Достапни линкови

Прерано опуштање - се зголемува бројот на заразени од Ковид 19


Полиција и граѓани со заштитни маски во Скопје
Полиција и граѓани со заштитни маски во Скопје

Во едно деноноќие се регистрани над 700 новозаразени од корона вирус. Лекарите се загрижени поради поголемата преносливост на мутациите и сметаат дека ќе бидат потребни и нови мерки за да спречи посериозна епидемилошка состојба. Тие велат дека растот е последица и на опуштањето на граѓаните

Во очекување на поголеми количини на вакцини за имунизација на населението, бројот на новозаразенени од корона вирус во неколку градови во земјава се зголемува во последните неколку денови, се наведува во известувањата на здравствените власти.

Освен во главниот град Скопје, каде на дневна основа има најмногу новозаразени, во изминатиов период Прилеп, Охрид и Кавадарци се општините каде по појавата на британскиот вид на вирусот, се зголеми бројот на новозаразени.

Доктор Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје е загрижен поради поголемата преносливост на мутациите на вирусот и смета дека за жал ќе биде потребно некои нови мерки во претстојниот период да ја вратат ситуацијата во првобитната состојба.

"Во изминатите неколку дена бројот на новозаразени на дневна основа го надмина бројот 700 тини. Тоа е тренд кој се следи на глобално ниво зашто во основа се работи за нови варијанти на вирусот кои имаат многу поголема преносливост и може да се очекува дека ако останат на сила исти превентивни мерки и не се засили темпото на имунизација, во иднина ќе може да бележиме зголемување на бројката на новозаразени на дневно ниво", вели доктор Мехмедовиќ.

Ќе има ли нови мерки?

Дали во градовите каде има скок на новозаразените ќе бидат воведени по ригорозни мерки зависи од проценката на ситуацијата од агол на Министерството за здравство.

Министерот Венко Филипче потврди дека има зголемување на бројот на регистрирани заразени во однос на направени тестови, наведувајќи дека се прават епидемиолошки анализи со кои треба да се утврди на што се должи тоа. Тој не ја исклучи можноста за други мерки, на локално ниво или пошироко, но засега,како што рече, не се разгледува таква мерка.

„Може да се должи на британскиот сој, но и на непочитување на мерките, на собирања на граѓаните. Времето е убаво, луѓето се надвор, не се почитуваат мерките. Во таа смисла за евентуални дополнителни мерки ќе се разговара во претстојниот период.“кажа Филипче.

Надоврзувајќи се на состојбите и примерите од други држави во регионот и Европа каде поради страв од новиот вид корона вирус се на сила нови рестриктивни мерки , доктор Мехмедовиќ вели дека сериозноста во однос на примената на заштитата, новите мерки и вакцинацијата во тие земји веќе допринесле за намалување на бројот на новозаразени.

"Во светот каде што има силна примена и нови превентивни мерки гледаме спротивни трендови односно дека бројот на новозаразени се намалува и особено во оние земји каде вакцинацијата е во поодмината фаза и бројот на оние кои ја примиле вакцината надминува 15 до 20 проценти од целокупното население", вели доктор Мехмедовиќ.

Микробилогот Никола Пановски за Радио Слободна Европа неодамна рече дека мерките за заштита од коронавирус кои се на сила кај нас, се во согласност и со економските можности на државата дополнувајќи дека „и да не се доволни се единствено можни“.

„Нема капацитет за построги мерки, а актуелните релативно даваат резултат. Да се надеваме дека ќе даваат резултат и за новиот сој, секако ако се почитуваат мерките, “, кажа професор Никола Пановски.

Старт на вакцинацијата во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Вакцинацијата на населението доцни

Во меѓувреме, многумина ги обвинуваат властите дека Македонија заостанува со набавката на вакцините. На граничниот премин Табановце на 14 овој месец стигна првата пратка од вакцини на „Фајзер“, од Србија, а вчера Македонија ја доби и втората пратка од 3510 вакцини од Србија. Станува збор за вакцини со кои веќе започна имунизацијата на здравствените работници коишто се во првите редови во борбата против ковид-19.

Засега нема најави кога ќе пристигне поголемо количество на вакцини за имунизација на населението.

Владата вчера го одобри договорот за набавка на најавените 100.000 вакцини од Русија, а во меѓувреме се уште се чекаат кинеските вакцини, кој се наменети за 100 илјади лица. Се очекуваат и останатите количини вакцини од Ковакс системот и другите системи за кои сме аплицирале за вакцина.

„Преку Ковакс очекуваме 20 до 30 илјади вакцини на ‘Астра Зенека’, според договорот на почетокот на март.“најави Филипче.

Граѓаните прерано се опуштија

Но, паралелно со растот на бројот на вакцинирани лица, искуствата на некои земјите од регионот покажуваат дека победата над ковид инфекцијата е далеку. Србија деновиве е една од земјите каде се забележува раст на бројот на новозаразените, а како една од причините за наглиот скок таму се смета прераното опуштањето на граѓаните поради растот на бројот на вакцинираните.

Во очекување на имунизацијата на населението во земјава, Доктор Мехмедовиќ вели дека ни престојат сончеви денови кои ќе ги изнесат луѓето надвор, наведувајќи дека така е помала изложеноста на вирусот, но апелира дека граѓаните и натаму треба да водат многу сметка како да се заштитат.

"Топлото време ќе придонесе граѓаните да ги напуштат затворените простории и да престојуваат на отворено. Тоа е едно од оние случувањата кои одат во прилог на намалување на бројките, но треба да се биде претпазлив зашто има појава на нови варијанти на вирусот кои лесно се пренесуваат, за некои од нив се смета и научно се работи да се докаже дали имаат поголема смрттност. И треба многу внимателно во наредниот период да се креира политиката во однос на тоа кои превентивни мерки треба да се засилат и на кој начин да се следи епидемиолошката состојба со вирусот" вели доктор Мехмедовиќ.

Лабораторијата во МАНУ, во меѓувреме, врши анализа на примероци и во текот на следната недела ќе се знае колкав процент од новите дијагностицирани случаи на зараза со коронавирус го имаат британскиот вид.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 100.632, бројката на оздравени пациенти е 90.311, на починати е 3.098, а бројот на активни случаи изнесува 7.223.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG