Достапни линкови

Економијата ќе закрепнува од ковидот со години


Фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули и фотоволтаични термални модули

Закрепнувањето на економијата ќе зависи од тоа колку ќе трае здравствената кризата, велат економисти и бизнисмени. Власта очекува 2021 да биде година на економско заздравување, потпирајќи се на оптимизмот дека со вакцината ќе се спречат нови бранови и нови затворања на економијата.

Ќе бидат потребни најмалку уште неколку години за опоравување на економијата во Македонија, која и во новата година останува под ризикот од ковид-19. Во игра се неколку сценарија, а зрак светлина даваат вакцините со кои се очекува постепено стивнување на пандемијата, но во земјава масовно вакцинирање не се очекува пред март.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека коронавирусот се одрази на целата економија, но со различна длабочина во зависност од секторот.

„Ако заврши бргу економијата бргу ќе се врати на својот претходен капацитет. На пример, ако БДП-то за 2020 се намали, како што предвидува Владата, за 5 проценти, ако идната година економските агенти се вратат на своите работни места тие пет проценти бргу може да бидат надоместени, значи да се вратиме на нивото од пред кризата, на нивото до 2019. Но, проблем е што земјата нема фискален простор за задолжување, оти политичката гарнитура од 2007 до 2016 непотребно го изеде тој простор кој треба да ви послужи за евентуални екстерни или интерни фискални шокови“, вели Гошев.

Оптимистичко и песимистичко сценарио

Министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата Белешка за 2021 наведува две сценарија - основно оптимистичко, според кое економскиот раст во 2021 би бил 4,1 отсто, и песимистичко сценарио со кое се очекува раст од 2,5 отсто. Основното сценарио подразбира слабеење на здравствената криза, а со тоа и забрзување на економскиот раст. Но, не се исклучува и песимистичко сценарио, оти кризата има непредвидлив тек. Песимистичкото сценарио се базира на претпоставка да се случат нови бранови на здравствена криза, зголемување на бројот на новозаболени во текот на 2021 година, што ќе предизвика продолжување на мерките за социјално оддалечување и со евентуално подобрување постепено да се укинуваат во текот на 2021 година.

Бесими - На краток рок можно е зголемување на јавниот долг
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:22 0:00

Народната банка предвидува дека растот догодина ќе биде 3,9 отсто, а раст од четири отсто се очекува дури во 2023 година. Народната банка предвидува економијата да се врати на преткризна состојба во 2022 година.

Бизнисменот Мендерес Кучи, кој е дел од Стопанската комора на северозападна Македонија, вели дека бизнисмените се оптимисти и секогаш имаат резервен план.

„Лошите состојби не ги сметаме како ситуација која ќе биде погубна за нашиот бизнис, туку како можност, како шанса од која ќе извлечеме добра и соодветна поука за да не ни се случат истите работи во иднина. Од тука треба да учиме дека во овие невремиња треба да се има сенс, да се штедат средства во вакви кризни ситуации кои би ги вложувале во соодветно време. Штом ќе заврши или во најава на завршување на една криза, секој бизнисмен размислува каде да инвестира и како капиталот повеќе ќе му се оплоди. Јас и некои мои колеги веќе работиме и надвор од нашата земја, сме направиле филијали и ако не оди во едната гранка, на едно место, на другата ќе оди. И така би се вратиле малку појаки во нашата земја и да бидеме пример за развој на стопанството“, вели тој.

Во најава петти пакет економска помош

Владата во 2020 донесе четири пакети помош за ублажување на последиците од коронавирусот врз економијата. Пакетите тежеа повеќе од една милијарда евра. Владата за да ги сервисира расходите се задолжи исто така една милијарда евра, што придонесе до тоа јавниот долг да ја надмине границата до 60 отсто од БДП-то. Задолжувањето продолжува и во новата година, како на меѓународен пазар, така и дома, а ќе се продава и државно земјиште, удели во државни фирми и ќе се приватизираат загубари. Властите и за 2021 најавуваат нов пакет помош, за кој ќе се расправа по празниците за да се таргетираат најпогодените.

Одговорно задолжување

Во научната студија „Големата слика: Македонската економија на среден и долг рок“, зад која стојат банкарот Глигор Бишев и уште десетина други економисти, се наведува дека опоравувањето ќе биде многу тешко, ако се има предвид структурата на македонската економија и нејзината трудова интензивност, управувањето со здравствениот ризик и потпирањето врз работењето од дома. Во студијата се наведуваат неколку сценарија, од кои најверојатно е тоа дека пандемијата ќе има јак интензитет до крајот на првиот квартал од 2021 година. Меѓутоа, сѐ повеќе економисти и претприемачи укажуваат на долгорочна присутност на пандемијата и не ја исклучуваат економската криза со два големи пада пред да почне растот.

Тие препорачуваат одговорно задолжување, пред сè од меѓународни извори и на подолг рок, а јавниот долг во наредните 2-3 години да не надмине 70 отсто од БДП.

Азески - Последици од ковид уште најмалку 10 години

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за МИА, рече дека кризата што ја предизвика ковид-19 ќе има последици уште најмалку 10 години. Критичен ќе биде моментот, оценува тој, кога ќе почне да престанува државната помош.

„Ние сме свесни дека оваа трпеза треба дебело да се плати и таа ќе биде веројатно пресметана кога ќе заврши пандемијата. Мислам дека би требало јасно и транспарентно да се каже дека наредните 10 години не треба да се очекува којзнае каков напредок зашто кризата сериозно ќе го подигне нивото на јавниот долг, не само кај нас, туку и на сите околни земји, кај нашите најголеми трговски партнери – Бугарија, Србија, Грција, Албанија, дека никој нема волшебно стапче да ја реши кризата, да ги врати или да му се простат кредитите. Сето тоа покажува дека не можат да постојат лажни ветувања, средување на ситуацијата во 2024 или 2025 година, туку ќе потрае и ќе остави сериозни траги. Затоа ние предлагаме тој период да се искористи за тотално реструктуирање на стопанството и да видиме што може да влече, да создава додадена вредност“, вели Азески.

Тој порачува дека владеењето на правото е клучно, а мора да се направи и попис.

Македонските граѓани сметаат дека 2021 година ќе биде подобра од претходната, но не се оптимисти во однос на економскиот просперитет, покажува истражувањето на БРИМА. Повеќе од половина од анкетираните во земјава рекле дека 2021 година ќе биде година на економски потешкотии (52 отсто), наспроти 28 проценти кои сметаат дека ќе биде година на економски просперитет, додека 18 отсто очекуваат дека ќе биде иста како и претходната, покажува истражувањето.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG