Достапни линкови

Подобри услови за живот за намалување на питачењето


Тетово.
Тетово.

Вклучување на деца од ранливи категории во градинка, вработување на еден од родителите, подобро образование, подобри услови за домување, ова се само дел од предлозите на невладините со кои ќе се избегне детското питачење.

Деца кои питачат како општествен проблем, со децении останува присутен во Тетово. Пред сè на улиците помеѓу возилата, но и на места каде има поголема фрекфенција на луѓе се забележуваат овие деца кои се обидуваат да измолат неколку денари од минувачите.

Од невладината организација Ресурсен Центар во Скопје, велат дека нискиот степен на заштита на правата на децата Роми е една од главните причини за појава на питачењето кај оваа заедница. Нивното годишно истражување покажува дека 35 проценти од децата Роми во Македонија живеат во супстандардни услови кои директно влијаат на нивниот квалитет на живот.

„Ромските деца се една од општествените групи во нашето општество кои се исклучително ранливи и се соочуваат со исклучителни потешкотии во однос на нивниот личен развој. Напуштањето на образовниот процес, питачењето, непоседувањето на лична документација и проблеми при регистрација, реинтеграција во образованието на децата повратници кои се од семејства поранешни баратели на азил од ЕУ земјите, лоши услови за домување, непознавањето на македонскиот јазик, дискриминацијата, деликвенцијата како и невработеноста како и лошата економска состојба, злоупотребата на детскиот труд и слично се главните проблеми кои го попречуваат нормалниот развој на ромските деца, вели Александар Ванчовски од Ресурсен Центар.

Драги Змијанац од детската амбасада Меѓаши, вели дека институционално може да се надмине ваквата слабост на општеството. Тој дава конкретни предлози за создавање поквалитетни услови за живеење и образование на децата како можности да го избегнат питачењето.

„Овие деца на време да се вклучат, од рана возраста да се вклучат во градинка со бенефиции од страна на државата, за да можат децата да стекнат поинакви животни вештини и навики, да се стават во системот и да почнат на време во задолжителното основно образование. Сметаме дека доколку овие деца се вклучат во градинка имаат шанси да се оттргнат на време од улицата и на тој начин да не се злоупотребуваат нивниот труд. Еден од родителите кои се во маргинализирана категорија, да биде вработен, најмалку еден да биде вработен. Не можат да успеат со социјална помош да егзистираат. Да се обезбеди каков таков кров на главата за да може системот да го следи како го остваруваат родителите квалитетно родителското право“, вели Змијанац.

Питачењето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и дека за ваков вид прекршок е предвидена глоба од 15 до 50 евра. Родителите или други луѓе кои непосредно ќе ги инволвираат своите или други деца во питачење или на било каков поинаков начин ќе ги запуштаат и злоупотребат, се соочуваат и со кривична одговорност велат надлежните. За тоа е предвидена затворска казна од најмалку пет години.

XS
SM
MD
LG