Достапни линкови

На повидок вакцинација со кинеските вакцини


Илустрација. Вакцинација против ковид 19

Министерството за здравство во поделеник ќе го потпише договорот за набавка на 200 илјади вакцини со кои ќе се вакцинираат 100 илјади граѓани. Не е прецизирано кога ќе почне процесот на вакцинација,но пристигнувањето на вакцините се очекува во најкус можен рок.

Со 200 000 вакцини на кинеската „Синофарм“ треба да започне имунизацијата против корона вирусот на граѓаните во земјава, а приоритет ќе имаат здравствените работници од ковид центрите и лицата кои имаат над 70 години.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на пресс конференција кажа дека министерството во поделеник го потпишува договорот за набавка на кинеските вакцини, дополнувајќи дека владата на вчерашната седница одлучила да ги набави овие вакцини кои тој очекува да стигнат во најкус можен рок, а се наменети за 100 илјади лица.

На прашање кога ќе пристигнат кинеските вакцини Филпче не прецизираше рок, но рече дека важано е оти земјава ќе обезбеди значајна количина на вакцини за поголем број граѓани.

Тој рече дека е направен детален план за транспорт , и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови , како и за начинот на спроведување на вакцинација.

"Се очекува 2000 до 2.500 граѓани да бидат вакцинирани на дневна основа .За секој граѓанин што ќе прими прва вакцина, обезбедена е и втора по 21 ден . Секој граѓанин ќе добие соодветен сертификат", изјави министерот Филипче.

Вакцина прво ќе примаат здравствените работници , кои работат со Ковид - пациенти во клиники и домови за стари лица , како и матични лекари и вработени во лаборатории. Здравствените работници ќе се вакцинираат на еден пункт, а другите од Скиопје во поликлиниката ,,Букурешт" , а од други градови во вакциналните пунктови во градовите.

Во првата фаза, можност за вакцинација добиваат и сите граѓани над 70 години.

Станува збор за бројка од околу 14.200 здравствени работници и над 170 илјади лица кои имаат над 70 години.

Во втората фаза, се вакцинираат: лица над 65 години, лица од 18 до 64 години со коморбидитети, здравствени работници ИЈЗ и ЦЈЗ, фармацевти, стоматолози и друг здравствен пероснал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физички присуство на работа

И во третата фаза се вакцинираат сите преостанати лица од повеќе групи: вработени во други важни дејности, како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарство, земјоделие, образование, здравство со низок ризик на зараза и сите други граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

Ковакс го објави планот за ковид вакцините - За Македонија 103.200 дози

Термините за вакцинација ќе ги закажуваат матичните лекари преку „Мој термин“ но ќе има можност и за електронска апликација.

Следната недела ќе биде готова он-лајн апликација преку која ќе се врши закажување за вакцинација. Сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат ќе може да се пријават преку оваа апликација , по што системот Мој Термин ќе испорача точен термин за вакцинација.

Покрај набавените 200 000 вакцини министерот рече дека ,во меѓувреме, се очекуваат и останатите количини вакцини од Ковакс системот и другите системи за кои сме аплицирале за вакцина.

Според најавите на Владата, во февруари треба да пристигнат 5.800 вакцини на „Фајзер“ а компанијата треба до крајот на годината да испорача 800 илјади доволни за вакцинација на 400 илјади граѓани. Преку Ковакс системот, во заклучно со јуни треба да бидат испорачани 103 илјади вакцини на производителот „АстраЗенека“ а до крајот на годината вкупно 833 илjади дози.

На прес конференцијата зборуваа и доктор Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација и Жаклина Чагоровска од „Мој Термин".

„ Сѐ уште се чекаат официјални насоки од Светската здравствена организација но најверојатно и во северна Македонија вакцината на „АстраЗенека“ нема да се дава на граѓаните кои имаат над 65 години. Ова се должи на фактот што вакцината на овој производител нема има послаб ефект кај овој тип на популација“ рече д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.

Министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на прашање изјави дека нема резерва кон ниту една вакцина и оти би се вакцинирал меѓу првите од која било вакцина што прва ќе пристигне во земјава.

Инаку опозицијата постојано ја критикува власта дека потфрлила со вакцините, на што Филипче повеќе пати одговори дека тоа не е точно, тврдејќи дека Македонија го има еден од најдобрите системи. Тој неколку пати кажа дека се работи за прилично комплицирани преговори со многу детали зашто самите компании производители се наоѓаат под голем притисок и се преплавени со барања од целиот свет.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG