Достапни линкови

Протести и штрајк во Израел, Нетенјаху ќе ја одложи расправата за судската реформа


Демонстрантите се судрија со полицијата за време на протест против судските реформи на израелската влада во Тел Авив, Израел на 27 март 2023 година.
Демонстрантите се судрија со полицијата за време на протест против судските реформи на израелската влада во Тел Авив, Израел на 27 март 2023 година.

Крајно десничарската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со повеќе протести и генерален штрајк, поради плановите на властите да направат ревизија на правосудниот систем. Нетенјаху ќе ја одложи расправата за следниот месец.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја одложи расправата за контроверзната судска реформа за наредниот месец, се вели во соопштение на крајно десничарскиот коалиционен партнер во владата, партијата „Еврејска моќ“, објавено на 27 март.

Во соопштението се вели дека законот ќе биде поместен за наредната седница на израелскиот парламент за „реформата да помине преку дијалог“. Парламентот наредната недела заминува на одмор поради празникот Пасха.

Нетанјаху требаше да и се обрати на нацијата на 27 март, еден ден откако го разреши својот министер за одбрана, по што избувнаа масовни протести. На 27 март најголемата Унија на синдикати во земјата повика на штрајк. Претседателот на Израел, Исак Херцог повторно побара итен прекин на пакетот реформи „заради единството на народот на Израел“.

„Во име на единството на израелскиот народ, во име на одговорноста, ве молам веднаш да го запрете законодавниот процес“, напиша Херцог на Твитер рано утринава, во апелот до екстремно десничарската коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Потоа израелскиот премиер твитна со повик за единство и го отфрли насилството.

„Ги повикувам сите демонстранти во Ерусалим, од десната и од левата страна, да се однесуваат одговорно и да не користиме насилство. Ние сме браќа“, твитна Нетанјаху во понеделникот.

Коалицискиот партнер на Ликуд на Нетанјаху, Итамар Бен-Гвир, утринава на Твитер напиша дека Владата мора да продолжи со судските реформи и „не смее да им се предаде на анархистите“, по синоќешните масовни протести.

„Џерусалим пост“ јавува дека граѓани утрово повторно демонстрираа пред Парламентот и домот на министерот за економија.

Демонстрантите се судрија со полицијата за време на протестот против судските реформи на израелската влада во Тел Авив, Израел на 27 март 2023 година.
Демонстрантите се судрија со полицијата за време на протестот против судските реформи на израелската влада во Тел Авив, Израел на 27 март 2023 година.


Во меѓувреме, беа прекинати и летовите од аеродромот во Тел Авив, а најголемиот синдикат во Израел почна национален штрајк во повеќе сектори, приклучувајќи се на протестите против планот на владата за реформи во судството. На штрајкот се приклучија и двете главни пристаништа во Израел.

Пристаништата Хаифа и Ашдод во одвоени изјави рекоа дека работата е запрена откако главниот израелски синдикат најави генерален штрајк претходно во понеделникот додека премиерот Бенјамин Нетанајху не ги прекине судските реформи.


Најголемиот синдикат во Израел претставува околу 700 илјади работници во здравството, сообраќајот, банкарството и многу други области.

„Повикувам на генерален штрајк. Од моментот кога ќе заврши оваа прес-конференција, државата Израел се стопира“, рече претседателот на Унијата на синдикати, Арнон Бар-Давид во телевизиско обраќање.

Демонстрантите со месеци ги критикуваа како закана за израелската либерална демократија предложените промени, кои ќе ги ослабат овластувањата на судството. Нетанјаху и неговите сојузници, екстремно десничарските и ултраортодоксните партии, велат дека планираната реформа е неопходна за да се врати рамнотежата на силите меѓу пратениците и Врховниот суд, кој го сметаат за политизиран.

Во Израел вечерта на 26 март избувнаа протести откако Нетенјаху го смени министерот за одбрана, Јоав Галант, откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чии клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена.


Протести се одржуваат секоја недела откако владата на Бенјамин Нетанјаху, една од најдесните во историјата на Израел, во јануари предложи план за реформи кој ја подели земјата.

Реформата, која поттикна загриженост дома и во странство, треба да го зголеми влијанието на пратениците врз судовите. Нејзините критичари истакнуваат дека тоа ги загрозува демократските принципи на израелската држава.

Белата куќа истакна дека претседателот Џо Бајден неодамна му рекол на Нетанјаху дека „демократските вредности отсекогаш биле, и мора да останат, белег на односите меѓу САД и Израел“.

Германската Влада исто така изрази загриженост поради ситуацијата во Израел.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG