Достапни линкови

„Синдром на среќна девојка“- теорија што функционира или себезалажување?


Илустрација - девојка која ја користи платформата Тик-Ток

Трендот на социјалните мрежи наречен „синдром на среќна девојка“ го следат и Македонките. А има и такви кои и без популарниот хаштаг бираат позитивна страна. Експертите се согласуваат дека позитивната психологија има свoи позитивни страни, но ги посочуваат и негативните.

Хаштагот #luckygirl или #luckygirlsyndrome e нов тренд на социјалните мрежи Инстаграм и Тик-Ток. Стана актуелен околу Нова година со десетици милиони објави досега, а го користат девојки кои тврдат дека ќе бидат среќни ако едноставно веруваат дека се среќни. Тие уверуваат дека ако си кажеш себеси дека сѐ ти оди од рака и тоа го правиш секој ден и универзумот ќе работи во твоја корист за навистина да биде така.

Некои сведочат дека животот им се променил откако почнале да веруваат дека се најсреќните девојки на светот. Една од оние кои го прифатиле ваквиот предизвик е македонската тв водителка Јелена Спенџарска. Таа тврди дека ова навистина функционира. Погледнете го видеото снимено за РСЕ, за да го слушнете нејзиниот став и искуство.

Јелена Спенџарска за „синдромот на среќна девојка“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Христина Цветкоска, на социјалните мрежи позната како Кике Цветче, пак, вели дека бира позитивен поглед и без да го следи овој тренд, кој според неа е лошо именуван. Погледнете го нејзиниот став во видеото кое таа го сними за РСЕ.

Кике Цветче за позитивниот поглед на животот
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00
Нина Филевска - средношколка
Нина Филевска - средношколка

Дека концептот „среќна девојка“ со сигурност функционира не се согласуваат сите. Меѓу оние кои велат дека дека среќата не е „проста математика“ и дека не е доволно само да веруваш, туку треба и да си ги „засукаш ракавите“ за да си ги оствариш целите е и 18-годишната скопјанка Нина.

„Не ја поддржувам баш оваа теорија, лично ја немам испробано и не мислам дека може да биде многу успешна. Не мислам дека е доволно да се одлучиме еден ден дека ние ќе бидеме среќни девојки и толку. Мислам дека ако сакаме вистински да ги оствариме нашите цели треба малку да се потрудиме, не е тоа само туку-така“, изјави за РСЕ, Нина Филевска, средношколка од скопската гимназија Јосип Броз Тито.

Од самоохрабрување до самообвинување

Експертите се согласуваат дека позитивната психологија има свoи позитивни страни, но порачуваат дека треба да се имаат на ум и негативните.

Васка Митова - психијатар
Васка Митова - психијатар

Докторката Васка Митова, специјалист-психијатар потсетува дека не постои живот без негативни предизвици и трауми, а самонагласувањето дека во наши раце е моќта да ги смениме негативните околности може да донесе и очај кај оние кои ќе помислат дека не биле доволно оптимистични ако ситуацијата нема среќен крај.

„Колку што е трендот оптимистичен и позитивен, вака наивно да гледаме на ситуацијата- не е лошо да се размислува позитивно, но колку е тоа реалистично е еден голем знак прашалник, бидејќи многу ситуации во животот се надвор од нашата контрола. Што останува за оние кои за жал со игра на судбината се во негативни ситуации, од здравствен или финансиски аспект и колкаво би било тоа самообвинување доколу не „успеат“ со тој позитивен начин на размислување магично да ги променат ситуациите кои ги живеат?“, вели доктор Митова за РСЕ.

Најголем дел од младите ги немаат истите можности со оние со кои можеби се споредуваат следејќи го нивниот начин на живот преку социјалните мрежи, заклучува психијатарката. Според неа, ова е огромен ризик фактор за појава на анксиозност и депресија кај младите, која откако постојат социјалните мрежи е неколкукратно зголемена.

„Оние млади, здрави, прави, богати девојки со низа на можности кои и онака можат да ги реализираат во животот и кои се пласираат на социјалните мрежи под некоја привидност на перфекционизам и привидност на еден идеален живот кој го живеат, може да кажеме дека многу полесно поради можностите кои ги уживаат може да го постигнат она на кое се надеваат преку таа позитивна психологија. Но, тоа е една илузија од живеење. И колку тоа би можело негативно да влијае на остатокот, на 99,9 % младината кои поради околностите во кои живеат не би можеле да го реализират тој начин на идеален живот кој се презентира?“, истакнува докторката.

„Позитивното размислување не е трајно решение“

Сензационализмот си го прави своето, заклучува психотерапевткатa Тиана Ивановска.

Тиана Ивановска - психотерапевт
Тиана Ивановска - психотерапевт

„Ние сме општество кое бара брзо решение, лесно решение, нешто кое преку ноќ ќе ни го подобри животот. Тоа е дел од сензационализмот, ние бараме сензација. Сакаме нешто што ќе направи 'wow' резултати. Станува вирално, заразно, бидејќи сѐ околу нас функционира на виралност - вести, новости, нови методи“, вели Ивановска за РСЕ.

Залудно ќе се направат моментални промени, ако проблемот не се исече во коренот, потенцира Ивановска.

„Може да има подобрување во самодовербата и да помогне во контекст на тоа дека позитивните афирмации ќе ти дадат некој одреден буст за да се охрабриш и да направиш некој чекор. Меѓутоа, ова нема да ги реши застоите во позадина. Коренот ќе си работи и ќе ги прави истите симптоми сѐ додека не застанете и не ги решите“, додава психотерапевтката.

Според неа, не е доволно само да си кажувате на себе дека сѐ е ок, бидејќи само со системско решавање на проблемите, тие сигурно и конечно ќе се решат.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG