Достапни линкови

Расте интересот на земјоделците за парите од ИПАРД


пазар, илустрација
пазар, илустрација

Иако реализацијата на парите од ИПАРД 1 програмата бележи незадоволителна реализација, надлежните посочуваат дека интересот за добивање финансиска помош од ИПАРД 2 расте, а тоа според истите се должи на подобрата информираност на апликантите и отстранувањето на недостатоците во процедурата

Љубомир Блажески е земјоделец од скопско Ново Лисиче. Поседува овоштарник, а за негова обработка пред една година добил средства од ИПАРД програмата. Со парите купил трактор за кој вели дека многу му ја олеснил работата, а очекувањата се дека наскоро ќе го зголеми и своето производство.

„Очекувам да ми се зголеми производството, бидејќи сега откако го имам тракторот обработката е поквалитетна. Парите ми помогнаа многу, бидејќи јас платив само 40 проценти од сумата, а другите 60 беа покриени од ИПАРД, раскажува Блажески.

Блажески вели дека за парите чекал шест месеци, но дека инвестицијата се исплатела. Исто така потврди дека откако му биле исплатени парите, претставници на Агенцијата направиле контрола за тоа дали средствата ги искористил така како што напишал во апликацијата.

Славe Билјан има месна индустрија за преработка на месни производи. Од мала семејна фирма, нивната компанија прераснува во препознатлив бренд, а производите се дистрибуираат низ целата држава. Од 2012 година досега, два пати користеле средства од ИПАРД програмата, за технолошка модернизација и за отстранување на тесните грла во производство.

„Навистина е тежок патот за добивање на тие средства, да се пополни аликацијата и сето пропратно, но кога ќе одлучиме да аплицираме на некој повик за ИПАРД, тогаш сета енергија ја насочуваме за таа цел. Треба посебно да се внимава на секој детаљ од апликацијата и барањето за исплата на финансиската поддршка како и на роковите утврдени во договорот за АФПЗР“, изјави Билјан.

Тој додава дека користењето на овие средства се услов без кој не се можни инвестиции во производството. Истакнува дека би било пожелно овие средства да се зголемуваат.

„Ги охрабрувам компаниите да аплицираат, вистина е дека тоа е еден макотрпен процес, но дефинитивно се исплати“, порачува Билјан.

Но, има и земјоделци кои не се задоволни од тоа како се делат парите од овие европски фондови. Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров вели дека некои од условите се престроги и дека надлежните треба да бидат поотворени за предлозите на земјоделците.

„Боде во очите тоа што некои земјоделци навистина ги наполнија своите дворови со разна механизација, а други не можат да земаат пари ни за мотика. Затоа сметаме дека владата треба да седне и повеќе да разговара со нас земјоделците. Ние не можеме да го прифатиме критериумот еден земјоделец да добие трактор од 105 коњи, ако има посадено два декара со домати и пиперки, пред се, бидејќи тој трактор е огромен и нема каде да сврти и да ја ора таа површина“, вели Тантаров.

Повеќе од осум милиони евра за проекти од ИПАРД програмата се очекува да се исплатат до крајот на годината, вели директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски. Посочува дека интересот за средствата од ИПАРД 2 програмата е зголемен, за разлика од искористеноста на ИПАРД 1 која е на незадоволително ниво и изнесува 17 проценти. За тоа Бабовски лоцира неколку причини:

„Toa се должеше пред се на слабата информираност на земјоделците и стопанствениците воопшто, обемните процедури и апликацијата кои беа несоодветни за тој програмски период, како и слабата екипираност на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, вели директорот на АФПЗРР“, Бабовски.

Досега за првиот повик од ИПАРД 2 програмата од 1.648 поднесени апликации, одобрени се над 950 апликации, од нив 230 апликаци се веќе исплатени и на сметките на апликантите вратени се близу три милиони евра. За вториот повик од ИПАРД 2, пристигнати се над илјада апликации, а со 17 апликанти веќе се склучени договорите за реализација на проектите. Целта на Агенцијата е до крајот на годината да бидат исплатени повеќе од 8 милиони евра за корисниците на програмата, вели Бабовски.

Од Агенцијата посочуваат дека интересот на земјоделците и довербата во овој инструмент се враќа, неинформираноста и недоразбирањата во овој сектор се надминати преку соодветните обуки, едукации, работилници со заинтересираните земјоделци и слично. Бабовски додава дека злоупотреби скоро и да нема, а тоа како што додава, се должи на редовните контроли кои се предвидени во следните пет години откако добитниците на парите ќе ја завршат својата инвестиција.

„Можноста да се злоупотребат овие средства е сведена на минимум, иако порано сме имале во Агенцијата такви случаи. Се знае каква е процедурата, штом ќе се откријат такви злоупотреби, следи поврат на средствата и тие средства се вложуваат во нови, успешни проекти“, уверува Бабовски.

Експертите укажуваат на фактот дека реализацијата на ИПАРД програмата е клучна за модернизација и унапредување на домашниот агро–сектор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG