Достапни линкови

Преговори меѓу Украина и Русија, Мариупол непристапен за помош


Мариупол
Мариупол

Преку видео врска ќе се одржат денешните преговори меѓу Украина и Русија. Според украинските власти, најавената помош за Мариупол не може да стигне до градот кој е блокиран од руските сили. Во меѓувреме, украинските сили продолжија да ги потиснуваат руските трупи околу Киев и Чернихив.

Мировните преговори меѓу Украина и Русија продолжуваат денеска, а во меѓувреме Мариупол останува затворен за најавена помош за цивилите. Советник на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко изјави дека Русија ја блокира помошта до опколениот град и го спречува отворањето на планираниот „хуманитарен коридор“ со кој треба да им се овозможи на цивилите да избегаат од тешките борби меѓу украинските и руските сили.

Тој во објава на Фејсбук рече дека Мариупол денеска е затворен за хуманитарниот конвој кој се обидувал да ги внесе многу потребните материјали во градот, каде што десетици илјади жители остануваат заробени без струја и со малку залихи.

„Градот останува затворен за влез и многу е опасен за излез со приватен превоз. Од вчера руските сили категорично не дозволуваат никаква хуманитарна помош, дури и во мали количини, во градот. Причините за таквите акции сè уште се нејасни, но ова е разочарувачки. Не гледаме вистинска желба од Русите да дозволат жителите на Мариупол да се евакуираат на друга територија контролирана од Украина“, рече Андриушченко.

Украинските власти вчера соопштија дека конвој од 45 автобуси се упатил кон Мариупол за да достави помош и да замине со жителите кои со недели се заробени во градот. Руските воени претставници изјавија дека се подготвени да се придржуваат до прекинот на огнот за да се овозможи отворање на „хуманитарен коридор“.

Руските власти не ја коментираа ситуацијата веднаш, но во минатото беа постигнати неколку слични договори, кои пропаднаа пред нивното спроведување.

Војната во Украина - светот во криза со храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:13 0:00

Во меѓувреме, украинските сили продолжија да ги потиснуваат руските трупи околу Киев и Чернихив. Британското воено разузнавање денеска соопшти дека украинските сили ги вратиле селата Слобода и Лукашивка во близина на северниот град Чернихив.

„Украина, исто така, продолжи со успешни, но ограничени контра напади на исток и североисток од Киев“, соопшти британското Министерство за одбрана.

Чернихив и Киев беа подложени на континуирани воздушни и ракетни напади и покрај руските тврдења за намалување на активноста во овие области, се додава во соопштението на Министерството.

Мапа на територии под контрола и напредување на руските сили до 31-ри март
Мапа на територии под контрола и напредување на руските сили до 31-ри март

Украинската војска денеска соопшти дека некои руски сили од северен Киев се повлекуваат кон границата со Белорусија.

„Во руските колони има автобуси, камиони и комбиња, кои биле украдени од руските сили“, соопшти украинската војска, додавајќи дека руските сили со себе земале и ограбен имот.

Украинската војска покажува руски воени трофеи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Шефот на украинската делегација Давид Арахамија најави дека денешните мировните преговори ќе се одржат преку интернет.

Делегациите на двете земји во вторникот се сретнаа директно во Истанбул, по две недели онлајн преговори. Украинската делегација потоа ја претстави можната рамка за идниот мировен договор, заснован врз правно обврзувачки безбедносни гаранции кои ќе им овозможат на другите земји да интервенираат доколку Украина биде нападната.

Делегатот на Украина, Олександар Чали, вчера изјави дека гаранциите треба да бидат слични на членот 5 од договорот за формирање на НАТО, кој ги обврзува членките на Алијансата да бранат други во случај некој да биде нападнат. Во замена за тоа ќе се откажат од кандидатурата во НАТО, што е едно од главните барања на Русија.

Мировниот договор треба да биде потврден со референдум во Украина, но само откако сите странски војници ќе ја напуштат земјата. Шефот на руската делегација на преговорите Владимир Медински изјави дека „јасно формулираниот став и предлози“ добиени од украинската страна ќе бидат проучени и испратени до руското раководство.

Јужниот пристанишен град Мариупол, беше дом на околу 430.000 луѓе пред војната и во него се водат интензивни борби. Десетици илјади цивили се заробени во градот без струја и со екстремно ограничени резерви на храна и вода.

Пред два дена магацинот за помош на Меѓународниот комитет на Црвениот крст беше погоден од, како што велат украинските власти, руски воздушен напад, иако покривот на зградата е јасно означен со симболот на Црвениот крст.

Регионален функционер изјави дека два украински воени хеликоптера денеска нападнале складиште за гориво во рускиот град Белгород, кој се наоѓа на околу 25 километри од границата со Украина.

Прв напад на Украина врз Русија?

Доколку биде потврден, тоа ќе биде прв напад на Украина на руска територија откако Москва го нападна својот сосед на 24 февруари. Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков на апликацијата за пораки Телеграм рече дека хеликоптерите го погодиле објектот откако ја преминале границата на мала височина. Гладков изјави дека во наводниот напад биле повредени двајца работници.

Сепак, руската нафтена компанија Роснефт, која е сопственик на складиштето за гориво, во посебна изјава соопшти дека никој не е повреден во пожарот, но не даде информации за причината за пожарот. Непроверените видео снимки од наводниот напад објавени на интернет покажаа нешто што изгледа како неколку проектили да се истрелани од мала височина. Украинското Министерство за одбрана досега не ги коментираше ваквите наводи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG