Достапни линкови

Е-спорт во образование – да или не?


Илустрација, е-спорт лига во League of Legends 2018 во Париз, Франција

Се повеќе држави го поддржуваат е-спортот со воведување едукативни програми. Дали и Македонија е подготвена и дали треба да ги следи овие трендови?

Е-спортот е милионска индустрија која, како што пишува „Бизнис Инсајдер“, се очекува до 2023 година да надмине 1.5 милијарди долари. Некои држави веќе вложуваат и ја поддржуваат оваа индустрија, па така имаат воведено и едукативни програми. Прашањето е колку Македонија е подготвена да воведе вакви програми во образованието и дали и како е најсоодветно да се воведе.

Бобан Тотовски, претседател на Македонска Еспорт Федерација
Бобан Тотовски, претседател на Македонска Еспорт Федерација

„Можности секогаш има. Процесот е комплексна операција, која за жал во моментов не е возможна поради честите флуктуации во образовниот систем. За почеток, ќе се започне со курсеви и едукација преку приватни образовни институции, за понатака да премине во изборен предмет во средното образование. За факултет, треба првин да се создаде критична маса за да може да се започне и тој процес“, вели Бобан Тотовски, претседател на Македонска Еспорт Федерација.

Според Игор Недески, раководител на специјализираната веб-страна „Еспортс.мк“, Македонија има услови за барем 10 компјутери со, како што вели тој, пристојна конфигурација и пристоен интернет во училиштата без дополнителни трошоци.

„Не заборавајте кај нас има деца кои се уште немаат сопствен компјутер и/или интернет конекција доволно стабилна за да можат да постигнат нешто, дури и покрај тоа што се огромни таленти. Нешто налик на теркот што САД и другите развиени земји го имаат совршено, би функционирало кај нас, но секако тоа да не е само во Скопје туку и во останатите градови од Македонија. Можеби најдобро, во поглед на средните училишта тоа да биде овозможено како изборен предмет, а кога би зборувале за факултети, се разбира, најсоодветен кандидат за истото би бил ФИНКИ, што веќе има солидна ИТ инфраструктура и студенти кои би биле повеќе од среќни сериозно да ја размислат таа катедра како нивен животен избор“, вели Недески.

Но, Гораст Цветковски, ко-основач и водител на подкастот „GG.MK“, во кој се зборува за „игрите и гејмингот во секоја сфера на животот“ има спротивен став за воведување на е-спорт во формалното образование.

Гораст Цветковски, ко-основач и водител на подкастот „GG.MK“
Гораст Цветковски, ко-основач и водител на подкастот „GG.MK“

„Јас лично не гледам зошто игри и е-спорт би се вклучиле во формалното образование. Доколку разговараме за развивање на игри и гејм дизајн тогаш да, можеби во некоја форма би можело да се вметне гемификација и други воведни програми, но играње игри и е-спорт немаат едукативна точка. Никаква“, изјави Цветковски.

Дополнително, претседателот на федерацијата, Тотовски истакна дека засега „не сме зрели“ за воведување на е-спортот во образованието.

„Доколку се започне сега, ќе има лоши резултати и контра-ефект. Поради тоа, според инструкциите на Меѓународната Еспорт Федерација, во исчекување сме на глобална едукативна програма за еспорт, која ќе биде поднесена до Министерството за образование“, вели Тотовски.

Цветковски пак, смета дека не треба да се цели кон воведување на е-спортот во училиштата.

„Признавање на е-спортот на државно ниво - да. Помагање на е-спорт и гејминг сцената - да, но во школство, не“, вели Цветковски.

Меѓутоа, Недески ги истакнува придобивките за кои вели дека се големи, бидејќи „така ќе можат сериозно да се надградат од самите играчи, да го контролираат своето време поминато на компјутер, критички да размислуваат, да се градат во духот на тимска игра“.

Игор Недески, раководител на специјализираната веб-страна „Еспортс.мк“
Игор Недески, раководител на специјализираната веб-страна „Еспортс.мк“

„И секако разните можности што оваа индустрија ги нуди во вид на локални, регионални и интернационални натпреварувања што од ден во ден имаат се поголем награден фонд за своите играчи што секако помага за мотивацијата. Како пример би го посочил Мартин „Saksa“ Саздов, што моментално игра за OG како ценет член на овој клуб, а во 2016 година со својот тогашен тим Digital Chaos го освоија второто место на најпрестижниот Dota2 турнир, The International. Според liquipedia.net, тој како играч има освоено 1.055.990 долари до сега во неговата кариера. Оваа цифра не ги содржи платите што тој ги добил како активен играч во клубовите каде што играл. Што се однесува за секундарниот ефект што можеме ние како општество да го посведочиме и почуствуваме е тоа што овие спортисти се повеќе од одлични амбасадори на Македонија и придонесуваат многу повеќе за нас како држава на светско ниво, будат интерес кај помладите генрации создавајќи нивни херои, но и помагаат младината да се оттргне од штетните и лоши влијанија што еден млад човек може да сретне во својот живот“, рече Недески.

Саздов е еден од примерите кои покажуваат дека и без формално образование и едукативни програми, македонските е-спортисти бележат успеси на натпреварите. Конкретно, македонската репрезентација лани на првото Европско е-спорт првенство во League of Legends освои прво место и второ место во Counter Strike: Global Offensive на истиот настан.

Резултати од европско е-спорт првенство 2020
Резултати од европско е-спорт првенство 2020

„Имаме солидни индивидуални играчи. Како тимови неможат да опстанат долго време поради сеуште недефинираната ситуација со еспортот кај нас. Минатата година, имавме солидни резултати на Европскиот Куп на Нации. Најголемиот предизвик за константен успех се финансиите и условите за тренинг“, рече Тотовски.

Македонската Еспорт Федерација е формирана во 2009-та година, со примарна цел признавање на еспортот како офцијален спорт. Тотовски истакна дека почнале само со 3 клубови, а сега се составени од 8 регистрирани клубови на национално ниво. Веќе 5 години одржуваат национална лига во повеќе дисциплини и учествувале на 15 меѓнародни натпревари. Покрај тоа, членови се на Меѓународната Еспорт Федерација од 2013 година и на Европската Еспорт Федерација од 2020.

Тим во Македонска Еспорт Федерација
Тим во Македонска Еспорт Федерација
Тим во Македонска Еспорт Федерација
Тим во Македонска Еспорт Федерација

XS
SM
MD
LG