Достапни линкови

Сопственикот на „Беса транс“ е достапен на обвинителството


Автобуската несреќа во Бугарија
Автобуската несреќа во Бугарија

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека се уште се чека на замолницата од бугарското обвинителство за да се повикаат застапниците на жртвите од автобуската несреќа на автопатот Струма за тие ако сакаат да извршат увид во списите или да поднесат тужби.

Откако бугарската национална истражна служба ја заврши истрагата за автобуската несреќа на автопатот Струма во која загинаа 45 македонски туристи, има неколку опции кои семејствата на жртвите сега може да ги направат, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовескиво интервју за РСЕ, кое целосно ќе се емитува в недела. Истрагата покажа дека одговорен за несреќата е возачот кој загубил контрола врз автобусот, кој се движел со голема брзина, но, не над дозволениот лимит.

„Според тоа има неколку можности семејствата на сега загинаттите патници да можат врз основа на оваа одлука да поднесат жалба до обвинителството на Република Бугарија. Имаат право да ги разгледаат списите во конкретниот предмет. Исто така им стои на располагање и можност пред надлежните органи на Република Бугарија да поднесат граѓанска тужба за надоместување на штета“, вели Јовески.

Јовески вели дека е испратена замолница од бугарското обвинителство, која се уште не е стигната до македонското обвинителство да ги сослушаат застапниците на покојните патници дали сакаат да извршат увид во предметот и дали сакаат да поднесат жалби.

Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.

Паралелно на ова, македонското обвинителство постапува во предмет кој се однесува на работењето на правниот субјект - организатор на патувањето, односно фирмата „Беса транс“, како и постапувањето на други надлежни органи.

Издадени се наредби од страна на обвинителот кој постапува по предметот до сите надлежни институции, посочува Јовески, со цел целосно да се согледа работењето на фирмата, а особено во делот како автобусот ги поминувал границите и техничката исправност на автобусот и лиценците. Јовески додава дека сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу е достапен на обвинителството.

„И од страна на неговиот адвокат и од страна на обвинетиот изјавена е согласност дека тој сака да соработува со надлежните органи во делот на утврдување на причините и околностите кои доведоа до оваа сообраќајна несреќа“, вели Јовески.

На „Беса транс“ и беше укината лиценцата за вршење автобуски превоз, како и лиценцата за вршење туристичка дејснот. Од македонските институции по несреќата излегоа информации дека автобусот со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Не бил заведен ниту во документацијата на Министерството за транспорт и врски. Имаше и информации дека возачите на изгорениот автобус не биле вработени, едниот немал ни сертификат за професионална компетентност. Суспендирани беа двајца цариници оти не го евидентирале излезот на автобусот од земјата.

Директорката на Царина, Славица Кутиров информираше дека „Беса транс“ приложувала изводи од лиценци за автобусот, но, најверојатно се прикажувале невалидни или фалсификувани документи.

Како можна причина за несреќата претходно беше посочена лошата сигнализација на автопатот Струма, банкините и дозволената брзина на движење од 120 километри на час која не била соодветна на условите на патотот. Но, шефот на бугарската националната истражна служба, Борислав Сарафов изјави дека вината ја сноси возачот.

„Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот. И големата, да речеме, несоодветна, но не и над дозволеното брзина“, изјави Сарафов за БГНЕС по затворање на случајот.

Пред месец дена Сарафов изјави дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, но посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.

Автобусот удри во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.

Бугарските обвинители по несреќата соопштија дека аутопсиите на жртвите покажале дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот, односно дека биле живи во моментот на избувнување на пожарот.

Десет дена по несреќата, со воени авиони од Бугарија беа донесени посмртните останки на загинатите во несреќата. Повредените патници и беа сместени во софиската болница „Пирогов”, а неколку денови по несреќата, во зависност од сериозноста на повредите, беа пренесени на скопските клиники.

По несреќата беа прогласени денови на жалост и во Македонија и во Бугарија. А неколку општини и Град Скопје, од каде што се потекнувале жртвите, дел од својот буџет одделија за помош на семејствата на жртвите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG