Достапни линкови

Протести на административците кои останаа покусо


Протест на вработените во Министерството за култура за повисоки плати. По два протести пред Министерството за финансии, тие сега протестираат пред владата
Протест на вработените во Министерството за култура за повисоки плати. По два протести пред Министерството за финансии, тие сега протестираат пред владата

Во здравството се зголеми само минималната, но не и другите плати, па сега и медицинските сестри се на минималец. Административците во културата бараат исто покачување од 30 отсто како и за нивните колеги во Министерството за финансии. Во финансии, пак, велат дека нивните плати се зголемени „поради специфичните работни задачи и посебна одговорност“.

Вработените во јавниот сектор, кои добија многу мало или никакво покачување на платите по растот на минималната плата, протестираат за повисоки плати. Велат не може за едни да има покачување, за други да нема.

Ако до денеска не добијат потврда дека ќе биде потпишан Анексот на колективниот договор за здравство, за да им се покачат платите, утре на протест ќе излезат здравствените работници.

Владата донесе одлука минималната плата од овој месец да се зголеми од 18 на 20.175 илјади денари. Но, покачување на платите ќе добијат само тие што имале под 20 илјади денари.

Во Синдикатот велат дека сега се изедначуваат платите на сите пет најниско платени категории во здравството, односно 11 илјади луѓе ќе работат за минималец.

Слободанка Грнчароска, медицинска сестра од Клиничката болница Тетово, вели дека втор пат се покачува минималецот, а платите на медицинските сестри остануваат исти, што е недозволиво.

„Знаете каква е состојбата во државата. Сите се жалат од инфлацијата, ама во другите сектори на некој начин се покачи платата, во здравството не. Значи, покачување во здравството мора да има, не може да бидат израмнети со минималната плата“, вели таа.

Метлата и сапунот изедначени со инфузијата и инјекцијата

Доктор Симон Силјановски, почесен претседател на Синдикатот за здравство, претходно реагираше дека тоа е недозволива ситуација.

„Метлата и сапунот се изедначуваат со инфузијата и инјекцијата, дури има сестри што ќе бидат помалку платени, а има појави кога сестри викаат сакам да бидам чистачка, не сакам да се тресам над пациентот да не ми направи емболија, алергија – комплетна деструкција заради непочитување на колективниот договор ќе доживеат 11 илјади луѓе“, рече тој.

Од владата пред две недели сигнализираа дека во буџетот не се предвидени пари за зголемување на платите.

Покачувањето на платите за вработените во Министерството за финансии и во Собранието го зголеми незадоволството кај останатите административци. Платите на вработените во Министерството за финансии беа зголемени за 30 проценти преку Законот за буџети.

Собраниските службеници добија покачување преку Законот за Собрание.
Вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за заштита на културно наследство на протест бараат потпишување на Колективен договор и покачување и за нив. Тие обвинуваат за селективност и прашуваат што се тие покусо.

„Сакам да го прашам Министерот за финансии Фатмир Бесими дали оваа група вработени работи помалку сложени работи од вработените во Министерството за финансии“, рече Бојан Трипуновски од Синдикатот на вработените во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Во Министерството за финансии ни одговорија дека нивните плати од почетокот на оваа година се регулирани со Законот за буџети, „поради специфичните работни задачи и посебната одговорност што произлегува од работното место, односно работни задачи на вработените кои се поврзани со планирање и извршување на Буџетот за сите државни институции, треба да добиваат надополнување на редовната плата“.

Министерството за финансии претходно ја правдаше одлуката за повисоки плати со стравувањето дека ќе останат без вработени, бидејќи си давале откази, оти земале најниски плати.

Платите ставени на јавна расправа

Тие велат дека ова прашање треба да се решаваат со системско одржливо решение и оти Законот за плати во јавниот сектор веќе е ставен на јавна расправа.

Во владата велат дека 27 илјади вработени во јавниот сектор ќе добијат повисоки плати поради растот на минималната плата, но синдикатите реагираа дека ќе останат 110 илјади вработени што нема да добијат никакво усогласување.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека платите може да се решаваат и преку закон, но оти е подобро да се решаваат преку Колективни договори, зашто вака зависат од тоа кој колку успеал да излобира.

„Системски треба да се решаваат проблемите, бидејќи овој диверзитет којшто се појавува сега во различни јавни сектори и потсектори создава незадоволство кај луѓето, создава во одредена смисла и дискриминаторски аспект“, вели тој.

Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа. Трошоците за живот во февруари биле за скоро 17 отсто повисоки од пред една година, а храната е поскапа за 25 отсто. Просечната плата достигна скоро 34 илјади денари и е за 13 отсто повисока од лани, но поради инфлацијата реално вреди помалку.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG