Достапни линкови

Претходната без свидетелства, а новата учебна дел од основците ќе ја започнат без учебници


Илустрација

Учебната година утре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци. Претходната учениците ја завршија без свидетелства, а новата дел од основците ќе ја започнат без учебници. Вакви се состојбите во образованието на само еден ден пред стартот на новата учебна година.

Наместо учебници дел од основците ќе учат од посебни материјали, бидејќи учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение кои требаше да бидат подготвени согласно новите образовни реформи не се готови.

Учениците во овие одделение ќе добијат половични учебници, кои ќе го содржат материјалот само за првите три месеци од учебната година.

„Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение ќе добијат материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието кои се однесуваат на првото тримесечје од новата учебна година, кога и треба да бидат завршени постапките за одобрување на сите учебници и истите да бидат дистрибуирани до училиштата“, велат од министерството за образование и наука.

Доцнењето е поради тоа што се уште не е завршено одобрувањето на учебниците со новите наставни програми.

На конкурсот за учебници дел од ракописите биле избрани, но дел имале забелешки од рецензентските комисии и тие треба да бидат изменети и дополнети.

Сепак, нема објаснување зошто ако учебниците според новиот концепт се најавуваат уште пред три години, учебниците не се завршени навреме.

Од министерството убедуваат дека и покрај тоа учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници.

Родителите до последен момент без информации

Во неизвесност се и родителите на учениците.

Татјана Јакимовска, која е родител на дете кое оди во второ одделение и друго кое оди во петто одделение вели дека неизвесноста за стартот на учебната година веќе станува пракса.

„Како и секоја година информациите ги добиваме задоцнето“, вели Јакимовска.

За петтоодделенецот немаат никакви информации, за тоа дали ќе се учи од дигитални учебници или од печатени.

Второодделенецот пак дефинитивно нема да добие учебници по македонски и математика. Ова веќе им било најавено на родителите од одделенскиот наставник.

„На родителската средба наставниците ни кажаа дека немаат информација кога ќе има и дополнително ќе не известат кога ќе стигнат. Учебници сега за сега нема“, Јакимовска.

Директорите се подготвуваат за стартот на учебната година

На два дена пред стартот на учебната година дел од директорите на основните училишта со кои разговараше РСЕ потврдуија дека се уште ги немаат добиено учебниците кои треба да бидат подготвени според новиот концепт.

„Сите учебници што се стигнати се од стариот концепт, од новиот нема ниту една“, вели диркеторот на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје, Марјан Јовановски.

Директорката на ОУ „Киро Глигоров“ од Скопје, Билјана пак нагласува дека скрипти нема да се работат затоа што очекува дека учебниците ќе стигнат до први септември.

„Скрипти нема да се работат затоа што тоа не го направивме ниту претходната година и ќе ги очекуваме учебниците, тоа е насоката од МОН дека ќе се добијат учебници, а наставниците се веќе на обука за новата концепција од второ и петто одделение“, вели директорката на ОУ „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска.

Свидетелствата за минатата учениците ги добиваат дури сега

Во меѓувреме пак наставниците на само неколку дена пред стартот на новата учебна година ги подготвуваа свидетелествата за претходната.

Наместо во јуни, свидетелствата дури сега им се делат на повеќето ученици.

Министерството за образование и наука одговорноста за доцнењето на свидетелствата ја префрли кај Бирото за развој на образование, а од таму пак се правдаа дека наставата се одвивала во време на криза и била соочена со предизвици.

Иако министерот Јетон Шаќири рече дека ќе бара одговорност од Бирото, досега не е утврдена.

„Согласно информациите од оваа институција, јавната набавка е завршена кон средината на овој месец, а воедно завршена е и дистрибуцијата свидетелствата до сите училишта“.

Учениците од деветто одделение, како и матурантите кои завршија тригодишно и четиригодишно образование ги добија свидетелствата веднаш по завршувањето на учебната година, во текот на месец јуни, но другите останаа без свидетелства.

Новата концепција треба да донесе аналитичко мислење и креативност кај учениците

Новата концепција за основно образование стартуваше лани со нова пргорама која ги опфати првоодделенците и четвртоодделенците .

Оваа година новата наставна програма се проширува и во второ и петто одделение, каде е и најголемиот проблем со недостигот на учебници.


Промените во основнотообразование според Министерството за образование и наука треба да се насочат кон настава и учење во кои се развива аналитичко и критичко мислење, се поттикнува креативност, се учи како да се препознаваат вистинити и невистинити, а наставата да се ориентира кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување.

Учебната година утре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG