Достапни линкови

Наши дечки на Светско првенство во ориентација


Мери Чкрипеска, Михајел Ван Бален и Марио Котески

Со компас во рака и желба за добри резултати, двајца членови на ориентациониот клуб „Златоврв“ од Прилеп, ќе имаат репрезентативен настап на Светското првенство во ориентација, во Чешка, за да ги измерат способностите со вкупно 400 натпреварувачи од 76 земји.

Мери Чкрипеска и Марио Котески со настап под капата на Националната Ориентациона Федерација, ќе имаат задача да поминат детална ориентациона мапа од урбана средина или предел во природа, за најбрзо можно време.

Во моментов се во Чешка и се подготвуваат за трките на 3., 6. и 9. Јули, во друштво на репрезентативецот на Белгија, Михајел Бан Бален, инаку сопруг на Мери, а тренер во нивниот матичен клуб. Во случајов, ќе биде конкуренција на Мери и Марио, бидејќи ќе ја претставува својата држава.

„Иако сме од ист клуб и тренираме заедно, ориентацијата е индивидуален спорт и на натпревар секој трча за себе. На многу трки досега сме биле конкуренти и тоа не е необично за нас, но сепак кога настапот е репрезентативен, жарот и борбата се на сосема друго ниво“, изјави Котески за РСЕ.

До Светско се стигнува преку селективен натпревар во матичните земји. Но, местото е загарантирано со добивање потврда од Интернационалната ориентациона федерација, во која стои дека натпреварувачот ги исполнува условите да биде дел од најдобрите. Прв критериум се бодовите за светската ранг листа, што се собираат на интернационални натпревари, а вториот критериум е поврзан со физичката подготвеност според најдобрите истрчани времиња, на 5 км.

Марио Котески
Марио Котески

Екипата вели дека атмосферата во Чешка е одлична, а возбудата расте.

„Одработуваме 2 тренинзи дневно во близина на терените каде ќе бидат официјалните трки, како би се навикнале на теренот и би го простудирале колку што можеме повеќе. Теренот е специфичен и уникатен поради големите песочни карпи. Да се биде тука меѓу најдобрите е огромна чест. Овие две недели Чешка ја живее ориентацијата. Спортот тука е многу популарен. Влезниците за гледачите се веќе распродадени, останува првенството да се следи на неколку национални телевизии низ светот и се разбира преку интернет“, додаде 21 годишниот Котески.

За него, самото учество на светско првенство, како прв настап на ваков настан, е голем успех.

„ Далеку сум од тоа да очекувам високи резултати на натпреварувања од вакво ниво. Сега собирам искуство за да бидам подобар во текот на наредните години. Сепак, пласман во финале на спринт и средна дистанца би бил преголем успех за мене!“, истакна репрезентативецот.

Искусниот тркач Михајел собира уште повеќе искуство кое сака потоа да го пренесе дома, во Белгија, но и во неговиот втор дом, Македонија.

„Задоволството доаѓа од личната рефлексија. Ако сум задоволен од личниот перформанс – ќе бидам задоволен! Задоволство е само да се биде тука помеѓу овие натчовечки луѓе после постигнатиот успех на селективните трки. Се натпреварувам против најдобрите ориентирци во светот, кои имаат подобри подготовки, подобри тренери, подобра култура за ориентација. Се подготвив што можам подобро и одам најмногу поради искуството. Искуство што ќе го искористам на следните првенства и ќе им го пренесам и на следните генерации и во Белгија и во Македонија, со надеж дека еден ден ќе има уште подобри натпреварувачи од мене!“, вели Ван Бален за РСЕ.

Михајел Ван Бален
Михајел Ван Бален

И Мери размислува во насока на инспирација на генерациите кои доаѓаат.

„Морам да признаам дека оваа година чувствувам голем стрес. Најверојатно тоа се должи на изминатите месеци во кои вложив доста труд за подобра физичка подготвеност, проследена со лични рекорди во атлетика и техничка подготвеност, тренинзи со мапа. Целта е да се биде подобра од претходно, да се има стабилна трка со што помалку грешки. Квалификација во финале на средна дистанца би бил повеќе од задоволителен резултат за мене. Сепак, секогаш најголемата сатисфакција е да се пренесе знаењето на најмладите и да се мотивираат да одберат сличен животен пат, полн со авантури!“, изјави Чкрипеска за РСЕ

Мери Чкрипеска
Мери Чкрипеска

Пресудна е љубовта кон Мери и кон македонските предели

Она што Ван Бален го држи на наш терен, освен љубовта за Македонката која го допрела неговото срце, е недопрената македонска природа.

„Да, јас сум апсолутно заљубен во македонската природа! Покрај Мери, тоа е најверојатно единственото нешто што ме спречува да се иселам од земјата. Пределите се доста разновидни, па дури и по неколку години имам уште многу места за истражување. Истото важи и за сите соседни земји. Се што е недопрено од човекот е неверојатно во Македонија!“, истакнува Белгиецот.

Нашата недопрена природа е предизвик повеќе за овој спорт да стане уште повеќе популарен кај нас. Преку повеќе локални натпревари, тренинг кампови и еден европски проект, се прави промоција на ориентацијата како спорт кој во основа ја има атлетиката комбинирана со менталната агилност на секој поединец.

„Интересот кај младите расте. Учиме преку игра, тренираме и се забавуваме. Клубот соработува со тренер од Шведска кој исто така ни помага со програмата на тренинзи и лекции. Ако сакаш да се движиш во природа или едноставно сакаш да ги замениш здодевните трчања во паркот, тогаш секоја возраст е добра за да започнеш со ориентација. Но, доколку сакаш да се занимаваш професионално со спортот, најдобро е да се почне на што порана возраст. Најдобрите ориентирци во светот, започнале со тренинзи покрај нивните родители. Доколку сакаш да си најдобар/а треба да го живееш спортот, да ти премине во животен стил“, додаде Чкрипеска.

Михајел Ван Бален и Мери Чкрипеска
Михајел Ван Бален и Мери Чкрипеска

Се согласуваат дека ориентацијата е тежок спорт, кој бара физичка и ментална подготовка, а да трчаш што побрзо низ недопрените природни предели дава голема доза на адреналин. Возбудливо е тоа што натпреварувачите ја добиваат мапата на самиот старт и не знаат што ги очекува, па така, ниту една трка не може да биде иста со претходната.

„Она што го прави спортот посебен е фактот дека секоја трка е на различен терен, во различен регион или земја. Дури и во рамките на една трка, нема натпреварувачи што трчаат по една иста патека, бидејќи секој одредува маршрута од една до друга контролна точка, читајќи ја мапата. Во ориентацијата не е дозволена маркација на патеките. Многу други спортови се попредвидливи. За пример, атлетиката е здодевна за мене. Не е важно каде трчате, бидејќи атлетската патека е секогаш со иста должина, без разлика дали е во Скопје, Брисел, Париз. Победниците на атлетските трки и времињата се предвидливи, додека во ориентацијата е незивесно до самиот крај!“, заклучи Ван Бален..

Нашите вљубеници во ориентацијата, велат дека овој спорт кој потекнува од Скандинавија се развива со огромна брзина во европските земји, но и на другите континенти. Во многу европски земји ориентацијата е дел од наставниот систем, а моментално, ориентацијата го дели првото место со спортот скијање во националната спортска ранг-листа. Со зголемување на бројот на успеси на нашите репрезентативци, се очекува уште поголема актуелност на овој спорт и кај нас.




  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG