Достапни линкови

Власта истражува злоупотреби при доделување земјиште и субвенции


Пелагонија.

Министерството за земјоделство започна ревизија на доделувањето на државно земјиште за време на претходната власт.Постои сомнеж дека имало злоупотреби и дека земјиште и субвенции добивале блиски роднини на претходните власти.

На ревизија ќе завршат и договорите за доделување на државното земјиште под закуп во најголемата житница во земјава, Пелагонија, кои биле потпишани во изминатите години за време на претходната власт, најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Запрашан дали постојат сомнежи дека имало злоупотреби од страна на екс функционери од битолскиот крај, тој изјави дека чека до крајот на годината да види што ќе покаже ревизијата.

„Започната е една систематска и длабинска активност за ревизија на доделувањето на државното земјиште. Формирани се голем број на тимови и едни од договорите кои ќе подлежат на ревизија секако се и договорите кои биле склучувани во битолскиот регион. Првиот извештај од ревизијата ќе го имаме на 31 декември. Веќе од страна на Министерството се покренати судски постапки за раскинување на договорите“, рече Николовски.

На ниво на држава станува збор за 7.000 договори, а постапката за проверка досега не беше едноставна, зашто не се чуваат на едно место и во еден систем.

„Тие 7.000 договори не се евидентирани на едно место. Претходно Министерството не беше соодветно поврзано со Агенцијата за катастар на недвижности. Тој договор сега го склучивме за да можеме да ги влечеме податоците и да ги направиме сите споредби, за тоа каде се имаме склучени договори и за колкава површина“, рече министерот.

Тој уште пред промената на власта обвинуваше за злоупотреби со државното земјиште во битолско, дека на блиски роднини на раководители од претходната власт им била доделувана државна земјоделска земја под концесија и им се исплаќале високи износи за субвенции. На ова следуваа деманти од тогашното подрачно одделение за земјоделство.

Земјоделците од Пелагонија со поделени ставови, според едни политиката влијаела врз распределбата на земјиштето, а други не чуле за тоа.

„Партиски е доделена земјата, а за нас ништо. Барем да се поделеше земјата на тие што се вистински земјоделци.“

„Се прави обид на нелегален начин имот на Македонија да се префрли во приватни раце.“

„Јас не сум чул за такво нешто. Нема таква работа“, велат земјоделци.

Николовски додава дека имало и злоупотреби кај субвенциите, односно оделе кај лица кои не ги заслужувале, па најавува и ред други контроли во Министерството.

„Субвенциите во еден дел одеа кај луѓе кои не ги заслужуваа, спротивно на соодветни постапки. Затоа цврсто стојам на сите ревизии, неселективно, бескрупулозно ќе се спроведат ревизиите на тоа како е доделувано државното земјиште, а со Светска банка и со делегацијата на ЕУ веќе се започнати други две анализи во рамки на Министерството и тоа за функционална анализа на самото Министерството и за импактот на субвенциите“, рече Николовски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG