Достапни линкови

Ученици со паметна правосмукалка победија на натпревар за кодирање


Победничкиот проект на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“

Самостојна паметна правосмулка наречена Мирина е победничкиот проект на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“.

Учениците Ермира Оручоска и Сеад Рустемоски од основното училиште „Ристо Ристески“ од село Долно Косоврасти победија на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“. Нивниот победнички проект е наречен „Правосмукалка Мирина в1.0“, а го изработиле под менторство на наставникот Ристо Коларовски.

„Се надеваме дека ќе стигнеме да ја унапредиме и втора верзија каде ќе додадеме и други функции“, велат учениците во подготвеното видео за натпреварот, во кое објаснуваат дека станува збор за самостојна правосмукалка која избегнува препреки или го следи патот кој ќе и биде зададен.

Изработена е од пластична кутија, на која и додале тркала, електроника – батерија и сензори.

Натпреварот го организираше Британскиот совет, како дел од програмата „Училишта на 21 век“. Второто место го освои училиштето „Ашим Агуши“ од струшкото село Радолишта, со проектот „Класификација на отпадот со употреба на микробит“. Третото место пак, му припадна на училиштето „Страшо Пинџур“ од Карбинци кое го изготви проектот „И смарт и спорт – паметна употреба на паметни уреди“.

Во последната фаза од натпреварот се квалификуваа девет основни училишта. Учениците и нивните ментори имаа задача да изготват проекти кои ќе понудат решенија за некои секојдневни проблеми од нивното опкружување. Сите фази од натпреварот, вклучително пријавувањето, почетната оценка на проектите и самиот настан, се одвиваа онлајн.

Онлајн настан за прогласување на победниците на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“
Онлајн настан за прогласување на победниците на онлајн натпреварот по кодирање со уредот „Микро:бит“

Настанот за прогласување на победниците го отвори британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

„Гордејте се со вашите наставници, бидејќи и тие учат и напредуваат со вас. Одржувањето дистанца и онлајн наставата се нов концепт и за нив. Навистина е голем успех тоа што денеска сте присутни како тимови и имате можност да ги претставите вашите проекти“, изјави Галовеј.

Министерка за образование и наука Мила Царовска, обраќајќи се на учесниците на натпреварот, рече дека досега 65 отсто од училиштата се опремени со микро:бит уреди.

„Ако успееме микро:бит уредот да се воспостави како задолжителна настава за сите, во самиот курикулум и да го користат сите училишта во различни предмети, согласно реформата која што се подготвува за концепцијата во основното образование, тогаш како држава ќе може да се пофалиме дека веројатно во наредните 10 години ќе имаме многу повеќе дигитално писмено население “, рече Царовска.

XS
SM
MD
LG