Достапни линкови

„Раздели, па владеј“ е балканската карта на Москва


Старо-новиот ас од ракавот на Кремљ
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00

Старо-новиот ас од ракавот на Кремљ

По предупредувањата од странство за руски обиди за мешање во стратешките одлуки на Македонија и регионот, последните десетина дена и од Македонија доаѓа аларм дека Москва на Балканот може да игра на картата „Раздели, па владеј“.

Лондон, Вашингтон, Брисел... медиуми, експерти, политичари... многупати повторија: Русија постојано се обидува да влијае на слободната волја на земјите од Западен Балкан.

Сега, подиректно од кога било, на минатонеделната безбедносна конференција во Охрид, и во Македонија гласно се изговори: Официјална Москва и понатаму ќе се обидува да има свое влијание во Македонија и во регионот. Дел од нив посочуваат дека Кремљ може да игра на картата „Раздели, па владеј“.

Експертите велат дека добрите односи треба да се негуваат и со земјите од запад и со земјите од исток, но дека не треба да се заборави дека веќе две децении стратешка определба на Македонија се евроатлантските интеграции, односно зачленувањето во НАТО и во ЕУ.

Дујовски: Русија не е наш стратешки партнер

Универзитетскиот професор Никола Дујоски по конференцијата изјави дека нашите стратешки партнери не се Русија и Кина и дека можат преку нас да бараат остварување на своите геостратешки интереси.

„Нашиот пат е кон НАТО и јас очекувам многу повеќе да има инвестиции од Германија и од Франција. Франција ја има новата стратегија за Балканот која станува оперативна и ќе почне да фунцкционира во наредниот период. Француската банка за обнова која до сега беше активна само на Африканскиот континент сега ќе биде активна и на Балканот. Тоа се нашите стратешки партнери. Не се Русија и Кина. Тие може преку нас само да си бараат остварување на сопствените геостратешки интереси“, рече Дујоски.

Даскаловски: Се остава вакум простор

Универзитетскиот професор Жидас Даскаловски ја коментираше руската политика кон Западен Балкан и конкретно Македонија од аспект на напорите за добивање датум за старт на преговорите на Македонија со ЕУ.

„Треба да се размисли во рамките на односите Скопје-Брисел бидејќи секое одложување на процесите на интегрирање на Македонија во ЕУ дава прилика за поголемо вијание на Русија и на други големи сили како Кина и Турција. За жал, во ЕУ нема некое големо расположение за брзо проширување и брзо отпочнување на преговорите.Така што се остава еден вакум простор“, рече Даскаловски.

Лофтус: Москва е семе на раздор во регионот

Професорката по безбедност Сузан Лофтус, на истата конференција, беше многу подиректна и уште покритична кон политиката на Москва кон Западен Балкан.

„На некој начин, Русија работи според принципот подели, па владеј и е семе на раздор во регионот“, изјави професорката Лофтус.

Според учесниците на Конференцијата, Македонија, и покрај сите надворешни влијанија, мора да се демократизира на сите полиња и да се искористат сите аргументи пред европските челници за добивање датум за старт на преговори за членство во ЕУ.

И во извештајот на Европскиот совет за надворешни односи, насловен „Дали Западен Балкан се соочува со руска бура?“, се предупредува на можен московски план - „раздели, па владеј“.

„За ширење на своето влијание во Западен Балкан, Москва во својот план вклучува и настојува целосно да искористи три класични стратегии: Раздели, па владеј, придобивање на елитите и искористување на нереалните очекувања“, стои во заклучокот на извештајот на Европскиот совет за надворешни односи.

XS
SM
MD
LG