Достапни линкови

Ривалитетот меѓу САД и Кина им врши притисок на земјите во Евроазија


Разговори САД- Кина во Аласка, март 2021 година

Како што ривалството меѓу Кина и Соединетите Држави станува се пожестоко, така нивното соперништво различно ќе се одрази врз земјите од Евроазија, каде што тие светски сили имаат посебен стратегиски пристап во споредба со другите делови на светот, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик

Лошите односи меѓу Пекинг и Вашингтон беа очигледни во Алјаска неодамна, каде што високи американски и кинески претставници имаа дводневни разговори кои доведоа до јавно спорење, без нималку надеж за подобрување на врските.

Првите директни разговори на високо ниво меѓу двете најголеми светски економии откако функцијата ја презеде американскиот претседател Џо Бајден, почнаа со меѓусебни остри критики во воведните зборови пред меѓународните медиуми.

Американскиот Државен секретар Ентони Блинкен изнесе многу забелешки на постапките на Кина, вклучувајќи ги и се помилитантниот став спрема Тајван, интернирање на припадници на муслиманските малцинства во западната провинција Синџанг, бруталното сузбивање на демократијата во Хонгконг и економскиот притисок врз Австралија.

Јанг Џиечи, висок претставник на кинеската Комунистичка партија, рече дека САД имаат „менталитет од студената војна“ и оти ги „подбуцнуваат“ некои држави да ја нападнат Кина. Исто така, тој упати остри критики до американските претставници поради, како што рече, расните проблеми.

Вжештената дипломатска епизода ги соголи зајадливите меѓусебни ставови на Пекинг и Вашингтон и испрати порака до другите земји кои веќе мораат да се снаоѓаат во тензиите меѓу светските сили, дека треба да се подготват за уште попредизвикувачка атмосфера во наредните години.

За различни земји од Евроазија- од источна Европа до централна и јужна Азија, таа пресметка може да биде различна.

Источното крајбрежје наспроти „западниот двор“

Иако во ова подрачје се поголемо е кинеското економско и политичко присуство, за кое многу аналитичари велат дека во иднина ќе привлече повеќе внимание и реакции од Вашингтон, главните несогласувања меѓу двете земји се фокусирани врз прашањата кои се поблиски до кинескиот исток- како на пример Јужнокинеското Море и растот на тензиите со Тајван.

„Евроазија не е во центарот на американско- кинеското соперништво“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Даниел Марки, професор на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен службеник на Стејт департментот за јужна Азија.

„Тоа не значи дека тој регион нема да биде важен за следење, но најостриот ривалитет се одвива поблиску до источните брегови на Кина, а не во западниот двор“, вели Марки.

Дополнително истакнувајќи го овој фокус, американските претставници пред состанокот во Алјаска се сретнаа со сојузниците во Јапонија и Јужна Кореја, за повторно да ги потврдат своите врски и подобро да се координираат спрема Кина, што и Токио и Сеул го сметаат како главно безбедносно прашање.

На состанокот Пекинг изнесе широка агенда која ја покажа се поголемата самодоверба на кинеското раководство ширум светот. Кинеската економија ја издржа трговската војна со администрацијата на претседателот Доналд Трамп и силно закрепна од финансиските проблеми кои ги донесе пандемијата.

Оваа самодоверба делумно е последица на зголеменото присуство на Кина ширум Евроазија во последните децении, главно преку повеќе милијарди долари вредната Иницијатива појас и пат, која финансираше инфраструктурни проекти во регионот како средство за раст на политичкото и економското влијание на Пекинг.

Зголемувањето на моќта преку проекти поврзани со Иницијативата направи од Евроазија геополитичка лабораторија, со Кина како водечки финансиер на развојот, затоа што кинеските државни банки ги поддржуваа скапите градежни проекти на ризичните пазари- проширувајќи го влијанието на Пекинг и создавајќи нови можности за кинеските компании додека инвестира на стратегиски локации како пакистанското пристаниште Гвадар, железничките врски низ централна Азија и иранскиот голем, но полн со проблеми нафтен сектор.

„Тоа што Пекинг го прави во Евроазија е значајно и ќе има последици ако може да ги оствари своите цели, но тоа не е нималку лесно“, вели Марки.

Иако источна Азија се уште е регион кој е карактеристичен со военото присуство на САД и плејада американски сојузници, Евроазија е сложена смеса од земји кои претставуваат далеку помало непријателско опкружување за Пекинг. Делумно, тоа е она што ја мотивира кинеската експанзија на запад во регионот преку Иницијативата појас и пат: приемчиви влади желни за кинески капитал и огромен простор во кој САД ги затвораат воените бази и го намалуваат присуството во Авганистан.

„Постоеше желба Кина да ја избегне премногу отворената конфронтација со Западот, што зборува зошто кинеските стратегии бараа можност ширум Евроазија. Кина ќе продолжи да ја зголемува својата улога во регионот, особено додека САД продолжуваат да се повлекуваат од Авганистан“, изјави за РСЕ Едвард Лемон, експерт за централна Азија од тексашкиот универзитет А&М.

Евроазиските интереси

Американската вмешаност, од друга страна, е сосема поинаква. Иако Иран е меѓу најважните прашања за администрацијата на Бајден, регионите како централна Азија не се политички приоритет на Вашингтон.

Американскиот интерес и вмешаноста во централна Азија растеа и опаѓаа по распадот на СССР, интензивирајќи се по инвазијата врз Авганистан во 2001 година и подоцнежните антитерористички воени кампањи.

Рагионот повторно доби поголемо внимание, откако Вашингтон се повеќе гледа на Кина и Русија како на два главни ривала на глобалната сцена, но Вашингтон изгледа не е подготвен да се натпреварува со длабоките џебови на Пекинг и веројатно нема да биде еднакво посветен како Москва.

Едно прашање што би можело да добие поголемо внимание сред растечките тензии меѓу Пекинг и Вашингтон е Синџанг, каде што кинеската влада наводно во логори за интернирање затворила повеќе од милион Ујгури и припадници на други муслимански малцинства. САД и други западни држави се повеќе говорат за тие кампови и ЕУ на 22 март се согласи да воведе санкции спрема кинески официјални претставници поради постапките на Пекинг во Синџанг.

Последните години Пекинг ги засили капацитетите за надзор во својот западен регион, кој се граничи со Казахстан, Киргистан и Таџикистан и започна брутални акции против туркиското муслиманско малцинство. Овие напори најмногу се насочени спрема кинеското ујгурско население, но Казахстанците и Киргизите исто така се најдоа во логорите, што го наруши имиџот на Кина во поширокиот регион.

Во февруари 2020 година тогашниот Државен секретар на САД Мајк Помпео го насочи своето внимание кон присуството на Кина во централна Азија за време на обиколката на регионот, изразувајќи загриженост поради корупцијата, неодржливиот долг и злоставувањата во Синџанг. Остриот антикинески фокус наводно ги вознемирил локалните влади кои настојуваат да избегнат да бидат фатени во недоразбирањата меѓу поголемите сили и наместо тоа сакаат да го искористат помалку забележителното присуство на Вашингтон за да ја урамнотежат значително поголемата тежина на Пекинг и Москва.

„Централна Азија не е сцена на американско- кинеското ривалство, но нема да биде лесно да се избегне вмешаноста, со оглед на тоа дека односите се толку лоши, а соперништвото меѓу САД и Кина расте“, изјави Наргис Касенова, истражувачка на Харвард која се занимава со улогата на Кина во регионот.

Сепак и покрај продлабоченото ривалство меѓу Пекинг и Вашингтон и потешката политичка клима, ниедна страна нема многу интерес да го измени својот традиционален пристап во централна Азија и пошироко.

Според Касенова, соочувањето со зголемениот притисок од судир на суперсилите ќе биде се потешко за малите земји, бидејќи мораат да соработуваат и со Русија, која се повеќе се доближува до Кина, додека врските меѓу Москва и Вашингтон го достигнуваат најниското ниво во историјата.

Сепак, главните надворешни играчи имаат малку интерес да ја претворат централна Азија или нејзините соседи во ново подрачје на судири додека тлеат други судири ширум светот. Секогаш се уважувале локалните сензибилитети и веројатно така и ќе остане“, смета Касенова.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG