долгови и нема доволно пари, а нема раст ниту во блок-дотациите од државниот буџет. Ако работите останат статус-кво, вели дека е добро учениците „барем декември да се дома, за да штедат училиштата“.

Овие барања и официјално беа испратени од градоначалниците од Полошкиот регион до Министерството за образование. Нивниот предлог е да има или поголем зимски на сметка на летниот распуст или пак три месеци да се префрлат на онлајн настава, за училиштата да ги избегнат високи трошоци за греење во зима. Градоначалниците од Источниот регион пак бараат училиштата да плаќаат за струја по субвенционирани цени.

За последново, како што појаснуваат од Заедницата на единиците на локалната самоуправа -ЗЕЛС веќе имале неколку средби изминатиот период со првите луѓе во Владата и ресорните министерства, ама како што велат оттаму, засега нема никаков слух за нивните потреби.

„Сите велат дека ја разбираат нашата мака, меѓутоа решение се уште не сме добиле. Што ќе се случува, не знам“, вели Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС.

Таа појаснува дека проблемите не се од сега, општините немаат доволно пари за да функционираат, а голем дел од нив имаат големи долгови.

Има ризик за наставата да се пресели дома

Од Влада смируваат дека се во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование, но се правдаат дека за трошоците за греење се надлежни општините, за што, како што велат, добиваат дотации. Ставот на Владата е дека во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.

Последново е став и на министерот за образование, Јетон Шакири кој сепак се согласува дека има ризик за наставата со физичко присуство. Вели дека проблемот ќе се решава во работна група во МОН, која ги разгледува барањата на градоначалниците, а се чешлаат и нивните трошоци, за да се види дали има заостанати пари од блок дотации од минатите години, но и други средства кои може да се пренаменат за греењето.

„Па после ја гледам можноста, што можеме од другите буџетски средства да организираме, дека ако можеме, имаме простор и имаме добра соработка да направиме се што е со нашите можности да имаме настава со физичко присуство“, вели Шакири во интервјуто за РСЕ кое ќе го емитуваме во недела.

Во однос пак на барањата за градоначалниците испратени до МОН со кои се нудат одредени решенија за излез од кризата поради греењето, Шакири смета дека се доставени прерано.

„Барање кое е доставено во месец септември, веднаш да предвиди што да очекуваме во декември, мислам дека во овој период очекував да беше доставено малку подоцна“, додава министерот.

Владата да покаже дека децата и се приоритет

На првиот ден од есента температурите во многу делови од земјава веќе се спуштија околу нулата. Грејната сезона започнува за помалку од еден месец, на 15 октомври. Во страв дека училниците ќе останат ладни, се погласни стануваат барањата за онлајн настава, распуст, пократки часови...

Но ова не е решение, дециден е Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитет„Гоце Делчев“ – Штип.

„Мојот став е дека, последното нешто кое треба да се донесе како одлука е учениците да не одат на училиште или да продолжат со онлајн настава, за која сметам дека имаме многу скромен капацитет“, искрен е професорот.

Потсетува на анализите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кои уште во 2016 година покажаа дека во Македонија учениците до 14-годишна возраст добиваат околу 900 часа помалку настава од земјите на ОЕЦД. Дополнително, и за време на пандемијата, македонските училишта беа меѓу последните во регионот кои ги вратија учениците назад на настава.

Оттука, Барбарееев смета дека и сега е неопходно е да се инвестира во квалитет на образовниот систем и нова инфраструктура на образовни објекти кои ќе имаат одржлив развој преку енергијата. Вели дека сега „владата сега треба најмногу да покаже лидерство“ и да даде пример дека децата, учениците, образованието се приоритет.

„Образованието е точка во која одлучуваме дали доволно се однесуваме одговорно кон своите деца и дали сме подготвени да ја преземеме одговорноста за тој свет на квалитет кој го креираат возрасните“, предупредува професорот.

Онлајн наставата во училиштата стартуваше во 2020 година, поради пандемијата на Ковид 19. Децата останаа дома, а наставниците им предаваа преку интернет, најчесто од своите комјутери, бидејќи во голем дел од училиштата- компјутери нема. Иако многумина во ова гледаа шанса за дигитализација на образованието, анализите подоцна покажаа дека недостатоците беа далеку поголеми од предностите. А последиците од ваквотото учење дојдоа сега, иако пандемијата е веќе смирена.

Панични напади, депресија, намалена концентрација, тешкотии со учењето поради многу пропуштен материјал се само дел од работите со кои се среќава Марија Младеновска- Димитровска, која работи како училишен психолог и психотерапевт. Затоа алармира дека не смее да има уште едно затворање на училиштата.

„Навистина последиците ќе бидат катастрофални. Не само по образовниот процес, којшто и тоа како ќе трпи, туку и по психичкото здравје на децата. Уште едно затворање на училиштата и онлајн настава, последиците ќе бидат ненадоместливи“, предупредува Младеновска- Димитровска.

Таа смета дека се друго може да почека, дека „на други работи може да се скрати, но образованието не треба да ги трпи последиците од оваа енергетска криза“.


Повик за изнаоѓање решение стигна и до Синдикат за образование (СОНК), адресиран до Владата и ЗЕЛС. Наставата од далечина не е прифатлива опција, наведуваат од СОНК.

Доцнењето со изнаоѓање решенија не е нешто непознато во образованието. Така на пример, и покрај тоа што пред година и пол беше донесена нова концепција за учење за почетните одделенија, годинава четири генерации добија наставни материјали наместо книги. Доцни тендерот за печатење на учебниците.

Пред две години доцнеше и учебната година, па почна од 1 октомври, а се правдаше со пандемијата. Во меѓувреме децата губеа настава и поради продолжен зимски распуст, но и поради штрајк на наставниците. Како „шлаг на тортата“, беше и доцнењето на свидетелствата за изминатата година, кои најголем дел од учениците ги добија пред неколку недели, откако веќе почна новата учебна година.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG