Достапни линкови

Скептицизам кон руските ветувања за намалување на воените операции во Украина


Човек извлекува предмети од запалена продавница по руски напад во Харков, Украина. 25 март 2022.

Русија не ги намалува воените активности, тврдат украинските власти. Британското разузнавање соопшти дека руските сили биле принудени да се вратат во Белорусија и Русија за да се реорганизираат. Москва и Пекинг се договорија да ја прошират соработката, а на 1 април ќе биде одржан самит ЕУ-Кина.

Украинските власти денеска известија дека има гранатирање над главниот град Киев и градот Чернихив на северот на земјата, и покрај ветувањето на Москва дека ќе ги намали воените операции во овие градови.

Алексеј Арестович - советник на претседателот Володомир Зеленски, изјави дека Русија ги преместува силите од северна кон источна Украина во обид да ги опколи украинските војници, но дека некои ги задржува во близина на главниот град Киев .

Говорејќи на националната телевизија, Арестович рече дека Украина ја подобрила својата преговарачка позиција од пред почетокот на руската инвазија на 24 февруари, залагајќи се за неутрален статус, но со надворешни безбедносни гаранции.

Иако Москва на вчерашните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул вети дека ќе ги намали нападите околу Киев и Чернихив, украинските претставници велат дека не гледаат отстапки во руските напади.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Украинците „не се наивни“, додкеа борбите продолжуваат да беснеат околу Мариупол и другите жаришта.

Конвои на надежта: Украина ги евакуира децата болни од рак
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Гувернерот на регионот Чернихив, Вјачеслав Чаус, изјави дека не гледа никакви отстапки во руските напади.

„Дали веруваме во тоа? Секако дека не“, напиша Чаус на Телеграм мислејќи на ветувањето на Москва за намалување на воената активност.

На вчерашниот состанок за завршување на војната во Истанбул, двете страни се договорија Украина да усвои неутрален статус во замена за безбедносни гаранции, а Русија да ги намали воените активности во Киев и Чернихив.

Тоа значи дека Украина нема да се приклучи на воените сојузи, како што е НАТО, ниту да биде домаќин на воени бази. Руските претставници рекоа дека Русија „радикално ќе ја намали“ воената активност околу Киев и Чернихив.

Британското воено разузнавање денеска соопшти дека руските контингенти кои претрпеле големи загуби на бојното поле биле принудени да се вратат дома и во соседна Белорусија за да се реорганизираат.

„Таквата активност врши дополнителен притисок врз веќе затегнатата руска логистика и ги покажува тешкотиите што Русија ги има да ги реорганизира своите единици“.

Делегациите на двете страни вчера одржаа разговори во Истанбул, додека Русија продолжи да наидува на силен отпор од украинските сили кои постигнаа напредок во некои области и со преземање на теренот во предградието на главниот град.

Рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин за новинарите во Москва изјави дека е донесена одлука за „радикално намалување на воената активност“ во близина на Киев и северниот град Чернихив со цел да се зголеми меѓусебната доверба.

Украинската војска во меѓувреме предупреди дека руското ветување е веројатно ротација на поединечни единици и е со цел да доведе до заблуда. Најавено е Зеленски утре вечер да се обрати пред австралискиот парламент.

Москва и Пекинг ја прошируваат соработката, на 1 април самит ЕУ-Кина

Во меѓуврме, Москва соопшти дека Русија и Кина се договориле за поширока соработка. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска се сретна со неговиот рускиот колега Сергеј Лавров во источната кинеска провинција Анхуи. Соработката вклучува воспоставување на надворешна политичка координација и заеднички настап за глобалните прашања.

Исто така Кина потврди дека на 1 април ќе биде одржан самит ЕУ-Кина, односно дека кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Кечијанг ќе се сретнат со лидерите на Европската унија.

Повеќе од 3,9 милиони Украинци избегаа по започнувањето на руската инвазија на 24 март, соопшти УНХЦР на 29 март. Украина побара од Русија да бидат воспоставени 97 хуманитарни коридори за најтешко погодените градови и села. Ирска, Белгија и Холандија станаа последните земји што протераа руски претставници.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG