Достапни линкови

Сибел Бајрам - бунтовничка со повеќе од една причина


Активистката Сибел Бајрам

Активистката Сибел Бајрам забележува подобрување на позицијата на младите Ромки во некои сфери на македонското општество, но алармира дека во многу повеќе насоки, „возот“ стои во место. Се труди да му помогне да тргне, преку нејзиното здружение на жени Роми, „Лачо Диве“.

Да не била дискриминирана некогаш, можеби не би можела толку добро да ги разбере младите дискриминирани Ромки денес. Младата Сибел Бајрам како што вели, „процветала“ токму кога ја добила првата битка со дискриминацијата и продолжила да се бори и бунтува за себе и за останатите девојки и жени во нејзината заедница.

„Прв пат на 14 години се соочив со дискриминација, кога се запишував во средно училиште. Тоа беше шок за мене. И тогаш беше борбата - дали јас ќе прекинам и ќе се претопам во дискриминацијата и предрасудите од страна на професор, на кадар којшто треба да те мотивира, а не да те обесхрабрува. Низ разговор со моето семејство и со тетка ми сфатив дека- не, јас нема да се предадам и дека, во ред, можеби тоа така требало да се случи, дека тоа училиште не е за мене и треба да се префрлам во друго. И тоа се случи, по префрлањето во друго училиште се случи пресвртот кога јас процветав на некој начин и од таму почна таа моја борба“, вели Бајрам за РСЕ.

Растела меѓу луѓе ангажирани во невладиниот сектор, па вели дека веројатно така и првично го добила она чувство за борба за заедницата. Истакнува дека свесноста прво треба да излезе од семејството и децата да се растат на начинот на кој растела таа - со борбен дух и без предавањето како можна опција.

„Прво треба да израснете во семејство коешто малку гледа надвор од спрегите на патријахатот. Да, јас сум растела во традиционално семејство, меѓутоа моите родителите на 15 години ме пуштиле да излезам надвор од Македонија сама. Моето прво патување што верувам дека за многу девојки е сон, беше кога татко ми и мајка ми доделија старателство на наши пријатели, за да одам на еден семинар во Стразбур и од таму почнаа моите ангажмани и авантури. Татко ми и мајка ми никогаш не гледаа да вложат во куќата, на пример, да градат големи куќи, туку сето тоа што го заработуваа го вложуваа во мене и во сестра ми и благодарение на нив, јас сум веќе, ете, магистер по Менаџмент на човечки ресури. Вложуваа и во мојот англиски јазик уште од 6 години, па затоа одлучив и да дипломирам во таа насока, па сега сум наставничка“, вели 27-годишната Сибел.

Настан за одбележување на третиот роденден на здружението „Лачо Диве“, на денот на Ромите, 8. април
Настан за одбележување на третиот роденден на здружението „Лачо Диве“, на денот на Ромите, 8. април

Сибел која избрала да продолжи, наместо да се сопне на првата пречка, денес е активистка која зборува неколку јазици, а веќе 4 години е и наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во Шуто Оризари. Исто толку долго е и претседателка на здружението на жени Ромки ,,Лачо Диве’’.

„Секогаш сум тука за својата заедница, особено за помладите, бидејќи сум поминала низ тој период, сум доживеала дискриминција и знам како е бидејќи сум почувствувала на своја кожа и можам да ги насочам“, додава Бајрам.

Заедно се похрабри

Токму младите се најбројни во редовите на „Лачо Диве“. Од над 60 жени од цела Македонија со кои соработува преку здружението, повеќе 40 се средношколки и млади девојки на возраст до 25 години.

Една од нив е 19-годишната Ајлина Ридарева од село Црник, пехчевско. Скоро една година е дел од здружението.

„Здружението ме охрабрува и гледам дека не сум само јас, сама Ромка, којашто се соочува со дискриминација, туку така ѝм е и на другите. На пример, кога имаме он-лајн состаноци со Сибел, споделуваме дали некоја од нас била дискриминирана и како сме реагирале во таква ситуација, а таа ни дава поддршка и храброст. Сибел е прекрасна личност и ние можеме неа во секој момент да ја контактираме за каков било проблем, за да ни даде совет или поддршка“, изјави младата Ридарова за РСЕ.

Група Ромки од Србија со музика против принудни малолетнички бракови
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:43 0:00

Главната цел на здружението „Лачо Диве“ е едукација, информирање, мотивација и бодрење преку ангажирање на различни експерти од области за кои на девојките и жените ѝм требаат информации или совет.

„Јас сум многу радосна кога моите девојки ќе ми кажат, на пример: „Сибел, јас денеска имав проблем со тоа и тоа, ми треба разговор, ми треба помош.“ И најмал совет на нив многу им значи, бидејќи не секогаш можат да се отворат дома во семејството, не секогаш можат да зборуваат со пријателите на одредени теми. И не секогаш општеството ќе ги прифати нивните избори“, додава активистката Бајрам.

Ајлина Ридарева и Сибел Бајрам
Ајлина Ридарева и Сибел Бајрам

Какви се проблемите?

Жените во Шуто Оризари со години имаат проблем со достапност на гинеколог. Гинеколозите таму доаѓаат и брзо заминуваат. А последниот кој дошол пред половина година, сега заминува во пензија.

„Не е реално веќе во 2022 година да се бориме со такви проблеми, а знаеме дека Шутка има околу 45000 жители. Тоа не е нормално“, потенцира претседателката на „Лачо Диве“.

Втор најгорлив проблем според Бајрам за младите Ромки е вработувањето на стручни девојки и жени, поради кој како што вели таа, веројатно дел од нив си заминуваат од земјава.

„Верувам дека тоа е случај и со неромското младо население, меѓутоа особено кај нас Ромите, кога се креираат политики особено за жени и за девојки, тука ние не сме консултирани и мене тоа многу ме револтира. Креирањето на политики, прашања и програми за жени и девојки Ромки, се прави од страна на една до две експертки коишто, нели, секогаш доаѓаат предвид, а ние останатите коишто сме конкурентни и сме експертки во таа област, никогаш не сме консултирани. И вработувањата секогаш изостануваат, па ова е веројатно една од причините поради кои тие заминуваат од Македонија“, вели активистката Бајрам.

До каде се решенијата?

„Има еден позитивен тренд што сакам да го нагласам, а тоа е дека во последните 7-8 години имаме подигната свест кај ромската заедница, за што особено ми е мило, за важноста на образованието. Не само на машките, туку веќе се обрнува внимание и на образованието на девојките, што е многу битно.
Студија спроведена пред 3 години покажа дека имаме многу повеќе дипломирани Ромки, отколку Роми. Тоа ми е некоја добра промена која ја забележувам, а во однос на помошта од државата, тука тапкаме во место“, истакна Бајрам.

Според истражување на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, спроведено во 2020 година, вработувањето на Ромките во државните институции кај нас е сè уште недоволно и потребно е создавање долгорочни родово сензитивни пристапи во секоја институција за да се зголеми нивното учество во јавната администрација. Во заклучокот и препораките се наведува и дека ова особено важи за националните институции кои немаат ниту една вработена Ромка.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG