Достапни линкови

Младите бараат достапна модерна контрацепција


Илустрација
Илустрација

ХЕРАмлади изработија документ за јавни политики кој се однесува на сексуалното и репродуктивното здравје и права. Тие бараат воведување на сеопфатно сексуално образование во формалното образование. Исто така, модерна контрацепција достапна за младите, особено во руралните средини и од маргинализираните групи.

„Достапната и пристапната контрацепција оди заедно со еманципацијата на младите, на жените и на маргинализираните групи бидејќи овозможува слобода и избор кога е во прашање сексуалноста и репродукцијата. Кога зборуваме гласно и отворено за контрацепцијата, ги уриваме и табуата поврзани со нашата сексуалност и ги афирмираме позитивните и граѓанските аспекти на сексуалноста“. Ова е дел од воведот во документот за јавни политики за унапредување на пристапноста и достапноста на модерната контрацепција. Документот е изработен во рамки на проектот „YSAFE јакнење на капацитетите за застапување“ спроведуван од ХЕРАмлади со поддршка од Меѓународната федерација за планирано родителство – Европска мрежа со седиште во Брисел, Белгија. Целта, информираат од ХЕРА, е да се зајакне гласот и учеството на младите во унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права.

„За младите луѓе кои живеат во современо општество и се залагаат за еднаквост и демократски промени, сексуалноста не е приватно или забрането прашање, бидејќи табуата раѓаат стигма, дискриминација и му штетат на нашето здравје“, стои во документот.

Државата да помогне

Тие бараат од властите, или системот, поголема достапност за поголем број млади, како и маргинализирани групи на луѓе.

„Здравствениот сектор мора да обезбеди пристапна контрацепција за сите млади луѓе, особено за оние кои немаат можност самостојно да ја набават. Голем дел од младите луѓе се невработени или пак, немаат постојани и доволно големи приходи за да можат редовно да купуваат контрацепција. Голем дел од младите луѓе, особено во руралните делови и во помалите градови не можат да дојдат до контрацепција без да патуваат. Сметаме дека младите луѓе од маргинализираните групи, како Роми, ЛГБТИ луѓе, сексуални работници, лица што живеат со ХИВ, припадници на други помали етнички заедници, лица што употребуваат дроги, девојчиња од рурални средини, жртви на родово засновано насилство и сексуално насилство, лица со попречености треба да бидат во фокусот на Министерството за здравство, и другите релевантни министерства, кога е во прашање контрацепцијата“, бараат младите од ХЕРА, кои бараат субвенционирана и бесплатна контрацепција.

Дополнуваат дека за овие групи пристапот е дополнително отежнат поради стигма, социјална изолација и сегрегација. Тие сметаат дека е неопходно намалување на предрасудите и добивање на точни информации за репродуктивното здравје и права.

„Од една страна, бараме конечно воведување на сеопфатно сексуално образование во формалното образование, а ,од друга страна, бараме отстранување на дискриминаторските и застарени содржини од секој степен на образование и нивна замена со современи, релевантни и позитивни текстови кои отворено зборуваат за сексуалноста, ја промовираат еднаквоста и човековите права на сите“, се вели во документот, кој можете детално да го разгледате овде.

XS
SM
MD
LG